Ако се молчи за „слонот во собата“, слонот нема да исчезне!

22.02.2018 03:45
Ако се молчи за „слонот во собата“, слонот нема да исчезне!

Грција има проблем со идентитетот на луѓето на кои не им дозволува да се вратат во нивните родни места, затоа што не сакаат да се изјаснат како „Грци по род“.

Грција има проблем со признавање на етничко-македонско малцинство и со човековите права на луѓето кои се изјаснуваат како Македонци, а се родум од Грција.

Тоа им е јасно и на антрополозите кои ја напишале оваа книга, кои укажале дека контроверзите околу името докажуваат дека „раните од Грчката Граѓанска војна не се потполно заздравени“.

На антрополозите им е јасно дека најголем дел од „децата бегалци“ се изјаснувале како Македонци и дека имаат развиен „силен македонски идентитет“ во кој „Македонец“ и „Грк“ се заемно исклучиви категории, кои упатуваат на народи со различни национални идентитети.

И тука лежи зајакот, пардон, „слонот во собата“!

Дел од тие деца бегалци, кои сега живеат во Канада, Австралија, Македонија... на кои им било ускратено правото да се вратат во родните домови во Грција, сега се најголеми противници на постигнување спогодба со Грција и водат жестока кампања за неменување на името во Македонија.

Сепак, мое лично мислење, како активист за човекови права, е дека борбата за признавање и за индивидуалните човекови права треба да се води во Грција.

И кампањата што ја водат „децата бегалци“, иселените Македонци од Грција и нивните потомци треба да ја водат во Грција, а не во Македонија и таа не треба да биде националистичка, туку кампања за човекови права.

Националистичките кампањи не помагаат во борбата за човекови права, туку битката на индивидуи против дискриминаторските закони, политики и институциите на системот кои ги ускратуваат правата.

Извор: Фејсбук профилот на авторот