Албанците исчезнуваат?

22.02.2018 03:16
Албанците исчезнуваат?

Една од најраширените расистички предрасуди за Албанците во земјите од поранешна Југославија е онаа за нивниот наводно шокантен репродуктивен потенцијал. Тој мит, пред сѐ, со децении служеше за системска дехуманизација на најсиромашните жители на поранешната федерација, но потоа „објаснуваше“ и многу повеќе. Така, растот на албанската популација е нуден како виновник за српското „губење“ на Косово, причина за работничката миграција на косовската и македонската популација кон тогаш побогатите републики Хрватска и Словенија, и најпосле - парадоксално - како причина за самата неразвиеност на Косово. Приказната дека „порадо прават деца отколку што работат“ беше класична „мантра“ во земјата во која паролата за „братство и единство“ секогаш најмалку важеше за оваа несловенска „народност“.

Во сето тоа нема ништо необично. „Културолошката“ мистификација на причината за територијалната нееднаквост е класичен одговор на општествата кои не успеале да се соочат со неуспесите на сопствените пазарни стратегии за развој. Доволно е да потсетиме само на антигрчката хистерија во Германија и нејзе потчинетите земји во текот на последната должничка криза. Но, последните години ни Косово ни Албанија не можат да ја избегнат демографската катастрофа која го погоди целиот Балкан и добар дел од Источна Европа. Ситуацијата е особено сериозна во Албанија, која од доцните 1980-ти изгуби 15% од населението, додека податоците за Косово се многу понесигурни, но и таму прв пат по 1940-тите е забележан значителен пад. Главната причина, секако, е емиграцијата.

Земја на раб на глад

Овие земји, меѓу другото, предничат на континентот по бројот на баратели на азил во ЕУ како и малолетни недокументирани мигранти без придружба. Но, треба да се забележи и дека во двете земји стапката на наталитет последниве години падна под онаа во земјите на Западна Европа без овие балкански земји да доживеат вистинска „демографска транзиција“. Со други зборови, намалениот наталитет овде не е последица на урбанизацијата и индустријализацијата. Токму обратно: додека претходните генерации, и покрај разликите во политичките системи на СФРЈ и Албанија, за време на Студената војна можеа да бидат сигурни дека нивните деца ќе живеат барем малку поудобно од нив, денес сите потенцијални родители можат да бидат сведоци на постојаната деградација на здравствената и станбената сигурност, и сугурноста на вработувањето.

Меѓу застрашувачките податоци кои секојдневно ни ги нуди балканската хорор-статистика, неодамна е објавен и еден кој е посебно индикативен. Имено, според Организацијата на ОН за исхрана и население, во Албанија денес речиси 300 илјади луѓе (повеќе од 10 отсто од населението) не можат редовно да обезбедат доволна количина храна за себе и своите деца. Случајно или не, тоа се речиси исто толку луѓе кои во последните десетина години ја напуштиле земјата.

Извор: Bilten