Лидија Кринзер Радоевиќ: Фластер не може да заздрави отворена рана

22.02.2018 15:23
Лидија Кринзер Радоевиќ Фластер не може да заздрави отворена рана

Интервју со Лидија Кринзер Радоевиќ, теоретичарка и активистка на организацијата за права на културните работници IG Kultur Steiermark.

Како би го дефинирале поимот цивилно општество? Дали тоа е општествена формација, општествена сфера или нешто трето? Од каков политички имагинариум потекнува, дали е автономен или зависен, што му обезбедува легитимитет?

Приказната за цивилното општество е приказна за структурирањето на капиталистичкото општество и таа е неизбежен дел од политичкиот имагинариум на капиталистичкото општествено уредување, во кое можеме да направиме поделба помеѓу капиталистите, кои од економска перспектива ја имаат моќта над средствата за производство, државата, која има моќ над правниот и репресивниот орган, и најпосле цивилното општество, организирано како мрежа од различни хетерогени и фрагментирани општествени субјекти кои исто така се во меѓусебно конфликтни позиции. Имено, цивилното општество е структурно место кое во капиталистичките општества е отворено за мобилизирање и формирање на одредено јавно мислење, со што обезбедува легитимитет во имагинариумот на либералниот поредок.

Важно е да се разбере цивилното општество како историски, но и политички концепт на капиталистичките општества. Самоорганизацијата на цивилното општество и неговата развиеност зависат од економските услови, од неговиот историски пат и историското искуство; значи, не можеме да зборуваме за цивилното општество како за еднообразен, аисториски концепт – нужно е да се специфицира и промислува во рамки на конкретните општествени борби.

Прашањето за автономијата на цивилното општество е политички погрешно и аналитички непродуктивно зашто општеството како целина подразбира испреплетеност на различни процеси и односи меѓу различни општествени актери. Значи, не е можно да се зборува ни за автономијата на самата држава како генерална општествена метаинституција, ниту за автономијата на цивилното општество. Треба да се разбудиме од либералниот сон за автономни општествени сфери.

Во Југославија како релативно развиени политички и теоретски платформи дејствуваа различни алтернативни општествени движења (феминистичкото, еколошкото, мировното, ЛГБТ...), додека самиот концепт на цивилно општество каков што го познаваме денес е увезен мошне доцна... Во тој контекст, каква беше ситуацијата во Словенија во осумдесеттите?

Важно е да се има предвид дека критиката на самоуправниот социјализам се вршеше во рамки на неговите организации и структури, но и дека организациите, кои ја практикуваа оваа само номинална лева критика, воедно придонесоа за уништување на тој социјализам и таквата институционална структура. Социјалистичкиот систем немаше цивилно општество во класична смисла од едноставна причина – беше поинаку институционално и идеолошки организиран. Но, тоа не значи дека не беше можно да се критикува. Би требало да посветиме поголемо внимание на анализата какви политички имагинариуми активирала употребата на ознаката „цивилно општество“ и до која мера тоа влијаело на општествената динамика во Словенија во осумдесеттите, а потоа и на подоцнежната реинституционализација и настаните во деведесеттите.

Од примерот на социјалистичка Југославија, или барем она што се случуваше во Словенија во осумдесеттите, можеме да видиме дека увозот на идеолошки концепти, како цивилното општество, кое во Словенија се појавува како теоретски концепт во раните осумдесетти, за политичката артикулација на општествените проблеми има амбивалентни општествени импликации. Иако цивилното општество го воведоа марксистички едуцирани теоретичари, не може да се каже дека тоа беше сосема марксистички позиционирано. Промоцијата на идејата на цивилното општество во рамки на социјализмот, артикулирана како критика на политичкото уредување на социјалистичкото движење, во осумдесеттите кореспондираше со промоцијата на идејата за слободен пазар како критика на економскиот социјалистички поредок. Двете идеи кон крајот на осумдесеттите добија сопствена правно-формална подлога; во економската област, во промената на законот за општествена сопственост (1989), работните односи (јануари 1989), надворешните инвестиции (декември 1988) и претпријатијата (декември 1988), додека во политичката сфера доаѓа до партиски плурализам и изборна борба. Би рекла дека успешноста на цивилноопштествената критика на социјалистичките поредоци и проблемите во осумдесеттите, од марксистичка перспектива е мошне сомнителна.

Кога зборуваме за Словенија, цивилното општество во осумдесеттите главно беше организирано преку инфраструктурата која ја воспостави социјализмот, а дејствуваше на некои сосема поинакви организациски темели и преку значително поинакви општествени односи. Солидарниот момент кој често го глорификуваме и копнееме по него и денес, односно фактот дека меѓу разновидните иницијативи – феминистичките, ЛГБТ, мировното движење, алтернативните културни продукции – се воспостави соработка и се формираше заедничка политичка линија, беше изводлив заради специфичниот институционален аранжман кој го овозможи таквиот вид организирање преку структурата на самоуправниот социјализам, на пример, Сојузот на младината на Словенија. Последниов, со бројните иницијативи кои му беа на располагање ја создаде својата физичка и финансиска инфраструктура. Во Љубљана тоа беа ШКУЦ и Форум, како простори за активистичко и уметничко дејствување и просторите на младинските центри во кои се одржуваа различни продукции, но и се артикулираа некои нови теми. На пример, значајниот крос-овер настан на таканаречената љубљанска алтернатива, со наслов „Што е алтернатива?“, се случува под закрила на младинските организации и во нивните простори, а резултираше со артикулација на актуелни општествено-политички теми.

Каква е темелната разлика помеѓу стуктурата на цивилноопштествената сфера во социјализмот и денешната ситуација? Мислите дека во рамки на цивилното општество денес е можно да се воспостави врска со општествените движења и класното прашање?

Занемарувањето на работничкото и класното прашање во рамки на човечко-правниот имагинаруим произлегува од тоа што во капитализмот преовладуваат барањата за политички права, додека социјализмот им даваше предност на економските и социјалните права. Во постјугословенските земји тој дискурс беше водечки и со него се оспоруваше социјализмот како легитимен општествен систем, а на ист начин учествуваше и во неговото уништување. Истиот дискурс сè уште се користи за оспорување на повторното промислување на социјализмот како алтернатива на капитализмот. Во нашите локални контексти особено е важно да се нагласи дека заборавот на развиениот дел, кој е врежан во човечко-правниот дискурс (а, станува збор за периодот кој на одредено ниво претставуваше авангарда и во однос на денешните општества), се враќа на критиките кои веќе немаат легитимитет. Дисквалификувањето на политичката атрикулација на борбата за поголема економска еднаквост и демократија, како пат во тоталитаризам, во контекст на ненадејното стеснување на политичкиот простор од кризата па натаму, затоа веќе нема агитациска моќ.

Денес, во време на длабочински општествени промени и барање алтернативи, дистинкцијата помеѓу социјалните и политичките права повторно добива значење. Како корисници и сопственици на политички права, можеме да се здружуваме како разновидни политички актери, додека просторот за поставување прашања за нашите економски и социјални права се затвора. Да ја земеме за пример таканаречената бегалска криза, каде на луѓето кои доаѓаат системски им се оспоруваат нивните економски и социјални права – правото на работа и благосостојба, односно задоволувањето на основните животни потреби, а истовремено се класифицираат како „економски мигранти“.

Социјализмот, а особено југословенскиот социјализам, беше конгломерат кој се состоеше од делегатски систем и институции преку кои можеше да се спроведува некакво јавно мислење. Не смееме да заборавиме дека актерите од таканареченото цивилно општество во Словенија впрочем беа малобројни. Значи, се работеше за релативно мали групи, но тие можеа да ги наметнат своите проблеми и полесно да влезат во јавниот дискурс зашто имаа можност да дејствуваат преку институционалните канали, како организациите на Сојузот на младината на Словенија.

Имено, Сојузот на младината во самоуправниот систем сепак беше една од петте темелни општествено-политички организации.

Прашање е колку таквите иницијативи ќе станеа видливи и одржливи ако немаше институционална поддршка. Приказната за панкот во Словенија е приказна за усогласувањето. Кратката епизода на репресијата над панкерите на почетокот од осумдесеттите брзо се претвори во „конструктивна опозиција“ под закрила на Сојузот на младите. Младинските организации управуваа со просторите кои ѝ беа достапни за користење на таканаречената алтернатива. Финансиската и инфраструктурната поддршка за која се борат денешните организации од цивилното општество во капиталистичките општества и затоа имаат големи проблеми, во социјализмот беше поинаку обезбедена.

Темелната разлика помеѓу дејствувањето на цивилното општество во социјализмот и денес е видлива во степенот на автономија на политичкото одлучување. Денес во државите членки на Европската унија е можно да се воочат два проблема кои ги засегаат организациите на цивилното општество (ОЦД). Од почетокот на кризата од 2007-8 година па наваму, се соочуваме со драматична ерозија на политичкиот простор, авторитарен пресврт на ниво на држава и проблем за лоцирање на местото на одговорност за она што ни се случува. Од една страна, донесувањето одлуки засилено се интернационализира преку институциите на Европската унија и се одвојува од местото на имплементација, со што локалните парламенти сè повеќе се претвораат во административни имплементациски тела, а со тоа се губат местата на кои се донесуваат одлуки за локалното општествено уредување. Од друга страна, пак, се врши децентрализација на јавниот дискурс – класичните медиуми го губат значењето, а социјалните мрежи ги нарушуваат преостанатите новинарски стандарди за квалитетна и јавна комуникација.

Заради споменатите процеси, на организациите на цивилното општество им е многу потешко да дојдат до влијание зашто нивниот политички момент е сосема занемарлив. Меѓутоа, нивната дејност во бројни примери се користи како аргумент за демонтажа на социјалната држава. Бидејќи одредени републики и нивните институции во самоуправниот социјализам имаа силна автономија во политичкото одлучување, мислам дека впрочем е невозможно да се прави компарација меѓу сферата на „цивилното општество“ во осумдесеттите и денес.

На кој начин се трансформираше дејствувањето на организациите на цивилното општество (ОЦО) во Словенија од осумдесеттите наваму, со нагласок на трансформативните процеси кои се одвиваа на полето на културата? Дали можеме да воспоставиме аналогија помеѓу сетот економски и општествени односи кои доведоа до пресврт во начините на културната репродукција и силите кои влијаеја на модусот на институционалното производство во сферата на цивилното општество?

Еден од поважните настани кои на почетокот на деведесеттите веќе се одвиваа во Словенија беше усвојувањето на Законот за заводите, со кој се воспостави разлика помеѓу приватните и јавните заводи. Од крајот на осумдесеттите постоеше општествената сопственост и беше потребно да се воведе разлика помеѓу приватното и јавното. Законот за заводите со тоа овозможи воспоставување на сферата на цивилното општество и нејзино институционално организирање. Значи, разликуваме класични организации како приватни субјекти, односно правно-формални организации на цивилното општество, наспроти кои се јавните институции преку кои државата се репродуцира како тоталитет. Сметам дека донесувањето на тој закон беше важен настан зашто формално-правната поделба на јавно и приватно, од една страна го воспостави цивилното општество, а од друга капиталистичката држава. Колку бил значаен овој акт најдобро можеме да согледаме во полето на културата, каде оваа поделба пред сè го легализираше дејствувањето на културните продуценти кои добија статус на приватни актери, а со тоа и правна основа за својата продукција, односно економски опстанок. Истовремено, оваа трансформација имаше повратен учинок на размислувањето за културата и нејзиниот општествен статус.

Додека во социјализмот културата има големо значење за еманципацијата и едукацијата на луѓето, со преминот во капитализам новите продукциски услови почнуваат да ја диктираат општествената улога на културата и нејзините учиноци. Поделбата на јавни и приватни културни институции и борбата за (најмногу јавни) средства за производство, ја одредуваат општествената положба и политичката артикулација на културните актери. Во контекст на локалниот национализам, поделбата на јавно-приватно добива нова димензија преку поделбата на конзервативно-либерална основа. Потребно е да се нагласи дека во Словенија во почетокот на деведесеттите доаѓа до моќен националистички, конзервативен пресврт, во чии рамки јавните (но и некои приватни) културни институции репродуцираат главно националистички дискурс. Во тој контекст дејствувањето на либерално ориентираните културни институции, повеќето од таканаречената независна културна сцена, организирани главно преку приватни организации, е мошне значајно за обликувањето на антинационалистичките и мировните позиции. Сепак, и покрај големата разлика во светогледот, двете опции ги игнорираат последиците од продукциската нееднаквост, а почетоците на тоа се уште во осумдесеттите.

Бројни организации од цивилното општество заради финансиската одржливост денес се неизбежно насочени кон пазарот на проекти, со што визијата на нивниот општествен ангажман структурно се условува и обликува преку парцелизирани наративи, наместо преку искуството од работата на терен или темелот на проблематизирањето на тоталитетите на општествените односи во процесот на политичката едукација. Како тоа се рефлектира на практиката за регрутирање, едуцирање и мобилизирање кадри, и до која мера ваквата репродукција на ангажираните сегменти од цивилното општество е во состојба да учествува во длабоката трансформација на општествените односи?

Денес во Словенија владее голема носталгија за одреден вид здружено движење и дејствување. Причината за тоа е што од деведесеттите наваму приватните актери стануваат речиси сосема зависни од сопствената реализација на пазарот, каде, со оглед на тоа дека главно се работи за непрофитно организирање и најчесто активистички теми, едноставно нема доволно место. Меѓутоа, овие актери мошне често и не сакаат да бидат акции на пазарот и затоа порадо се приближуваат кон јавното финансирање или приватните донации, фондациите и слично. На дело е постојана неизвесност, како организациска, така и продукциска. Последично, ОЦО токму заради начинот на финансирање се принудени да ги спроведуваат капиталистичките односи во својата продукција. Но, прашањето е на кој начин некоја антикапиталистичка организација од цивилното општество воопшто може да дејствува во услови на капиталистичко производство. Тоа е проблем за локалните, како и за глобалните, големи антикапиталистички организации на цивилното општество и затоа често се сметаат за предавници на одредени идеи, агенти за одржување на системот и слично. Во одредена смисла тоа е во ред, но истовремено се поставуваат низа сериозни прашања – на кој начин да се адресира тој проблем во мошне стеснетиот политички простор и како да се одржат и да работат на одредени теми кога немаат материјална основа, институционална основа, финансиска основа и кога секогаш одново мораат да промислуваат и да воспоставуваат нови организациски модели?

Понатаму, конкурсите за добивање јавни финансии се обликувани така што го обликуваат пазарот. Можеби тоа е највидливо на полето на културата, каде структурен факт е дека индивидуалните организации во конкурсната инфраструктура се конкуренција едни на други. Односите на компетитивност се воведуваат преку самите барања на конкурсите, односно критериумите што ги воспоставуваат таквите односи, оневозможувајќи секаква солидарност и нови модели на дејствување. Треба да се каже дека нетворкингот не е солидарност, подеднакво како што ни кооперациите не се солидарни модели на продукција. Се работи за два мошне проблематични облици на соработка, особено во културата, кои промовираат своевидно зајакнување на културниот сектор, иако ниеден од нив не создава односи на солидарност, ниту се темели на нив. Networking и cooperation се клучни зборови на сите конкурси за добивање финансиски средства на ниво на Европската унија. Но, евалуациските студии на тие програми, како и научните анализи, покажуваат дека двата облици на организација имаат само формален учинок. Имено, за културните организации поврзувањето пред сè е тактика за преживување и се применува само како форма за спроведување на сопствените цели, додека воведувањето односи на солидарност меѓу различни културни организации влијаело и на создавањето содржини, а значајно го променило и начинот на продукција на сите вклучени. Значи, и покрај клучните зборови, односите на компетитивност кои се во темелот на сите конкурси структурно го оневозможуваат организирањето на некоја поширока општествена платформа.

Државните грантови во регионот насочени кон организациите на цивилното општество, впрочем се само трошки во споредба со капацитетите на социјалните држави кои се главно растурени. И покрај тоа, сегменти од цивилното општество се обидуваат делумно да надоместат одредени помалку финансирани или изумрени услуги за хуманитарно да интервенираат кај оние делови од населението кои не успеваат да ја остварат сопствената репродукција преку пазарните опции. Колку ваквите практики за воспоставување паралелни структури можат да бидат дел од одговорот на изумирањето на јавните механизми за општествена репродукција?

Од доцните деведесетти, цивилното општество и организациите на цивилното општество доживуваат голем пресврт. Ако претходно имале значајно место во академските дискусии и барем номинално критикувале од позиција на левица, кон крајот на деведесеттите стануваат институционален механизам за различни политики и оперативен дел од програмата за развојна помош на Светската банка и останатите меѓународни институции. Промоцијата на ОЦО (организациите на цивилното општество) како сектор за поддршка на општествената репродукција е параден коњ во политиките на меѓународните институции. Тоа е дел од неолибералното реструктуирање на државите кон класичното поимање во кое државата останува ограничена на своите репресивни апарати – правото, полицијата и војската – додека својата општествена улога и механизмите кои би требало да ја обезбедат општествената репродукција, се пренесуваат на приватниот сектор, во чии рамки дејствувањето на ОЦО е клучно. Тоа не е ништо ново: државите од таканаречениот глобален Југ веќе одредено време живеат во таква реалност, а со новиот бран на неолиберализацијата трендот за демонтажа на социјалната држава се сели и во државите од Европската унија.

Овој опасен тренд го следиме во Словенија од 2008 година во сите општествени области, а видлив е и во Хрватска – државата постепено ја пренесува одговорноста за општествената кохезија на приватните актери чии капацитети не можат да ги задоволат споменатите барања, финансирајќи го тоа преку проекти и останати модели кои немаат ни стабилност ни континуитет, а што е најлошо, со тоа паралелно се разбиваат јавните секторски стожери како што се социјалниот или здравствениот систем, културата, образованието итн.

Од друга страна, државата ја организира општествената стабилност преку други механизми, најчесто механизмите на принуда. Во игра е нешто од кое најмногу треба да се плашиме на левицата зашто се работи за нов степен на дејствување со мошне тесен политички маневарски простор, и мошне фрагментирана институционална основа за создавање колективност и критика на системот. Јавниот сектор како огромен институционален конгломерат, од една страна физички се намалува преку споменатите процеси, додека од друга се трансформира одвнатре, со воведување на доктрината на таканаречениот new public management, која дејствувањето на јавните институции го претвора во дејствување на приватни фирми. Сведоци сме на вакви процеси во сите јавни институции, од болници и универзитети до градинки и комунални служби. Во таква ситуација, ОЦО често дејствуваат како супститути кои преку своите ограничени капацитети се обидуваат да ги корегираат катастрофалните општествени последици на овој проблем. Меѓутоа, фластерот не може да ја заздрави отворената рана.

Од цивилното општество допираат гласови кои сè позачестено и попостојано проговараат за прекаризацијата и автопрекаризацијата на активистите во одредени организации. Дали постои доволна хомогеност во сферата на цивилното општество и поединечните организации, врз чија основа би можеле да изречеме недиференцирана дијагноза за условите за работа која би била подеднакво применлива на целиот сектор?

Во моментов, кога живееме во капитализам, организациите на цивилното општество се важни, но никако не се доволни за лева политичка артикулација и нивната структурна позиција не дозволува хомогенизација. И покрај тоа, нивната структурна позиција бара конкуренција која се одвива токму преку fundraising, инсистира на борба во полето на интересите, во давање предност на одредени теми и слично. Иницијативите најчесто дејствуваат преку работата на партикуларни теми, и впрочем администрираат одредени класни проблеми. Значи, се работи за парцелизирање и артикулирање проблеми за кои се прави обид да се протуркаат на ниво на практика како некаков policy предлог, наспроти државата. Дијалогот помеѓу државата и ОЦО преку формирање различни политики го обликува либералниот општествен поредок, кој со постепениот авторитарен пресврт на ниво на држава е повторно загрозен. Затоа сметам дека преку цивилното општество можеме да ја бараме можноста за револуционерно дејствување.

Сметам дека конкретните практики можат да иницираат многу добри иницијативи и идеи, и тоа, како што гледаме, на постјугословенскиот простор, пунктуално и се случува. Се повторуваат иницијативи кои знаат да бидат конструктивни и да создаваат нови врски, но мислам дека позначајно зајакнување преку дејствувањето на ОЦО не е опција. Дејствувањето преку цивилното општество е важно, зашто во моментов е речиси единствено можно, но треба да бидеме свесни за проблематичностите на неговата структурна положба додека се обидуваме да градиме нешто повеќе, и имајќи го тоа предвид, да ги насочуваме сопственото дејствување и артикулација. Важно е секогаш да се согледаат историските околности во кои се наоѓаме и да бидеме свесни за глобалниот поредок зашто тој влијае на локалното дејствување и може да придонесе некои иницијативи да одиграат важна улога во одреден момент и контекст. Кога ќе се осврнеме на слабата положба и маргиналната позиција која ја имале комунистите пред Втората светска војна, гледаме дека ситуацијата на левицата може да биде и полоша, но тоа не ги оневозможило нив тогаш да се соочат со историските настани, да се постават на вистинската страна и да ја водат политиката.

Графики: Leonilo Dolirocon
Извор: http://slobodnifilozofski.com

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото