1015 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 08:59
Никого јас не претворив во свиња.
Некои луѓе се свињи; јас само им помагам
да си се покажат како такви.
Ми се повраќа од твојот свет
во кој површината го крие тоа што е внатре.
Твоите луѓе не беа лоши;
животот без дисциплина
ги беше расипал. Како свињи,
згрижени од мене
и од моите дами,
веднаш се припитомија.
Потоа ја симнав магијата,
за да ти покажам дека сум добра
исто колку што сум и моќна. Видов
дека може да сме среќни тука,
какви што се мажите и жените
што не бараат многу. Но, со истиот здив
претскажав и дека ќе си заминете,
и дека јас ќе ви помогнам да се соочите
со расплаканото, разбеснето море. Мислиш
две-три солзи ме вознемирија? Пријателе,
секоја волшебница е
практична пред сè; ја гледаш ли суштината,
ги гледаш и границите. Да сакав само да те задржам
ќе те држев ко заробеник.
Превод: Магдалена Хорват
Клитература е дел од радио емисијата ПичПрич што секоја недела се емитува на Канал 103, а која се занимава со женската книжевност и родовите прашања во книжевноста. Рубриката ја уредува Румена Бужаровска.
Луиз Глик (1943) е една од најважните и најнаградуваните современи американски поетеси. „Моќта на Кирка“ е дел од збирката Meadowlands (1997), чиј прв дел е составен од песни тематски посветени на ликови од Одисејата (Пенелопа, Телемах, Кирка), а вториот дел се однесува на приказот на еден современ брак во распад. Според митологијата, Кирка е волшебница која ги претворила другарите на Одисеј во свињи, а потоа го завела, држејќи го при себе цела година. Во „Моќта на Кирка“, Глик се спротивставува на традиционалната сожаллива идеја за напуштената волшебница, давајќи ѝ глас кој ги потенцира нејзината моќ и избор да делува по свое видување.