Медитација за метлата

23.02.2018 02:03
Медитација за метлата

Овој обичен стап, кој толку недостоинствено лежи фрлен во некој заборавен агол, некогаш цветал во шумата. Бил полн со сила, лисја и гранки, а сега, благодарение на досетливоста на човекот кој научил како да ја искористи природата, врзувајќи сноп суви гранки на ова исушено дрво, сега е токму обратно - дрво превртено наопаку, со гранчињата надолу, а корен во воздухот. Сега е осуден да биде роб на секоја слугинка на која ќе ѝ затреба и, по игра на судбината, неговата улога е да ги исчисти другите предмети, а тој самиот притоа да се извалка. Најпосле, искористен до срж од страна на слугинката, завршува исфрлен на улица или бидува осуден на смрт, со што ја исполнува својата последна намена - да послужи за потпалување оган. Кога размислувам на оваа тема, со воздишка помислувам:

„Навистина, човекот е метла!“

Природата го донела на свет силен и моќен, со одлично здравје, со коса на глвата, која лесно можеме да ја замислиме како гранки на билка надарена со разум. И тој е таков сѐ додека секирата на неумереноста не го забрза опаѓањето на неговите зелени гранчиња и не остави само едно исушено стебло. Тогаш тој мора да се послужи со лукавство, па почнува да носи перика, китејќи се така со вештачки прамени коса (покриени со пудра), која не израснала на неговата глава. Но, замислете ја следната сцена: нашата метла, перчејќи се со посмртните остатоци на брезата, кои исто така не израснале на неа, и покриена со прашина, штотуку излегува од собата на една преубава дама. Би ја исмеале и би ја презреле нејзината суета, онака како што луѓето имаат обичај да прават, убедени во сопствената совршеност, а свесни за маните на другите.

Но, можеби ќе речете, метлата е обично дрво кое го држиме за глава кога го користиме. Но, ве молам, што е човекот ако не една креатура превртена наопаку, чии животински особини непрестајно се развиваат во правец на разумот, но неговата глава се влече по прашината! Па сепак, со сите свои мани, тој се покажува како универзален реформатор и уништувач заради сопствена корист. Своите канџи ги зарил во секој нечист агол на природата, изнесувајќи ги на светлината на денот сите нејзини недостатоци и кревајќи прашина таму каде што порано ја немало, секогаш загадувајќи ја својата околина, правејќи се притоа дека ја чисти. Своите последни денови ги поминува робувајќи на жени, и тоа главно на оние кои најмалку го заслужиле тоа, сѐ додека, до срж искористен, баш како и неговата сестра метла, не биде исфрлен на улица или употребен да го запали пламенот на кој други ќе се греат.

 

* * *

 

Андре Бретон за Џонатан Свифт:

Лесно е да се воочи дека „Свифт предизвикува смеа, но не учествува во неа“. Токму на тој начин хуморот, онака како што го разбираме ние, може да изрази некоја возвишена смисла која, според толкувањето на Фројд му е својствена, како што може и да ги надмине класичните комични форми. Во таа смисла, Свифт можеме со мирна душа да го сметаме за зачетник на суровата и мрачна шега. (...) Овој женомрзец, во реалниот живот бил вплеткан во најкомплицирани сентиментални афери. (...) Од почетокот до крајот на својот живот, само за својата мизантропија не можел да најде лек и никакви случувања не можеле да ја ублажат.

 

Превод: Иван Шопов
Извор: Anthologie de l'humour noir
Слика: Augustus Edward Mulready

ОкоБоли главаВицФото