Либералната конструкција на Другиот

23.02.2018 02:23
Либералната конструкција на Другиот

Либерализмот е идеологија која, како што покажа Примож Крашовец во еден текст, го легитимира капитализмот. Неговата историска задача не е првенствено позитивниот проект за афирмација на одредени културни вредности, туку одбрана од комунистичката револуција – таа задача ја споделува со фашизмот, кој воедно е и негов конкурент во таа смисла.

Во тројниот антагонизам либерализам – комунизам – фашизам на ниво на економските прашања, и кога ќе ја изземеме класичната дихотомија на базата и суперструктурата, либерализмот повеќе настапува како сојузник на фашизмот отколку на комунизмот.

Тоа е логично ако земеме предвид дека либерализмот настапува како политичка идеологија во дадени услови на парламентарна демократија која е заснована на строга поделба помеѓу сферата на економијата и политиката. Парламентот е институција која спречува радикални промени во економијата и го штити економскиот ред во неговите темели. Тоа се политичките хоризонти зададени во политиката во рамки на ова општествено уредување.

Сентиментите на мултикултуралноста, сочувството, космополитството во рамки на либерализмот често настапуваат во служба на одбрана на капитализмот, првенствено преку делегитимација на работничката борба во рамки на поединечни национални држави и ги спречува интернационалните, вистинските космополитски заедници на работниците.

Тоа може да се поткрепи во бројни случаи. Неодамна, после изјавата на Трамп за состојбата во некои африкански карибски држави, компанијата Airbnb на својот Фејсбук профил започна серија објави во вид на текстови за тие земји, проследени со слики: стануваше збор за општи туристички места, идеализирани фотографски прикази на природата и елитните сместувања. Одговорот му послужи на Трамп како добра реклама за Airbnb и – предвидуваме – богатите елити од сиромашните земји кои можат да си дозволат стан за издавање. Во истиот момент таа одбрана беше и конструкција на Другиот, кој сега настапува како лишен од очајните животни услови и борба за преживување, како добар, таинствен, неоткриен човек во контакт со примордијалната природа.

Либералниот друг е некако чист и автентичен. Во случајот на бегалците, се работи за луѓе кои по правило се високообразовани, имаат угледни звања од средната класа, а се нашле во пеколни, апсолутни маки – со кои никако не можат да се споредат маките на невработените и културно деградираните во европските земји.

Затоа, европските работници би требало да молчат.

Не оспоруваме дека маките на типичните бегалци се потешки од маките на типичните невработени во Европа, кои имаат обезбедено место за спиење и социјални примања. Меѓутоа, тврдиме дека либерализмот преку создавањето на имагинариумот за целосна поларизација служи како механизам за нивно раздвојување, на штета на двете страни, со што впрочем оди под рака со крајната десница.

Бегалецот е сличен со типичниот либерал (како образован човек од високата странска култура), а воедно и мошне различен од него (културолошки егзотичен, полн со неразбирливо страдање). Тој е распнат помеѓу сличното и различното, секоја од тие крајности ѝ користи на одредена цел – што е типична особина на Другиот. Тој не смее да биде премногу религиозен, премногу конзервативен, премногу сличен на локалните десничарски маси со нивната страшна поп култура, туку мора да се прилагодува на одреден модел.

Со конструкцијата на Другиот, со поделбата на депривилегираните, либерализмот легитимира и посебен вид бизнис. Со спречување на масовната солидарност помеѓу егзотичниот Друг и Другиот во вид на домашен пролетер, системот си отвора пат за помош на бегалците и другите мигранти преку хуманитарните и државните институции и културната индустрија. Помошта е доволно неквалитетна и банална што впрочем, главно и не е вистинска помош – освен кај посебно избраните, адекватни поединци за маркетинг. Така се репродуцира статусот на Другиот и на тој начин се утврдува позицијата на либералите.

Тој механизам може да се забележи во различни облици – така, на пример, некој од Словенија не смее да се жали пред некој од Србија, зашто ситуацијата во Србија е (уште) полоша. Со тоа се спречува дискусијата, обидите за структурна анализа на појавите на регионално и глобално ниво и воспоставувањето поавтентичен универзализам, кого мимикрискиот универзализам на либералите впрочем го разбива и спречува.

Со сето тоа не сакаме да им ја одземеме моралната автономија на поединците и на подредените слоеви – никако не мислиме дека личната солидарност, емпатијата и слично не се важни фактори на човечкото однесување и дека идеологијата во однос на личниот став делува сосема автономно.

Проблемот кој се јавува притоа се состои во тоа што токму либерализмот со својата идеја за личната одговорност во однос на јавните работи личниот морал го става на лош глас и го мистифицира. Во рамки на отпорот против либерализмот брзо се појавуваат реакционерните идентитетски имагинариуми на идеализираниот работник со сина боја, гопникот, реднекот, кого левичарите го третираат како што либералите го третираат својот Друг – со сожалување, идеализирање, претворање на конкретниот поединец во апстракција, наместо движење во правец од апстрактни анализи кон конкретни поединци. На тој начин левицата делува реактивно и брзо може да се заплетка во проблемот што го критикува, што може да биде симптом на нејзината немоќ и исцрпеност.

Но, додека постои капитализмот, постои и можност за реинвенција на антикапиталистичката борба и дискурсот. Во месеците помеѓу февруарската и октомвриската револуција 1917 година, болшевиците и Ленин многупати ги менувале ставовите и паролите, прилагодувајќи се на ситуацијата – зошто современата би била регресивна во тој поглед, зошто би се задржувала на карикатурите на историјата, меме иронијата и веќе одамна надминатите идентитетски политики? Можеби доаѓа време кога повторно треба да се промисли односот помеѓу антикапитализмот и левицата.

Слики: Miguel Ruibal

Извор: http://proletter.me

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Европа / Балкан / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото