Да престанеме да си глумиме писателчиња и апсурдисти

23.02.2018 14:40
Да престанеме да си глумиме писателчиња и апсурдисти

Издавачката куќа Темплум деновиве, по повод годишната распределба на буџетските пари за култура во 2018, во дел од јавноста беше нападната за две работи: дека е привилегирана и дека ѝ се одобрени пари за две книги објавени пред десет години.

Ни едното ни другото, се разбира, не е точно. Двете книги за кои се одобрени по 50.000 денари („Имагинарните животи“ од Марсел Швоб и „Морковче“ од Жил Ренар) никогаш досега не биле објавени на македонски. Во 2008 за тие две книги беше изваден ЦИП во Народната и универзитетска библиотека, но книгите не се појавија.

Не е точно ни дека Темплум по која било основа е привилегиран. Барем на десетина издавачки куќи за 2018 им се одобрени повеќе пари отколку на Темплум. А барем дваесетина издавачки куќи добиле горе-долу слични буџети, десет до петнаесет илјади евра за годишна реализација на, секоја, по пет до осум книги. На Темплум му е одобрена истата сума за осум книги, а добивме и скромна поддршка за порталот Окно (кој се води во графата Електронско издаваштво). Вкупно ни се одобрени околу еден милион денари, повторувам,помалку од барем десетина други книгоиздателства.

Толку за тоа, неточностите и паланечките злорадности и мрзливости (сериозно ‒ квантитативно и делумно квалитативно ‒ да се проанализира финансиската програма на Министерството за култура). Но, ќе ја искористам можноста уште еднаш да констатирам дека мојата издавачка куќа изминатите години беше една од најголемите жртви на криминалната и деструктивна груевистичка политика во сферата на културата. Не велам дека бевме издвоена жртва ‒ многу нè имаше, всушност ‒ но бидејќи груевизмот го уништи целокупното издаваштво во Македонија јасно е дека и Темплум дебело го окрка стапот не неодговорните и долгорочно опустошувачки политики.

На пример, нашите најпознати едиции, прозната „Магма“ и теориската „20/21 Век“ речиси цела деценија не добија ни денар од чекмеџето на кумовите и братучедите. Со години беа игнорирани и други наши важни едиции, „Градот“ и „Катапулт“ (за млади автори). Игнорирани беа и поновите едиции, како „Квир Сквер“, на пример. Груевизмот го прекина и скромното финансирање на списанието „Маргина“, кое излегуваше речиси 20 години, до 2013.

Притоа, паралелно со уништувањето на важни и долгорочно градени едиции и издавачки куќи, неверојатно големи пари се одлеваа во вештачки едиции без вистински уредници, без стандарди, без смисла, во книгоиздателства настанати преку ноќ и наменети за грабеж на даночните пари, за пропаганда и корупција. Некои од тие книгоиздателства во меѓувреме се екипираа и станаа „угледни и влијателни“ (понатамошни) корисници на буџетската помош за културата.

Иронијата на груевизмот беше во тоа што опустошувањето на културата се случуваше со трошење огромни количества пари! За што речиси никој не се бунеше ‒ додека траеше игранката! Се разбира, тие пари не ги трошеа малобројните издавачи кои си ја знаат работата, туку груевистичките агенти, послушните извршители на халуцинациите и фрустрациите на едниот и единствен културен демиург и арбитар истовремено ‒ пастирот лично. Пастирот преку своите марионети ги уредуваше илјадниците владини книги за кои беа потрошени десетици милиони евра; пастирот ги пропишуваше сегашноста, иднината и минатото (лично ги избираше хероите и предавниците); подигаше споменици, го градеше (крадеше) градот (трошејќи стотици милиони евра, како од сопствен џеб); избираше книги, филмови, музика, театарски претстави; ги палеше и гасеше телевизиите и весниците итн. итн.

Се разбира, ироничен сум кога велам дека еден единствен човек е оној што ги „чинодејствуваше“ сите процеси во Македонија. Буквално, сигурно не е така. Но, пастирот е симбол. А груевизмот во историјата ќе биде име за најмрачниот политички процес во Македонија изминативе 70 години.

Затоа една работа мора да се расчисти: конкретниот човек, предводникот на „Внатрешната организација“, беше само извршител на најдеструктивните копнежи на значаен дел од населението! Ниеден граѓанин во земјава ‒ а особено луѓето од културата и од поширокиот естаблишмент ‒ денес со чиста совест не може да каже: пастирот е крив! Вождот можеби е виновен технички, како извршител на злосторничкиот потфат (или некој што великодушно го понудил своето тело за таму да се оплоди чудовиштето што ќе го прождере македонството, во еден миг од историјата); клучната вина за оваа историска хаварија, велам, ја носи македонскиот естаблишмент кој дозволи да биде згазен, фрлен, купен за грст пезоси дури не од реална историска моќ туку од шапшалана, од комедијанти и пропагандисти.

(Вистина, македонската култура веројатно го заслужи тоа унижување и понижување. Чудни цветови никнуваат околу ваквите стратишта, бесилки и клади. Овдешната институционална култура веројатно заслужи да биде згазена и помочана од шапшаланатот зашто во голема мера, низ деценииве, таа култура главно се случуваше на површината, низ празни ритуали што ја слават нацијата или државата, со многу малку вистински посветено творештво. Земјава, мој е впечаток, не ја распарталија лавови туку хиени. Исто така, важно е да се укаже и на следниов феномен: во природата се случува, поради блокада на вилицата, хиената да го гризе гркланот на лавот долго откако лавиците ја убиле.)

Лажниот пастир беше отелотворение пред сè на македонската глупост и на историската изгубеност. Отелотворение на напластените проблеми со идентитетот и на немањето сила да се направи помодерна, поттикнувачка и вклучувачка заедница. Наместо темелна, макотрпна и долгорочна работа самите избравме да си се лажеме. Сите реални (а огромни) проблеми на создавањето модерна држава ги бутнавме под тепих; за возврат избравме политика сфатена како пропаганда ‒ сè како од кутиче а во кутичето ништо; наместо живот избравме живуркање, преживување, крадење денови (нешто ќе даде господ, а нешто власта); наместо реалност избравме реклами; наместо водство одговорно и домаќинско (та, нели, ние самите сме домаќини?!) избравме злосторничка организација (избравме Октоподот да го товиме додека не стане поголем од целото општество!).

Да га завршиме текстов-репринт (од пред четири години) со цитатот од Мирко Ковач со кој тогаш беше почнал:

„За нас е важно тоа што ни го порачува Крлежа, да не испаднеме смешни во светот на постројувањето, теророт, трлата, криминалот, идеолошкото насилство, догмите, да јадеме трици и „среде ѕверското дерење“, среде животот како разбојничка ледина да си глумиме писателчиња и апсурдисти.“

Слики: Свирачиња

Сродни текстови

Борбата на малата птица

Во челуста на мртвата хиена

Издаваштвото е една од поголемите жртви на груевизмот

ОкоБоли главаВицФото