Распродажба на историјата

24.02.2018 03:16
Распродажба на историјата

Се чини дека Европа е преплавена од историски преокупации. Тоа би можело да ја одреди иднината на континентот, исто како и исходот од германските политички неприлики, состојбата на италијанските банки или одговорот на прашањето дали Британија по Брегзит ќе успее да го склучи договорот за транзиција. Граѓаните на Грција неодамна протестираа затоа што соседната поранешна југословенска република го користи името Македонија. Во Париз се води интензивна дебата за тоа дали писателот Шарл Мурас (Charles Maurras), водечката фигура на францускиот ултранационализам и антисемитизам од почетокот на 20-от век и истакнат поддржувач на режимот од Виши – заслужува официјална комеморација на годишнината од неговото раѓање (1868). Новиот полски закон со кој се забранува секаква расправа за улогата на Полска во Холокаустот предизвика размена на остри зборови со Израел и САД. Во Германија, кадешто партијата AfD од крајната десница освои 94 места во Бундестагот, локален берлински политичар (од палестинско потекло) предложи за новите мигранти да се воведе задолжителна посета на меморијалните комплекси на концентрационите логори како дел од „курсевите за интеграција“.

Споровите околу европската историја не се нова работа. Еден од примерите е долгата австриска расправа што да се направи со родната куќа на Хитлер во гратчето Брунау. Наследството на колонијализмот е честа тема во француските, британските и холандските дебати. Популистичките режими во Полска и Унгарија се потпираат на повторното пишување на историјата или врз многу селективниот пристап кон минатото што одговара на нивните политички цели. Агресијата на Русија врз Украина беше следена со голема пропагандна кампања за борбата против „фашизмот“. Во југословенските војни од 90-тите години на минатиот век се манипулираше со подгреана реторика од Втората светска војна.

Се разбира, историските опсесии не се само европска особина. Погледајте како Зимските олимписки игри во Кореја ги оживуваат 65-годишните трауми на студената војна на двете земји. Обрнете внимание како во САД за дамнешната граѓанска војна се расправа со жестокост каква што не сме доживеале уште од движењето за граѓански права од 60-тите години на минатиот век.

Но, историските дебати имаат посебна тежина во Европа и затоа целиот европски проект почива токму на надминувањето на историските омрази и градење на взаемна доверба. Европската Унија во нејзиниот денешен облик не ја овозможија ниту доминацијата која ја следи вооружената борба во нејзиниот денешен облик, ни замрзнатото примирје, туку трпеливото, промислено и одмерено приближување. Тој процес Германците го нарекуваат „Vergangenheitsbewältigung“ – збор што тешко се преведува и кој означува комбинација од анализирање на минатото и соочување со него, извлекување соодветни поуки и учење како да се живее со него.

Борис Џонсон е во право кога вели дека европскиот проект во своето јадро си постави цел да ги надмине стравотиите што се случуваа на континентот во 20-от век. (Помалку е во право кога тврди дека Европа напредува кон федерализмот – тоа во овој момент е пуста желба.) Често се вели дека европскиот проект е најдобар лек против војната, но тој е замислен и како лек против фалсификувањето на историјата.

Помирувањето е темел на постоењето на Европската Унија. Затоа, на пример, грчките напади врз Германија за време на кризата на еврозоната (демонстрантите во Атина носеа потрет на Ангела Меркел со нацистички шлем) предизвикаа таква загриженост. Затоа бегалската криза од 2015 година, додека се ширеше низ Балканот предизвика страв дека во овој регион повторно ќе се разгорат конфликтите. Извесно е дека историјата не заврши во 1989 година, туку ни се враќа додека се подготвува прославата на годишнината на примирјето во Првата светска војна потпишано во еден вагон на возот Компјења во северна Франција. Американскиот историчар Франсис Фукујама неодамна кажа дека: „политиките на идентитет се всушност политика на барање признание“. На националните сеќавања им е потребно признание, но тоа не е исто со заташкување. На францускиот претседател Емануел Макрон, кој се претставува како лидер кој „повторно ќе ја покрене“ Европа – тоа му е добро познато. Тој често се повикува на својот професор Пол Рикер кој се занимавал со историјата, сеќавањето и заборавот.

Официјалниот говор во Европа е преполн со историски референци. Потешко е да се најдат настани, меморијални комплекси, искази, образовни програми или музеи во кои е изложен цел европски мозаик сочинет од различни национални истории, така склопен за да ни помага во разбирањето на животот, историјата и искуствата на другите. Историјата на своите соседи, Европејците и натаму ја гледаат од перспектива на сопственото национално минато. Со тоа, во голем дел може да се објасни сè подлабокиот психолошки јаз меѓу европскиот исток и запад, но и меѓу северот и југот.

Дијаметрално различните интерпретации на историјата можат да бидат предизвикувачи на конфликти. Нивна последица може да биде и рамнодушноста кога работите ќе тргнат наопаку. Во 2007 година, преместувањето на советскиот воен меморијален комплекс во Талин, главниот град на Естонија, на Русија ѝ послужи како изговор да покрене вистински кибер-напад чијашто цел беше да ги парализира сите институции во државата. На западните Европејци им беше потребно време за да ја сфатат длабочината и значењето на тој настан, делумно и заради растечкиот јаз во историските перцепции на руската и европската страна.

Посетата на историските музеи ширум Европа ни ја разоткрива нејзината фрагментираност и распарченост. Никој освен Германија не работел на објаснување на злосторствата од минатото. „Vergangenheitsbewältigung“ сè уште е процес кој на многу места допрва треба да почне. Размислував за тоа за време на неодамнешната посета на локалниот историски музеј во Марсеј. Тој ни зборува за процутот на овој пристанишен град од 1830 година по француското освојување на Алжир, но без да се осврне на страдањата што тоа освојување ги предизвикало во Алжир.

Денешната вознемиреност на Европа, последица на многу кризи и незадоволството на средната класа, е проследена со превреднување на историските идеи кои некогаш се сметаа цврсти како карпа, но повеќе не се такви. Не станува збор за амнезија, туку повеќе за помама по фрагментарносто и контроверзно толкување на историјата. Сè е во понудата. Исчезна консензусот за основните факти.

Минатата година стотина историчари и писатели од разни земји ги обединија сеќавањата во чудесна книга која е објавена во Париз, под наслов „Европа, нашата историја“. Исто така, минатата година, институциите на Европската Унија основаа музеј во Брисел кој е посветен на европското минато и настојувањето на континентот да ги надмине најмрачните поглавја во својата историја. Потребни ни се повеќе вакви потфати.

Извор: The Guardian

ОкоБоли главаВицФото