За пристојноста

24.02.2018 04:54
За пристојноста

...Пристојноста во македонското општество се загуби со подемот на демократијата. Демократскиот бран, имено, го исфрли талогот на непристојност на нашиот политички и катадневен живот. Нешто слично ѝ се случи на Франција пред 215 години кога нацијата со силна традиција на учтивост потона во непристојност. „Непристојноста е карактеристика на демократијата“, констатираат мислечките луѓе на тоа време, жалејќи за пристојните времиња. Меѓу нив е и Монтескје, големиот поборник за демократијата, но и за пристојноста, кој вели дека „да се отфрлат нормите на цивилизираноста значи... на нашите човечки слабости да им се даде слобода“.

„Демократите“, пак, сметаат дека инсистирањето на пристојност ја попречува слободната комуникација, кревајќи бариери меѓу луѓето. Но, „тоа се бариери од кои црпиме сила, кои, иако нѐ раздвојуваат, нѐ јакнат, кои, иако нѐ држат на дистанца, не нѐ отуѓуваат...“, пишува Емил Фагуе, професор на Сорбона, од крајот на деветнаесеттиот век. Овие негови зборови се ехо на ставот на Монтескје дека пристојноста, цивилизираноста и учтивоста се бариери кои треба да се креваат, зашто ги спречуваат луѓето „да се корумпираат едни со други“. Луѓе како Монтескје, имено, се плашеле дека непристојноста ќе се пренесува од личните односи меѓу луѓето на нивните општествени односи – во сферата на јавниот живот, поткопувајќи ги така темелите на општествениот поредок.

Темелите на македонскиот општествен поредок се поткопани од непристојноста која така речито се манифестира и во политичките дебати... Во средина во која отсуствува духот на учтивоста, кој недвосмислено демонстрира почитување на личноста и на другиот, нема софистицирана политичка дебата. Има само расправии и кавги. Софистицираната политичка дебата, имено, е нешто повеќе од правото на поинакво мислење, кое ние во Македонија го сметаме за врв на демократијата. Тоа е дебата во која учесниците се обидуваат на проблемот да гледаат со очите на „другата страна“. Зашто, кога водите дијалог со некого, претпоставка е дека го знаете сопствениот став, сакате да се запознаете со погледите на соговорникот и, доколку сте политичар, преку компромис, настојувате да пронајдете заемно прифатливо решение за проблемот. Но, тоа е можно само ако преку пристојно поведение дадете на знаење дека го почитувате соговорникот барем онолку колку што се почитувате себеси. Зашто, ако соговорникот го наречете „свиња“, на пример, тешко е да се очекува на проблемот да гледате со негови очи. А токму навредата го прави македонскиот политички дискурс жесток и исклучив. Таквиот дискурс не е полезен за општеството бидејќи не нуди решенија. ...

Од комунизам, во национализам и, конечно, во провинцијализам, е патот на македонскиот заробен политички ум... Станавме општество во кое не се знае што е добро а што лошо, што е праведно а што неправедно. Станавме општество со нарушени морални вредности. Причина и последица на ваквото скапување на моралот на луѓето е и моќната мрежа на непристојни луѓе, во политиката, во медиумите, на универзитетите и во Академијата, кои ја свлечкуваат секоја сериозна расправа во калта на провинцијализмот. Нив, се разбира, ги разединуваат идеолошките убедувања или етничката припадност, но силната врска која што ги обединува е итроштината, цинизмот, сарказмот... Тие, имено, меѓусебно се препознаваат, се мразат и – се поддржуваат! Но, таквите луѓе со своето поведение и со својот збор, воспитуваат цела една нова генерација... родена приближно кога и независна Македонија. Тоа се деца од чии животи отсуствуваат големите теми какви што се оние за слободата, правдата, теми кои со илјадници години го покренувале човечкиот дух и го граделе чувството на заедништво меѓу народите.

Непристојните одбегнуваат такви теми и одбиваат да учествуваат во градењето култура на комуникација меѓу луѓето, но затоа веруваат во законот. Но, „законот не е некаков цемент со сопствена моќ да поврзе човечки суштества... Законот е нус производ на чувството на заедништво... Правниот систем не стои сам... Тој е само еден елемент... дел, но не и целина на она што го нарекуваме владеење“, предупредува професорот на Оксфорд Брирли, во првите децении на дваесеттиот век. Почетната точка во процесот на создавањето на чувство на заедништво, пак, е респектот меѓу поединците изразен како почит кон други човечки суштества.

Во една своја песна Чеслав Милош вели:„Примерен став кон битието е почитта и затоа треба да избегнуваме друштво на луѓе кои го гнасат битието со својот сарказам и ја фалат ништожноста“. Човек може да се чувствува многу осамено во Македонија ако доследно го применува ова правило.

(Делови од политичкиот есеј: „Размислувања за провинцијализмот“, објавен во 2004 година)

Извор: Плусинфо, 11.02.2016
Слики: Sanam Khatibi

ОкоБоли главаВицФото