Перформанс „јас повторно – но не сама“ во Кино Култура

24.02.2018 15:51
Перформанс „јас повторно – но не сама“ во Кино Култура

Во недела (25 февруари) во „Кино Култура“, простор за современи изведувачки уметности и современа култура, во 20 часот, Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата најавува дека ќе се одржи перформансот „јас повторно – но не сама“ на Гизела Милер и „Гебрудер Тејхман“.

Исто така, во организација на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата на 26 февруари (понеделник), како дел од програмата „Заедно“, социо-културни активности за пошироката општествена заедница на проект_просторот „Кино Култура“, ќе се одржи „Култренинг!“ – редовни отворени часови за техники на современ танц и истражување на движење, со Гизела Милер.

Со перформансот „јас повторно – но не сама“ започнува програмата „Уметност, Политика, Институции, Тело“, како дел од ПЛАТФОРМ(а) 2018 – програма за современи изведувачки уметности во организација на Локомотива – Скопје.

Во однос на „јас повторно – но не сама“, по 20 години, средбата со музичарите „Гебрудер Тејхман“ ја врати на сцената Гизела Милер. Перформансот „јас повторно – но не сама“ претставува обид да се креира простор на резонанца каде движењето и звукот се спојуваат. Простор на размена и на дијалог каде движењето (танцот) го отелотворува звукот и звукот го презема движењето (танцот). Интеракција на маси, танцов под и играчи кои можат да водат дури и до борба…

Перформансот е создаден со концепт на Гизела Милер и „Гебрудер Тејхман“, во изведба на Гизела Милер, Ханес и Анди Тејхман и во продукција на „Танцфабрик“ Берлин, во соработка со Номад Танц Академија Словенија и Гете Институт.

Влезот е слободен.