Промоција на поетската збирка „Кога љубовта се троши како креда“ од Лулзим Хазири

26.02.2018 12:13
Промоција на поетската збирка „Кога љубовта се троши како креда“ од Лулзим Хазири

Издавачката куќа „Готен“ на 28 февруари, со почеток во 20 часот, во просториите на киното „Култура“ ќе одржи промоција на поетската збирка „Кога љубовта се троши како креда“ од Лулзим Хазири. Промотори на изданието ќе бидат академик Луан Старова и Салајдин Салиху. Преводот на песните од албански на македонски јазик е на Линдита Ахмети.

Според Салајдин Салиху, рецензентот на „Кога љубовта се троши како креда“, да се пишува за поезијата на Хазири значи уште на почетокот да се биде внимателен во изборот на начинот на пишување и да се одбегне секаков вид конформизам. Хазири е поинаков глас во албанската поезија, творец што носи нешто ново во албанската поезија. Хазири на албанската поезија ѝ ги носи урбаната чувствителност, третирањето мотиви што се среќавале во светската книжевност, но не беа толку присутни во албанската книжевност.

Поезијата на Лулзим Хазири е преведена на неколку јазици, застапена е во неколку национални и странски антологии. За неговото дело пишувале албански и странски критичари. Наречен е „поетот созреан со рокенрол, кој стои од другата страна на нормите“ (M. Лимани); „поет што создава преку хиперсензибилност, кој креира тематска самостојност, кој има автентично гледиште на проблемите и самостојност во изразувањето“ (Рамадан Муслиу); „поет што изградил ’нова утопија – албанската книжевност со автопатишта!’“ (Миѓен Келменди); „поет што создава фигуративност која фокусира ситуација, амбиент и преку глобална слика комуницира со својот вознемирен свет“ (Али Алиу); „поет што е претставник на поколението исполнето со длабок очај и разочарување, со морални, професионални, политички и татковински вредности на постарото поколение“ (Абдулах Конушевци).

Лулзим Хазири е роден 1962 година во Гостивар. Досега објавил 4 збирки поезија и две книги со есеи и колумни. Песните му се преведени на англиски, француски, романски, хрватски и на македонски јазик. Активен е на полето на заштитата на човековите права.

Објавувањето на книгата е поддржано од Министерството за култура во рамките на годишната програма за 2017 година.