Мал чекор за Ќосето

28.02.2018 03:32
Мал чекор за Ќосето

Де факто, тоа беше мал чекор за Ќосето: „се симна“ два-три метри, растојание што се поминува во три чекори! Но, кој како сака нека каже, тоа беше голем чекор за македонската демократија. Секоја чест на изборите, на гласањето, на „волјата на народот“ итн., но демократијата вистински започнува да „владее“ со почетокот на нејзиното практицирање односно спроведување во дело. А ова беше токму тоа што требаше да се случи.

Добро, не е ова прв демократски потег на новата власт, ама во овој сегмент – е. Некој ќе рече: можеше/требаше порано! Можеби, ама сето тоа ќе беше изнасилено, на мускули, можеби со „француски клучеви“ во рака, и секако ќе заличеше на режимските постапки против кои, всушност, беше борбата. Иако, велам, многумина, и јас меѓу нив, посакувавме порадикално и „побезобразно“ однесување. Но сепак, безобразието и безочноста се одлика на режимите како оној претходниот, не на демократијата!

 Ќе го врателе убиецот

 Вака, во пристојна стручна процедура, со сите неопходни репери, се постапи така како што мораше: без помпи, без славја, мирно и организирано. Тоа што некои будали палат пред постаментот свеќи само говори за степенот на инфилтрацијата на фашистичкиот режим во главите – не можам да кажам умовите, за тоа треба сериозна потврда – на одделни поединци. Тоа, пак, што други будали го споредуваат демократското спроведување на процедурите со дивеењето на ИСИС и талибанците, говори токму за такви и слични анахроно талибански фрустрации и „идеали“ во нивните глави – повторно не можам да кажам умови зашто тие очигледно не живеат таму – та дури и ветуваат на јавноста дека повторно ќе го вратат – некогаш, скраја да е – тоа што сега се отстранува!

Ќе го врателе, повторно, масовниот убиец (првиот во македонската понова историја, за да им прави друштво на другите, од Ацета па наваму) на истото место! Е па мерите им го умот во празните тикви. И тие себеси се нарекуваат политички/партиски лидери? Па тоа се е бре, извинете, болно до зла бога, поболно не може да биде. Та зарем современа Македонија треба да се идентификува со кољачи и масовни (партиски) убијци? Децата што секојдневно поминуваа покрај споменикот на тој дегенерик треба(а) да се воспитуваат во тој дух, да земат кама, пушка и пиштол и да тргнат низ македонските улици? Мореее, болен народ! И од кога тоа патриотизмот и херојството се мерат според бројот на заклани луѓе?

А Рацин бил – џуџе? А дегенерикон – херој?! И иако, главно, знам што и како (не) работат македонските историчари – да работеа, нешто ќе сработеа, нели, наместо оние „силни“ (квази)музеи, документарни „серии“ и секакви други историски баљезгарии – ама ќе се најде ли некој помлад, со долга и здрава метла и да подзачисти малку повеќе низ оваа фалшива патриотическа ачковско-тодоровска историја? Но, ние не би биле тоа што сме ако нема и трет вид душогрижници, оние типични (како „архитектон“) бакалски стручњаци кои по децениско молчење и кооперативност сега препорачуваат дека во градот имало и други работи за правење: демек сме немале тротоари, сме немале „урбан зафат“ и слично. А ги имавме ли во изминатава деценија, со злосторничкото здружение? И шутраков се јави ли тогаш да им го предочи проблемот на властите или гледаше како да се прошета пет-шест пати до Венеција и назад, па да лапне со другар му некој проект …? Какви „мажишта“, да ти се приповраќа!

 Симболи на режимот

Како и да е, малиот чекор за Ќосето сепак ќе биде голем чекор за македонската демократија зашто претставува вовед во справувањето и со сите други симболи на бившиот профашистички дпмнеовски режим. А тој, Ќосето, беше токму еден од нив. Сето она друго, оној кичерај распореден низ централното подрачје на Скопје и делумно низ другите македонски градови беше/е симбол и на другите амбиции и „идеали“ на полуписменине „патриоти“ заседнати врз грбот на државата повеќе од една деценија. Сите нивни фрустрации, идентитетски кризи и амбиции преточени во ситни политикантски потези, љубовта кон татковината манифестирана само и единствено низ украдените милијарди (евра, се разбира), почитта кон културата и наследството украсена со уништувањето на цел еден град.

Сето тоа речиси и не може да се мери со омразата, насилството, теророт, грозоморието преточени во само еден споменик на кољач-дегенерик поставен токму пред зградата што треба да биде олицетворение на правдата во една држава. И баш тоа го покажува вистинското лице на тие кољачовозљубеници, и нивните намери! Сето друго и да го немаше, ова ќе беше доволно за нивна вистинска историска идентификација. И вечна дисквалификација!

Оттука, големиот чекор за македонската демократија не смее да сопре овде. Ќосето ќе зачекори уште малку подалеку, до крајната дестинација: пеколот на историјата – некоја печка во Железарницата на Мин Чо (или чија е веќе, којзнае, што е своевиден македонски парадокс, оној кој ги помагаше сега повторно да заработува на нивното поништување!). Но, македонската демократија не смее сега да се затетерави, и да застане. Зашто, прво, ветуваше многу повеќе и, второ, ако сакате, тоа и е обврска. Историска, идеолошка, демократска, хуманистичка.

Слики: Александар Дојранлиев, Свирачиња

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото