Политика на гласот

28.02.2018 04:58
Политика на гласот

Катaрина Здјелар е уметница, теоретичарка, професорка, активистка, која живее и работи во Ротердам и Белград. Нејзиното најново дело, инсталацијата „Not a pillar, not a pile“ е кандидирано за најпрестижната награда во Холандија во областа на уметноста – Prix de Rome, што во светот на уметноста се смета за исклучително достигнување. Наградата е повод и за неодамна отворената изложба „Prix de Rome“ во Кунстхале во Ротердам.

Таа ја претставуваше Србија на Венециското биенале со видео делото „Совршен звук“(2009), кое го привлече вниманието на интернационалната публика и критика. „Совршен звук“ е дел од новата поставка на Музејот на современа уметност во Белград. Неодамна ја доби наградата „Долф Хенкес“ на градот Ротердам. На изложбата организирана по повод оваа награда таа се претстави со делото „ААА“(Mein Herz), а тоа дело беше избрано и за последното издание на изложбата „Октобарски салон“ во Белрад.

Да почнеме од вашето најново дело „Not a pillar, not a pile“, кое е изложено во Ротердам, се занимавате со женскиот идентитет, кореографијата и политиката на моќта во контекст на Другите (Исток наспроти Запад, Жени наспроти Мажи итн.). Дали ова дело произлегува делумно и од потребата да се преиспита сопствената геостратегиско-политичка позиција?

Појдовнa точка на моето ново дело е уметничката средба помеѓу визуелната уметница Кат Колвиц и танчерката и кореографка Дора Хојер, како и нивните политички и социјални стремежи. Нивната средба е формализирана со „Танцот за Кат Колвиц“, кореографија на Хојер втемелена на делата на Колвиц, а која настанала во повоен Дрезден 1945 година. Архивските материјали на оваа кореографија служат како магнетно поле што е проширено и поставено во дијалог со останатите историски референци, но и со современите уметници. На пример, една од одликите на делото е еден текстилен дизајн на „Паус“, текстилната фабрика од Мосинген, која го организирала првиот антифашистички штрајк и вработувала жени не само како работнички, туку и како дизајнерки. Многу соработнички од различни генерации и од различни контексти и на различни начини придонесоа за формирањето на ова дело, влкучувајќи ги и српските уметници: Јасна Величковиќ, Милана Зариќ, Бранка Парлиќ и Соња Вукичевиќ. Соочувајќи го минатото со сегашноста, моето дело се занимава со актот на мајчинскиот (прото)феминистички пацифизам, солидарноста и колективната трансформација преку бариерите на времето, класите и социјалните разлики.

Вашето видео дело ААА (Mein Herz) сугерира дека сите ние имаме различни идентитети за различни контексти. Како и дали таа шизофренија го отсликува светот денес?

Видеото е создадено во Варшава и е снимено во еден кадар. Прикажана е млада жена која истовремено изведува четири композиции. Зачувувајќи ги оригиналниот стил, темпо, траењето или ритамот, таа ја зачувува суштината на секое од тие дела.

Тишината, зборовите и музиката се менуваат и соочуваат. И токму таа комплексна, повеќеслојна, поливокална перспектива е она кое секогаш е во фокусот на мојот интерес и тоа низ аранжманот на средбата помеѓу индивидуалното и општественото. Има нешто осетливо во социјалниот и архитектонски материјал на Варшава и тоа, на некој начин, е отсликано во гласот и изведбата на оваа пејачка. Во моите дела често говорат прекините – ме интересираат формите на живот кои ги отвораат прашањата за политичките, етичките и естетските прекини.

Што се однесува на прашањето за шизофренијата, да, таа е релевантна исто како и повеќегласноста на светот денес, како и историјата на гласот. Ви време кога секаде наоколу се засилуваат националистичките тенденции, истовремено расте сосема нова генерација на млади Европјани кои се мултинационални, мултилингвални и кои, како такви, веќе ги преиспитуваат и предизвикуваат политиките на идентитетот што досега ги знаевме.

Се занимавате со гласот и во областа на уметноста и во теоријата. Како го дефинирате гласот? Како го објаснувате односот меѓу гласовното и телесното? Дали може да се зборува со гласот на другиот?

Многу мои дела се занимаваат со прашањето кој е моментот кога нашиот глас станува наша приватна сопственост, каде почнува и каде завршува гласот. Кој зборува кога ние зборуваме и кому му е одобрено да зборува? Имам неколку дела што занимаваат со овие прашања. „Совршениот звук“ (The Perfect Sound) е едно од нив, второто е „Глас“ (Stimme) кое прикажува сесија на гласовна модулација во која на клиентката ѝ е ветено дека ќе го добие својот природен глас, ослободен од постоечките социо–културни маркери и забрани. Делото кружи во времето и просторот и никогаш не стигнува на посакуваната дестинација. „Stimme“ се фокусира на граничниот глас, тешката работа во која се продуцира природниот звук. Се наоѓаме среде борба за моќ која се одвива на бојното поле на јазикот и гласот, со сета нивна утврдена и инволвирана историја.

Првиот познат пример за модулиран глас е Маргарет Тачер која ја препознала потребата да ја спушти висината на својот глас за да добие повеќе авторитет и да ја задржи својата политичка моќ. Тековната примена на овие методи главно е резервирана за жени чија цел се водечки бизнис позиции. Кога конечно некој ќе почне да зборува со својот сопствен глас, целото тело резонира. Посебен вид присуство се обезбедува со гласот за да се овозможи чувство на целина и комплетност. Тешко е да се каже дали постои глас без сопствени историски, културни и општествени обележја, пред сè зашто гласот е одреден од говорот. Но, дали ако би постоел таков глас би можело со него нешто да се направи? Дали таквиот глас е оперативен? И што останува кога сите маркери се отстранети? Дали постои глас надвор од претставувачкото и дали може да се слушне глас без неговите општествени обележја?

Во моментов гласот многу се експлоатира како теориски објект, дури занимавањето со студиите за гласот стана некој вид мода. Како го коментирате тоа?

Постои долга традиција во која гласот добива посебно значење во рамки на уметничката пракса. Тука, на пример, е сцената на терасата од „Ромео и Јулија“ во која гласот е всушност гарант на идентитетот, бидејќи љубовниците не си ги гледаат лицата, туку се препознаваат по гласот. Оваа сцена стана реална, на пример, во фактот дека присуството на акцентот служи како средство за препознавање и идентификација. Нечиј глас е секогаш социјален зашто секогаш ѝ припаѓа на групата. Овој т.н. шекспировски пример, на некој начин, многу се практикуваше околу прашањата во врска со нашата поранешна држава. Имено, дали некој беше Ромео или Јулија во трибуналот за воени злосторства во Хаг, често беше иницирано со прашањето: како зборува? Како гласот да беше означител на препознавање и разделување.

Една од линиите на вашето творештво зборува за музичкиот свет и неговaта невкоренетост која често има политичка и социјална димензија. Кои се точките во општеството и во политиката што го предизвикуваат вашиот интерес?

Во „Совршениот звук“ детално се занимавав со феноменот на отстранување на странскиот акцент што се спроведува во Велика Британија. Прикажав два гласа: на млад емигрант и на неговиот вокален тренер, чијшто мајчин јазик е англискиот. Ние никогаш не гледаме дека клиентот стигнува на лингвистичката дестинација, но чувствуваме дека тој сака да стане некој друг, барем да помине како некој друг, а не како тој самиот. Неговата посветеност на овој инвазивен процес на отстранување на акцентот покажува огромна лична инвестиција. Тука јазикот не е само лингвистички феномен, тој е слика на лична трансформација. Добивањето нов акцент, некој вид гласовна маска, му дозволува на имигрантот, кој дотогаш „стрчел“, да се вклопи во новата средина, да стане незабележителен.

Овие нормативни и асимилативни пракси ги доживувам како развиени и наметнати од страна на нашиот таканаречен либерален и развиен свет како симболично „покрстување“ за индивидуата што е преместена. Тие ја олеснуваат амбивалентната гранична позиција во која некој напуштил некое место или држава, но сè уште не влегол или не се придружил во другото место или држава. Во своите дела се обидувам да ја бележам таа амбивалентност.

Извор: Vreme

ОкоБоли главаВицФото