Протести на екипата за парастос

28.02.2018 15:09
Протести на екипата за парастос

На вчерашниот протест на неколку илјади граѓани во центарот на Скопје, се побараа следните работи: итен прекин на преговорите за името со гласање на декларација во ООН за тоа; поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија; ослободување на притворените за насилијата од 27 април; повлекување на сите обвиненија за тие настани од страна на Обвинителството и од страна на повредените во настаните; повлекување на Законот за јазиците од собраниската процедура… Доколку овие барања не се прифатат, се побара самораспуштање на Собранието и свикување на вонредни парламентарни избори.

Жал да ти падне какви лузери се луѓево. До толку, што дури и ВМРО-ДПМНЕ се дистанцира од нив. Оставени се сами на себе, напуштени и предадени, завеани во снежно невреме, и во духовна и во политичка и во климатска смисла. Политичките барања им се како на деца од четврто одделение, составени за време на голем одмор. И тие самите не веруваат во смислата на тоа што го бараат, ама имаат некој чемер во душата, им треба малку терапија на чист и студен воздух, бидејќи се уморни од докажувањето на библиската вистина на фејсбук. Затоа, седнале и направиле, веројатно на салфетка, кафеански попис на моментната македонска националистичка желботека, меѓу две храбрења со здравиците „Да живее Македонија!“.

Пописот е малку конфузен, бидејќи ги меша идентитетските прашања (име, јазик, Договор со Бугарија) со чисто крвави криминални настани во земјата (27 април), но кај нив крвта и земјата се суштината на идентитетот.

После протестот, списокот од барања ќе го доставеле до сите македонски врвни државни институции, кои ги повикуваат да се самораспуштат, и до странските амбасади, кои ги обвинуваат дека се учесници во меѓународниот заговор против Македонија.

Да се расплачеш. Да не го запалеа грчкото знаме, не ќе имаше ни за што значајно да ги споменеш во вести.

Тоа се македонските иредентисти, оваа редовна екипа за национални погреби и парастоси, од кои дел од грчката јавност е толку потресен да не тргнат територијално да ги освојуваат.

Само, не разбирам, што бара Антонио Милошоски меѓу демонстрантите, кога јасно го слушнавме како е дел од пазарењата за промена на името што пред неколку години ги водела владата на Груевски? Толку ли е изгубен на маргините на својата партија што спадна Тодор Петров да му биде политичко друштво?

Сè на сè, и по овие протести станува појасно дека Македонија е политички подготвена за компромис со Грција околу името – дајте само добар пакет со решенија, па да одиме понатаму. Оти, имено, за опстанокот на идентитетот ни се работи.

 

Слики: Свирачиња

Извор: Цивилмедиа