Тиранијата на „вистинските вредности“

01.03.2018 01:55
Тиранијата на „вистинските вредности“

Изборот на Донал Трамп беше идеален тајминг за, според мислењето на многумина, најдобрата серија во 2017 година, која го обнови и интересот за извонредниот роман на Маргарет Етвуд.

Надвор беше 1984 година, сите мудруваа и го есеизираа Орвел и го споредуваа она што го гледаат низ прозорецот (или на телекраните) со тоа што го пишува во романот, а Маргарет Етвуд седеше во Берлин и на машина за пишување ја чукаше „Приказната на слугинката“ (Handmaid’s Tale), романескната антиутопија, не помалку страшна од онаа на Орвел, иако сосема поинаква, односно поинаку темелена, со сосема поинакво закосување во однос на оние што се занимаваа со класичните тоталитаризми на 20-от век, без разлика дали се лево или десно ориентирани.

Што е тука суштинската разлика? Неодамна, речиси три децении од излегувањето на романот, Етвуд за тоа ќе каже за „Тајм“: „И ако Америка би била тоталитарна држава, кој вид на тоталитаризам би бил тоа? Секако не би бил комунизам. Тоа би бил некој вид теократија, налик на американскиот 17-ти век“.

Америка и тоталитаризам? Згодно за литературата на катастрофата, ама некако не оди, тешко се спојува. Така барем секогаш ни делуваше. Што се промени? Можеби ништо, а можеби многу. Едно е факт: изборот на Доналд Трамп за претседател од темел ги разруши правилата на играта, па дури можеби и ги укина. „Укинување на правилата“ можеби звучи слободарски, но само додека не се задлабочите во суштината. Под површината не се крие веселата анархија од хипиевско – панкерските соништа, туку мрачен бескраен, патерналистички деспотизам.

Веднаш, утредента по изборот, беше организиран голем женски марш на кој демонстрантите носеа транспарент со натпис: „Make Margaret Atwood fiction again“, бидејќи, како што велат, Америка, а Америка никогаш не е само Америка – со триумфот на трампизмот, како особено откачена варијанта на ултраконзервативизмот, направи голем чекор кон дефикционализација на романот на Етвуд (инаку Канаѓанка: во „Приказната на слугинката“, види чудо – во Канада сè е ок и главно служи како база за бегалците од пропаднатите, опустошени и варваризирани Соединети американски држави, кои сега се Република Гилеад, нешто налик на тиранијата на брадестите шиитски мули во Иран, но со еклектично парахристијанско верско покритие).

Овде всушност се вплеткува комедијантот случајноста. Снимањето на серијата „Приказната на слугинката“ во продукција на „MGM-Hulu“, во десет епизоди, било завршено само неколку месеци пред изборот на Трамп. Серијата почна да се емитува додека Америка и светот сè уште се справуваа со шокот од ноќта меѓу 8 и 9 ноември 2016 година. Така, Handmaid’s Tale беше масовно про(читана) и (из)гледана како најдобар можен коментар за опасноста што ја носи регресирањето на најмоќната светска демократија во постдемократски, или што би рекол Орбан, во нелиберален поредок, врз конзервативно – мачоистички темели.

Но, за што се работи во „Приказната на слугинката“ (романот и серијата)? Буквалниот одговор на тоа прашање би се свел на прераскажување на сижето. Едноставно кажано, се работи за ропскиот живот на жените, особено младите и способни за раѓање, во поредок кој е воспоставен со преврат (своевидна вооружена конспирација на ултраконзервативците) со кој се збришани Соединетите американски држави со своите уставни слободи и е заведена некој вид теократска тиранија. Нараторката Џун, е една од жените кои им се доделени на семејствата на тнр. Заповедници, како машина за раѓање деца. По падот на демократскиот поредок, со сопругот и малата ќерка се обидела да побегне во Канада; не успеала и западнала во ропство.

Пократкиот, но поважниот одговор на прашањето кој е суштинскиот проблем кој го поставува „Приказната на слугинката“ е проблемот на човековата слобода, а во нејзини рамки – на женската слобода. Кога е најзагрозена женската слобода? Токму тогаш кога се негира оној универзален, човечки аспект, бидејќи рамноправноста на мажите и жените извира токму од свеста дека се работи за неколку биолошки разлики, но еднакоправни и еднаквовредни човечки суштества. Во светот на „Приказната на слугинката“, на чиешто настанување потпомага и некоја мистериозна еколошка катастрофа заради која голем број жени (и мажи, но тоа е табу, зашто мажот е секогашво ред...) остануваат стерилни и жената повторно се сведува на тело, а телото само на неговата репродуктивна, поромантично кажано, мајчинска функција: тоа е нејзината единствена биолошка зададеност, тоа е единственото што е важно, а сето останато...ако биде. Можеби е подобро да не биде. Останатото е вишок. Образованието е најнепотребно од сите непотребни работи зашто на жената è дава некакви беспотребни и штетни идеи.

Во светот на Републиката Гилеад, жените не смеат дури ни да читаат. Не им е дозволено ништо освен биолошки да постојат како материјал за репродукција, или пак да ги извршуваат своите базични функции во рамки на патријахалниот поредок (домашна помошничка, сопруга за украс итн.).

Дури ниту привилигираните Заповеднички жени не смеат да излегуваат од тесната рамка на „традиционални сопруги“, а за останатите и да не се спомнува. Секоја мора да има своја улога внатре во една малограѓанска куклена претстава, тој триумф на кичерајската имагинација на „семејна среќа“. Властите ги собираат младите и фертилни жени во собирни логори и оттаму ги препраќаат во домовите на Заповедниците како Слугинки, а тоа не се оние што готват ручек и ја чистат куќата (за тоа се грижат тнр. Марти), туку се само матки кои треба да бидат оплодени од Заповедниците со ритуално присуство на нивните неплодни сопруги. Значи, таа го продолжува родот, но кој род? Новата, превратничка аристократија, мрачната елита.

Што е суштината на идеологијата на превратниците? Сè што нарекуваме модернитет, значи сè од Франција, американската и сите други граѓански револуции што досега се случиле, со идеи и пракса на човекови и женски права, секуларност, сексуална пермисивност и слично – е аномалија што довела до разузданост, декаденција и несреќа. Па, сето тоа, со добро или со сила, значи со сила: сега треба да се врати на старото, во „природниот тек на работите“. Тоа е напредокот; е сега, што да правиме, како што вели Заповедникот, напредокот никогаш не бил баш за сите...

Романот на Етвуд е првокласна книжевност и три децении по објавувањето не изгубил ништо од силата и морничавата уверливост, што е добро за него, но многу помалку добро за светот во кој живееме. Всушност, би можело да се каже дека сите конзервативизми и фундаментализми денес се многу помасовни и подлабоко вкоренети отколку во времето на создавањето на оваа книга. Нејзината книжевна имагинација е импресивна, но освен раскажувачката умешност, вештината на авторката да ги претстави фундаменталните извори и корените на неоконзервативните идеологии што секогаш тргнуваат од добри намери - остава без здив. Но, ниту таа тиранија не доаѓа само од десно: она што е особено интересно, читано во светло на денешните случувања и трендови токму во прогресивниот дел на општеството, не само во Америка е и тоа што Етвуд не го испушта предвид е цврстиот факт дека општеството на слобода секогаш подразбира и извесни ризици (зашто луѓето се проклето несовршени и во слободното меѓусебо општење лесно и често се повредуват едно со други): добро е да се обидеме, на некој начин, да се „култивираат“ тие ризици, но ако настојувате превентивно да ги укинете, што ќе добиете? Со помалку симпатичните нус појави на слободата, ќе ја изгубите и самата слобода. Добра и мудра опомена за оние кои знаат да ги читаат сигналите на денешното време.

Серијата не е прва екранизација на „Приказната на слугинката“. Постои филм од 1990 година, го снимил познатиот Фолкер Шлендорф, а сценарист е никој друг, туку Харолд Пинтер! Звучи како комбинација во која нема утка, но, филмот едноставно не е добар, кастингот е прилично...чуден (освен Роберт Дувал на кој улогата на Заповедникот одлично му стои) и мака што начелно „сè е тука“, филмот остава килав и лош впечаток како да е прване со пола срце, во ниеден момент не му веруваме, особено ако сте ја читале книгата. А ако претходно се ја изгледале серијата – тогаш подобро не се ни обидувајте да го гледате!

Имено, серијата е телевизиско ремек дело и со причина е прогласена за најдобра во 2017 година, не само во САД. Визуелно е раскошна, но не и претерано накитена и кокетна, секој сегмент на реализацијат е осмислен до најситен детаљ. Елизабет Мос е опасна, прекрасна и страшна како нараторката „слугинка“ Џун. Џозеф Фајнс (роден брат на извесен српски државјанин) е совршен како тупавиот, лигав гмаз Заповедникот, Австралијанката Ивон Страховски е беспрекорна како студената кучка, госпоѓата сопруга Серена Џој. Ен Дауд е величенствено грозна како Тетка Лидија, суштество кое во поредокот на Гилеад е еквивалент на мешавината од строга учителка и чуварка во конц логор. Раскошната продукција, како што е тоа вообичаено со денешните серии, ја потпишуваат разни режисери и сценаристи, а идејниот творец и водечки дух на серијата е Брус Милер.

Десет епизоди од по 45-50 минути е доволно простор и време, романот на Етвуд да се претстави во целост во секој аспект кој бил телевизиски употреблив и продуктивен (тука Шлендорф и Пинтер биле хендикепирани од форматот на целовечерен филм, толку може да се каже во нивна одбрана) и таа работа е завршена без некоја поголема грешка, а притоа како поминуваат епизодите се вметнуваат сè повеќе наративни моменти и текови што ги нема во романот, зашто треба сите да бидат подготвени за втората сезона, која нема да има непосредна врска со романот, бидејќи тој е всушност исцрпен со овие десет епизоди (ако не се сметаат евентуалните флеш-бекови и слично).

Да речеме дека во серијата, Лук, мажот на Џун успева некако да го преживее неуспешното бегство и сепак да се засолни во Канада, а бегството во северната земја конечно ќе ѝ успее на нејзината најдобра пријателка Мојра, која во серијата е лезбејка („предавничка на својот род“ според критериумите на Гилеад), но овде е и црномуреста. Исто како и Лук. Едноставно, три и пол децении подоцна, некои општествени дадености се поинакви во однос на осумдесеттите години и тоа се гледа во серијата. Како што се гледаат и технолошките промени. И како сега да се дочека втората сезона...

Во некој подобар свет, „Приказната на слугинката“ можеби би била помалку забележана наспроти нејзините инхерентни квалитети; во овој кој го креиравме самите за себе, па сега му се чудиме, добро е додека уште можеме да гледаме нешто вакво и да се чудиме...Зашто Гилеад не се случува (само) некаде другаде и некому друг.

Извор: Vreme

 

 

ОкоБоли главаВицФото