Светот во кој живееме

01.03.2018 13:33
Светот во кој живееме

Би почнал со еден совет од Џорџ Орвел. За време на кризата во Данкирк 1940 година додека британската елита правела низа глупости, Орвел во својот дневник напишал дека левите интелектуалци целата претходна деценија предвидувале настани кои ја изненадиле британската влада. Тој вели дека левицата секако нема моќ за предвидување на иднината, но има „моќ за разбирање на светот во кој живееме.“

Во нашето доба на подем на десниот популизам и оспорување на легитимноста на меѓународните институции, препознавањето на кризите што доаѓаат и облиците кои ќе ги добијат тие станува најпосакуван политички инстинкт. Либералите, технократските елити, политичкиот центар и некои делови од левицата страдаат од недостаток на овој инстинкт.

Тие постојано се чудат: што се случува со светот, економијата и ставовите на луѓето? Зошто настаните веќе не ги следат нашите очекувања? Не го користам изразот „либерална елита“ – но, неолиберална елита навистина постои и нејзиниот најголем проблем е во тоа што ја изгубила „моќта за разбирање на светот во кој живееме“ и наместо тоа развила ирационална склоност кон ризично однесување во политиката.

На оваа елита, токму како и на британската аристократија од доцните триесетти години на минатиот век, сè што се случува ѝ изгледа како серија неповрзани и несфатливи шокови. Шкотска за малку ќе изгласаше напуштање на Обединетото Кралство, Грција ѝ се спротивстави на Светската Банка, Британија гласаше за брегзит, Америка го изгласа Трамп.

Во Унгарија Виктор Орбан организираше гротескна антисемитиска кампања против Џорџ Сорос, а кога кампањата за брегзитот потфрли му се придружи британскиот весник Дејли Телеграф. Во Германија, десното крило на владејачката ЦСУ повикува на „буржоаска револуција“ која би ги поништила сите либерални достигнувања од 1968 година наваму.

И тука во Полска имате власт која има сериозен проблем – иако, сè уште не е свесна за тоа. Да се испровоцира Европската комисија да го активира Членот 7 е големо нешто – зашто тој процес сега е незапиралив. Можеби на Качински и неговата партија Право и правда им порасна рејтингот, но тие луѓе како да не сфаќаат дека си играат со оган.

Еве и зошто. Слободниот и либералниот дел од Европа е на запад, а од истокот ве притиска оној неслободен дел од континентот, прегазен од организираниот криминал, во кој се убиваат новинари и опозициски политичари. Нема никаков трет пат помеѓу овие два проекти. Филмот Grand Budapest Hotel е замислен како сатира – не како прирачник за употреба.

Затоа – учејќи од Орвел – треба да се биде сурово искрен кон светот во кој живееме. Треба да се разбере како навидум одвоените кризи се вклопуваат во еден мозаик. Прво, економскиот модел на нашиот свет доживеа слом. Ние на левицата овој систем го нарекуваме неолиберализам – но, кога го користам тој збор, мислам на економскиот систем во целина. Кина е дел од неолибералниот систем, токму како и САД. И Полска, и покрај својата дарежлива социјална политика и растечките плати, има своја улога во неолибералниот систем.

Истите фактори кои на овој систем му овозможуваа да функционира пред 2008 година денес го поткопуваат. За да го поттикнеме економскиот раст се потпиравме на ниски плати и високи стапки на заеми. Најпосле се покажа дека ниските плати, извозот на индустријата во земјите со поевтина работна сила и високите стапки на заемите меѓусебно не се компатибилни. Економските бумови прераснаа во економски кризи, централните банки се вмешаа во печатењето пари и изнудивме уште еден економски бум – но, тоа е раст кој ја забрзува нееднаквоста. Тој не е резултат на високата продуктивност која ја следи стапката на заеми.

Клучното прашање е зошто колапсот на неолиберализмот доведе до бран на десниот популизам, кој со себе донесе ксенофобија, расизам, антисемитизам и други предрасуди? Одговорот гласи дека неолибералниот проект беше заснован само на една премиса: побеснета компетиција, по цена на разорување заедници, традиции и институции. Ќе напредувате само ако себеси се сведете на економски субјект и ако ја отфрлите како неважна вашата сложеност како човечко битие.

Во периодот во кој овој рецепт даваше резултати, во бизнисот и политиката се поттикнуваше нешто што го нарекувам перформативен неолиберализам. Сите глумат, како во театарска претстава. Сè додека вашиот департман ги исполнува квотите за вработување обоени луѓе и жени, никој не се грижи што навистина мислите. (Можете дури и да верувате, како што навистина веруваат голем број млади американски мажи, и дека сексуално ослободените жени ги угнетуваат кутрите бета-мажи). Но, пропаста на економскиот систем одеднаш ги направи бесмислени сите овие преправања.

Тоа не значи дека во Полска или Франција нештата нужно се влошуваат во смисла на пад на заработката. Како што забележа Маклеј Гдула, таа може дури и да се подобрува. Но, се распадна наративот за постојаниот напредок во животот на поединците и шансите нашите деца да живеат подобро од нас. Отидете во некоја продавница за брза храна и погледнете како се однесуваат вработените како среќни економски и пазарни субјекти, па споредете го тоа со генерацијата на нашите татковци. Татко ми не би се согласил со оваа насмеана и среќна лага. За него, работното место беше простор на демократија. Таму беше дозволено да бидете она што сте. Истата личност дома, во пабот и на состанок на синдикатот.

Неолибералната економија го охрабруваше создавањето мноштво лажни личности, така што вистинските уверувања на многу луѓе никогаш не се доведуваа во прашање, ниту се изложуваа на притисокот од јавната расправа. Сè додека на работа ги исполнував критериумите за правично вработување, приватно можев да ги мрзам сите што ги вработувам.

И тогаш, после 30 години, неолиберализмот доживеа колапс и на површина избија старите предрасуди, во комбинација со паниката фокусирана на две прашања: кој сум јас и каква иднина ме чека? Ако веќе не сум економски субјект со јасна насока за напредување пред себе, што останало од мојот идентитет? И каква е целта на понатамошното преправање? Во Британија неолиберализмот го уништи работничкото самоорганизирање и социјалната кохезија. Сè што им остана на луѓето беше религијата, етничката припадност и остатоци од локалните идентитети. Тоа е позадината на брегзитот и подемот на ксенофобната, расистичка и националистичка партија УКИП.

Откако дојдоа на власт Трамп, Ердоган, Путин и Орбан, се посветив на истражување на подемот на власт на Хитлер. Не затоа што овие четворица се фашистички диктатори, туку зашто на сличен начин ја искористија лавината лажни вести за да ја прошират идејата дека не постои објективна вистина. Германскиот социјален психолог Ерих Фром сметаше дека подемот на нацизмот овозможил две нешта – општа исцрпеност и изолираност на луѓето во модерниот живот, во комбинација со неуспехот на левичарските лидери да понудат неопходни одговори. На тоа додајте го и откритието на Хана Арент – подемот на ситната бирократија, несклона на размислување и преиспитување – и добивате фашизам.

Доволно е само да се прочитаат извештаите за животот во складиштето на Амазон во Британија за да сфатите колку луѓето се изморени и исцрпени. Неуспесите на левицата се нижат еден по друг: одлуката на американските демократи да ја кандидираат Хилари Клинтон, поразот на британските либерали на прашањето за брегзитот, неуспехот на Граѓанската платформа тука во Полска. Кога станува збор за бирократско-менаџерската класа, таа во меѓувреме благодарение на неолиберализмот се зголеми повеќекратно и сè уште е подготвена да исполнува наредби. Каков свет добиваме на овој начин? Добиваме пропаднат економски систем, укинат главен наратив, куп перформативни однесувања кои се покажуваат како бесмислени и политичка идеја која одбива да живее во реалноста.

Знаеме како изгледа тоа, зашто сето тоа го видовме во Советскиот Сојуз – кога сите сфатија дека на системот му доаѓа крајот. Сè беше вечно, додека не престана да постои, е насловот на книгата на Алексеј Јурчак за ерата на Горбачов, која денес ни ја раскажува приказната за крајот на неолиберализмот.

Опасноста што ни се заканува е прераснување на економската во општествена криза, а потоа и во криза со геополитичка фрагментација. Менаџерската култура која денес ги штиклира ставките на општествената инклузивност, така утре ќе ги штиклира ставките за масовно иселување мигранти.

Иницијална претпоставка на левицата беше дека неколку економски реформи ќе бидат доволни за да се задоволат гласачите наклонети кон десниот популизам. Но, како што покажуваат Дуда и Качински – десницата е подеднакво способна да ги искористи социјалните реформи и државните дотации за цементирање на својата поддршка меѓу граѓаните.

Она што ни е потребно е прогресивните политичари радикално и демонстративно да раскинат со системот на слободен пазар и јасно да ги задолжат најбогатите со проект за спасување на владеењето на правото, мултилатерален глобален систем и демократија. Опасноста која ни се заканува не е фашизмот. Во триесееттите фашизмот бил неопходен за да се скрши работничкото движење. Денес, кога го нема ова движење, доволна е само авторитарна власт која го гази правосудството, ја ограничува слободата на говорот и ги заплашува медиумите – а, тоа е впрочем вообичаена форма на уништен систем. Во Полска веќе ги гледаме контурите на таквиот систем.

Впрочем, значајно е да се сфати каде се среќаваат интересите на Владимир Путин и, на пример, Руперт Мердок или Трамп. На Мердок и Трамп им одговара тоа што екстремната нестабилност, постојаната драма и лажните вести ги прават луѓето изморени од демократијата и подготвени моќта да ја предадат во рацете на клептоманскиот претседател кој ќе го прави она што ќе му наложи Мердок. Што добива Путин? Прво, западот го губи својот морален авторитет во однос на Русија; второ, западниот финансиски систем се отвора за руските клептократи.

Треба да се разбере дека сме соочени со распространетиот подем на екстремната десница како феномен, координиран од страна на неколку десничарски влади, во кој тајкунските медиуми се користат како мегафон за ширење на фашизмот и лажните вести. Како што веќе реков, целта на овој проект не е создавање фашизам, туку ширење страв и недоверба, и отстранување на прогресивните сили од улиците. Овој процес се координира одоздола, од страна на медиумите како Брајтбарт, а потоа ѝ се пренесува на пошироката публика преку каналите како Фокс. Одговорот мора да биде регулаторна акција за спречување на глупавите алгоритми на социјалните мрежи и натаму да ја шират оваа омраза.

Исто така, треба да се разбере дека во културалната војна предрасудите се шират експоненцијално, додека разумот настапува линеарно. За речиси неколку недели од почетокот на јавниот конфликт со ФБИ, Трамп и медиумите кои му се блиски убедија 73 проценти од републиканските гласачи дека ФБИ активно работи на поткопување на демократијата. Пробивот на антисемитизмот на полските социјални мрежи веројатно е експоненцијален одговор на конфликтот на партијата Право и правда со европските институции.

Новата десница функционира според следниот рецепт: заземи екстремен став, брани го со екстремни лаги, вовлечи го во дискусијата и прашањето за слободата на говорот – и потоа дозволи да се шири незнаењето. Не можеме да се бориме против тоа на нивен терен. Зашто „културалните војни“ едноставно се погрешен назив за тоа. Она што се случува е војна против културата.

Десницата користи различни видови тајни означувачи за да шири омраза. Кога во Британија сакаат да го стигматизираат халалот и кошер месото, следбениците на УКИП и неонацистите разменуваат приказни за „животинските права“. Повеќето антирасисти во Британија не се ни свесни за тоа. Како да ѝ се спротивстават на пропагандата кога не се во состојба ни да ја согледаат?

Треба да се создаде радикална надеж во прогресивно решение – не во некое далечно ветување, туку во брзо достижен пресврт во платите, квалитет и достапност на јавните служби, добро платени работни места и бесплатно образование за сите деца. Ние од британската Лабуристичка партија одлучивме дека веќе нема да ја играме пристојната игра на центристичката политика. Рековме: „Системот не функционира; непријатели се банките, богатите кои избегнуваат данок и приватните корпорации што нè поткрадуваат – а, не мигрантите, муслиманите или примателите на социјална помош.“

Кога лабуристите го објавија својот манифест во јуни 2017 тоа предизвика сериозен потрес во работничките заедници кои важеа за упориште на УКИП и поддршка за брегзитот. Овие заедници се поделија – ако УКИМ во просек имаше над 20 проценти од гласовите во малите градови и внатрешноста на земјата, половината од тој процент отидоа кај конзервативците, а половината преминаа на страната на лабуристите.

Би сакал да завршам со проблемот на вашиот нов закон кој забранува дискусија за улогата на Полска во Холокаустот. Бидејќи овој собир го финансира германското министерство за надворешни работи, би сакал веднаш да кажам – како што направи и Зигмар Габриел – дека исклучиво Германија е виновник за Холокаустот.

Но, ајде да признаеме дека историјата се занимава со сложеноста на настаните, а не со националните карактеристики на доброто и злото. Кога ќе се изврши толку огромно злосторство, обвинувањето цел народ, или ослободувањето цел народ од одговорност се мошне лош начин на пишување на историјата. И во Германија и во Полска настаните од Втората светска војна се инструментализираат, а самото по себе тоа е ужасно опасно. Причината заради која ги носиме децата да го видат Аушвиц е тој да не може да се нарече „лажна вест“. Тој постои. Можете да поминете низ неговата капија.

Кога во 1945 година беа разоткриени сите размери на ужасот на Холокаусотот, тоа ги наведе луѓето од многу општества да се запрашаат дали човештвото е осудено на пропаст: филозофите на моралот и верниците себеси си го поставуваа прашањето – дали во човечките битија постои непоправливо зло? За да бидат во состојба да одговорат „не“, мораа да изградат институции кои гарантираат дека никогаш нема да се повтори нешто такво. Една од овие институции е и Универзалната декларација за човекови права. Втората е либералната демократија – концепт кој постојано го напаѓаат Качински и неговите медиуми.

Моментот во кој Холокаустот би ја изгубил моќта во луѓето да стимулира длабоко морално самопреиспитување, би бил моментот кога тој станува „само уште еден настан“. Дали можете да замислите германска влада која спроведува масовна депортација на мигрантите? Ако вашиот одговор е не – размислете уште еднаш.

Ако повторно завладее десниот авторитаризам, нема да има Женевска конвенција. Полициските сили денес се многу помилитаризирани, а средствата за надзор на граѓаните се многу посеопфатни. Повеќе го нема пролетаријатот кој во триесеттите се бореше против фашизмот и ги нема работничките движења кои го предводеа отпорот против Франко во Шпанија или холандскиот генерален штрајк против депортацијата на Евреите во февруари 1941 година или бунтот во Варшавското гето.

Тоа е светот во кој живееме денес.

Транскрипт од говорот одржан на #EuropeanTownHall состанокот во Варшава, 12 февруари 2018 година во организација на Das Progressive Zentrum. Текстот првпат е објавен на блогот на авторот.

Извор: https://www.socialeurope.eu
Карикатури: Игор Смирнов

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Теорија
Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија
Свет / Екологија / Теорија
Општество / Свет / Став / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото