Името и невиноста

02.03.2018 02:32
Името и невиноста

Македонија може да реши да не го смени името, тоа е едната позиција, за мене не само глупава, туку и егзистенцијално опасна, смртно опасна, да не се заебаваме, тоа е тоа и, може да прифати да го смени името, што мислам дека и во тековна и во историска смисла е одговорно решение.

Луѓето треба отворено да се соочат со крајните опции кои ќе се случат, речиси веднаш. Мислам дека речиси веднаш, тоа значи за година, две, најмногу три, ќе се распаднеме, ако решиме да не го менуваме името и речиси веднаш ќе се симнеме самите себе од класичните заебанции врзани со таканареченото македонско прашање, што не значи дека веднаш ќе потечат мед и млеко.

Тука нема многу место да ги тераме сите, посебно не Грците у пизду материну, затоа што тоа не е на дневен ред, како што впрочем не е ниту чувањето на таканареченото уставно име. На дневен ред е како оваа вукојебина да ја изнесеме од вукојебниот статус, односно да преживее и како да тргне напред.

Ако реши поинаку, последиците, тоа треба без пардон да се каже, ќе ги почувствува и последниот скот, во тој поглед сите треба да бидат начисто. Тие последици ќе бидат драматични, безбедносно драматични, културолошки драматични, социјално итн, ќе падне вредноста на имотите, ќе отидат у курац штедните влогови, ќе се случи натамошна депопулација, ќе останеме без ништо.

Дали се разбираме!?
Ние не бираме кој филм ќе го гледаме, затоа што ова не е кино, ова е живот.

Но, ако решиме да го смениме името, нема многу смисла да се расправаме колку и како ќе го менуваме. Прифаќањето да го смениме името во однос на таканареченото национално достоинство, една измислена и манипулативна категорија од висок маштап, е како губењето на невиноста; нема достоинствено губење на невиноста од аспект на јунферот.

Сеедно е како ќе се викаме, дали ќе нè преведуваат или нема да нè преведуваат, дали додавката ќе биде залепена за Македонија или нема да биде залепена, дали ќе го менуваме уставот, дали промената ќе биде ерга омнес, хахаха. Околу тие работи може да се преговара поради тактички причини, можеби, и поради ценкање или поради замајување на јавноста, веројатно е важна и мелодијата на новото име, Република Цела од три дела, без Македонија, односно со Македонија во самата сентенца, има страшен дурски тон, мислам дека е најдобро решение, но од аспект на достоинството тоа нема смисла затоа што ако и имало некакво достоинство, тоа е загубено не во смената на името, туку во неговата одбрана. Утре да рече Ципрас викајте се како сакате, нам ќе ни треба една деценија да стигнеме до минимум нешто што ќе може оправдано да се крсти достоинство на заедницата и нејзината држава!

Се согласувам дека за Грција е подобра секоја меѓународна гаранција, отколку промена на уставот, но можно е дека Грција не ја бара промената на уставот како директна гаранција, туку индиректно, преку очекуваното понижување и обезличување кое го очекува, односно преку супстанцијално декапацитирање на сите можности да бидат загрозени нејзините интереси од оваа територија.

Но, дури и да е така, ние треба да ја прифатиме таа игра и на тој начин да победиме. Треба да излеземе од тоа ниво на проблемот во кое името е централен проблем и да се префрлиме на теренот на егзистенцијата и развојот, кај што можеме да победиме. Ако е горниот мотив во прашање, ние ќе победме ако преживееме со членство во НАТО и ЕУ, без оглед на името. За нас тука и за луѓето од надвор, секогаш ќе останеме - Македонци! Во што јас не гледам никакво задоволство или среќа, но така е, јебига, што да се прави.

Сè ми се чини дека ние и се движиме во правецот што е посочен во овој текстич, но многу бавно и по многу висока цена.

Слики: Јацек Јерка

Извор: Плусинфо