Победата на милитаризмот

02.03.2018 02:50
Победата на милитаризмот

Приближувајќи се кон стогодишниот јубилеј, нашата армија која како и сите останати татковински служби за безбедност сака деновите од својата историја да ги одбројува од првите денови на советската власт, подготвена на екот на фанфарите и победоносните пофалби проследени со таламбаси. Нема сомнеж дека со ѕвездички и ордени накитените началници долго и со уживање ќе ги набројуваат бесмислените проценти на прирастот на нашата современа воена техника и со полна уста ќе ја фалат борбената готовност на Вооружените сили на Руската федерација. Би било повеќе од пофално ако на генералите, и покрај нивниот обичај, овојпат им појде од рака да направат и нешто невозможно: следејќи ја едноставната логика прво да ги усогласат своите податоци, па дури потоа да ѝ ги објават на восхитената јавност.

И, секако, меѓу сите успеси и неверојатни победи, на прво место ќе стои онаа најсвежата – сириската. Ами како! Таа победа ќе биде најочигледен доказ дека нашиот национален лидер, нашиот сегашен и иден претседател и покрај сите очекувања го исполнил своето ветување дадено уште далечната 2000 година, веднаш после трагичната катастрофа на нуклеарната подморница „Курск“. „Наша прва задача е преродбата на Советската армија“ – рече тогаш. Благодарение на успесите на бојното поле, односно двегодишното речиси секојдневно бомбардирање и бројните удари на досега ненадминатите крилести ракети Калибар, успеавме да го разориме терористичкиот халифат на ИСИС и на диктаторот Башар Асад да му ја сочуваме власта. Благодарение на воената интервенција во Сирија, Москва докажа дека на глобален план повторно стана влијателен играч. Лидерите на останатите големи држави, вклучувајќи ги и САД, сега се принудени со тешко срце сепак да разговараат со Кремљ. И сето тоа благодарение на ненадејната преродба на нашата воена моќ.

Нашата моќ доби не само регионални, туку и глобални размери. Нашите дипломати веќе не можат да се жалат дека никој не ѝ посветува внимание на Русија. Во неодамна објавените документи кои зборуваат за новата американска доктрина – во националната одбранбена стратегија и во Прегледот на нуклеарните сили (Nuclear Posture Review) – на нашата земја ѝ е дадено местото на еден од главните противници на САД. Бидејќи Вашингтон најсериозно ги сфати гласните размислувања на некои руски воени аналитичари за таканаречената „ескалација заради деескалација“, американските стратези, смислувајќи нови оружја, му порачуваат на „градот и светот“ дека Русија навреме мора да биде разуздана. Имено, размислувањата на нашите доблесни аналитичари се сведуваат на неверојатно „паметната идеја“ според која уште во раната фаза на некој иден локален конфликт Русија би требало да изврши нуклеарен удар на противникот, а сето тоа за потоа НАТО да биде принудено на договори за мир под услови кои ќе му одговараат на Кремљ. Тоа е причината зошто американските стратези сега ја интензивираат работата на оружјата и воената опрема за водење ограничена нуклеарна војна.

Погрешно е да се мисли дека тоа се само хипотетички размислувања за можни ситуации или некакви теоретски стратешки вежби. Пред неколку денови во Сирија (ноќта помеѓу 7 и 8 февруари), првпат во последните неколку години се одигра директен воен конфликт помеѓу Русија и Америка. Во тој конфликт американските сили извршија артилериски и воздушен удар на колона проасадовски сили меѓу кои се наоѓаа и руски платеници, таканаречени Вагнеровци. Во таа прилика се убиени десетици или стотици (не се знае: американската страна не ги броела, а нашата молчи) руски граѓани – додуша платеници. Тука треба да се напомене и следното: многу воени аналитичари сметаат дека до директен воен конфликт од големи размери помеѓу Русија и НАТО може да дојде и после низа мали конфликти на територии на трети земји. Вашингтон изгледа дека ја сфатил оваа опасност и затоа високи воени началници од САД одлучно тврдат дека не биле упатени во „националниот систем“ на проасадовските сили што ги уништиле. Меѓутоа, фактите се недвосмислени: од далечната војна во Кореја, Русија и САД првпат директно се соочија на бојно поле. И нема смисла да се тешиме со фактот дека во оваа воена операција американската страна не убила руски војници, односно припадници на Вооружените сили на РФ, туку доброволно (и за пари) вооружени руски граѓани. Станува збор за борци кои, после спектакуларната победа извојувана над терористите на ИСИС, не штедејќи ги своите животи херојски се борат за зачувување на власта на еден блискоисточен диктатор и кои токму тој ден (или ноќта) имале намера од месните Курди да одземат една рафинериичка за нафта во сириската провинција Deir ez-Zor. Веќе е вообичаена навика полувоени групи и останати „доброволци“ да му претходат на доаѓањето на „љубезните зелени“ на територијата која Русија е наклонета да ја преземе. Меѓу другото, во тоа лежи и целата суштина на водењето таканаречена „хибридна војна“ и сите воени победи забележани во поновата руска историја.

Меѓутоа, би било погрешно да се размислува дека најновите успеси на нашите стратези, како и незадржливиот ентузијазам на нашата воена индустрија, во исто време да ја зголемуваат и нашата (мислам на нас, граѓаните на Руската федерација) безбедност. Токму спротивното. Сите напори и успеси на Кремљ во воената сфера прават војната со големи размери да е сè поизвесна.

Има неколку причини. Пред сè, сите актуелни воени активности на Москва – и оние во Украина и оние во Сирија – немаат никаква врска со безбедноста на земјата. Тие се насочени исклучиво на потхранување на гордоста на Кремљ, односно на ублажување на комплексот на пониска вредност на Путин. Заради недостаток на какво било логично објаснување на нашата интервенција во Сирија, на јавноста ѝ се нудат застарени толкувања позајмени од арсеналот на класичниот империјализам. Со помош на воена сила, Кремљ наводно се обидува да заштити некакви „геополитички“ или дури економски интереси на Русија оддалечени илјадници километри од нејзината територија.

Како што растат расходите за одбрана (неодамна беше усвоена нова репрограма за вооружување тешка околу 20 трилиони рубљи), така управувачите на воено-индустрискиот комплекс на Русија покажуваат сè поголем интерес за трката за вооружување. Денес, кога Русија се наоѓа во тешка финансиска ситуација, Кремљ се подготвува да започне реализација на неколку суперскапи воени проекти: изградба на тешката ракета Сармат, производство на нови атомски подморници, стратешки бомбардери и борбени ловци од новата генерација. И сето тоа, патем, ќе ги полни џебовите на сосема конкретни луѓе. Констатацијата дека трката за вооружување беше една од главните причини за крахот на советската економија, а на крајот и распадот на СССР, веќе одамна стана нешто вообичаено, што секако на генералите од тогашниот воено-индустриски комплекс не им пречело своите генералски животи сосема опуштено и нормално да ги живеат до самата катастрофа. Најверојатно и сега се случува нешто слично.

И за крај, она најважното. Како резултат на внимателно подготвената милитаристичка хистерија, од нашиот врховен командант сега се очекуваат нови победи и воени успеси. После Крим и Сирија, душата на нашиот просечен граѓанин бара нови духовно-патриотски полети. И тоа може да биде мошне опасно. Празникот на стогодишнината на Црвената армија пристигнува во земјата во која победи милитаризмот.

Извор: http://www.ej.ru

ОкоБоли главаВицФото