Пет романи во третиот круг за наградата „Роман на годината“

02.03.2018 13:16
 Пет романи  во третиот круг за наградата „Роман на годината“

Романи од различни жанрови, пет на број, се селектирани во третиот круг за наградата „Роман на годината“ за 2017 година која ја доделува новоформираната Фондација за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.

Станува збор за романи од автори од различни генерации. Еден од нив, Владимир Плавевски е и еден од лауреатите на истоимената награда која 18 години ја доделуваше лани згаснатиот „Утрински весник“, додека во изминатите години во финале за неа влегуваа и дела на помладите автори: Фросина Пармаковска, Бранко Прља и Игор Станојоски.

Селекцијата ја врши жири комисијата со која претседава Давор Стојановски, писател и минатогодишен лауреат, а членови се Ристо Лазаров, писател, Иван Додовски, писател и професор на Универзитетот Американ колеџ од Скопје, Анета Дучевска, професор и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“ и Катерина Богоева, новинар и член на Фондацијата „Славко Јаневски“.

За наградата „Роман на годината“ за 2017 година во официјална конкуренција беа 27 дела,од кои во вториот круг влегоа 11 романи. Најдобриот роман ќе биде избран и јавно соопштен на прес - конференција на 15 март.

Романи од третиот круг за „Роман на годината“ за 2017 година:

1.„Одбројување“ – Фросина Пармаковска, „Или – или“
2.„Земјотрес 05:17“ – Владимир Плавевски, „Македоника литера“
3.„Апокалипса.мк“ –Бранко Прља, „Готен“
4.„Диссомнии“- Игор Станојоски, „Антолог“
5. „Годините кога научив да летам“, Евгениј Хоуп, „Матица македонска“

 

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото