Портрет на уметникот

02.03.2018 18:18
Портрет на уметникот

ПОРТРЕТУРАТА Е ПОДЖАНР на мртва природа кој стреми да го опфати светот, отсликувајќи ги своите субјекти такви какви што се. Покрај ова, овие слики – и мажите и жените кои ги насликале – се обидуваат да претстават, во конечен број потези со четка, нешто значајно за жив субјект со уникатни одлики. Постигнувањето на ова бара и неверојатно владеење на техниката и впечатливо прикажување на емпатија и трпеливост.

Музиката, иако бара слична техника и осет, ни случајно не може да достигне исто ниво на уверливост во претставувањето. Просто кажано, и најубавите низи на ноти не можат да претстават луѓе, ниту да прикажат нешто во реалниот свет – не означуваат ништо освен своето постоење. Ова, сепак, не е зашто не се обиделе претходно, а и голема уметност се создала заради ова. Земете ја, на пример, Елгаровата Enigma Variations (Варијации на Енигма), оп. 36, или Нилсеновиот Дувачки квинтет, оп. 43: музиката и на двете е наменета да ги карактеризира, ако не и да ги претстави, пријателите на композиторите.


Портрет на Мусоргски насликан од Хартман

Мусоргски бил дел од група позната како „Петтемина“. Овие истакнати композитори од 19. век дејствувале во Санкт Петербург и се стремеле да создадат својствено руски стил на класична музика, а не таков кој само го имитира западноевропскиот стил. Виктор Хартман бил делотворен архитект и сликар кој ја имал истата желба како Мусоргски да создаде голема руска уметност, и двајцата набргу станале блиски пријатели. По ненадејната смрт на Хартман во 1873, била изложена изложба со над 400 од неговите цртежи, сценски уредби и архитектурни студии во Академијата на ликовни уметности во Санкт Петербург. По посетата на изложбата во чест на покојниот пријател, Мусоргски бил толку трогнат што веднаш се зафатил да компонира ново дело што потоа ќе стане Слики на една изложба (Pictures at an Exhibition).

Карактеризацијата во музиката не е воочлива никаде во репертоарот на Мусоргски колку што е во ова ремек-дело за соло пијано, кое денес го изведуваат многу виртуози и кое има симболично место во руската култура веќе речиси 150 години.

Пол Вајс, и самиот музички портретист, е класично обучен пијанист и мајсторски сликар чии портрети се закачени во угледни галерии низ Северна Америка. Слики на една изложба е фокусот и насловот на неговото најново дело, прототипско пијано за Steinway & Sons.

Вајс ги има рекреирано оригиналните слики на Хартман кои го инспирирале Мусоргски да ја напише композицијата и ги има насликано на пијаното – со тоа на некој начин повторно ја одржува истоимената изложба.


Пијаното на Вајс

Сепак, многу од овие слики се изгубени, наведувајќи го Вајс да се задлабочи во описни писма, и поважно, во партитурата на Мусоргски за да замисли како би изгледале оригиналите. „Ја имам студирано и свирено и се имам инспирирано од музиката на невизуелен начин, и затоа е интересно да реконструирам како би изгледале овие слики преку имагинацијата на пијанист, каква била атмосферата, каков впечаток би оставила една слика. Многу лесно се преточува звукот во слика. Музиката на Мусоргски е пред сè многу визуелна, па по природа се преточува музиката во сликарство, и обратно, што мене ми годеше.“

Користејќи ја музиката како средство за пристап до сликите на Хартман, Вајс верува дека всушност научил повеќе за Мусоргски. „Смешно е што обратно функционираше – подобро ја разбрав музиката наместо музиката целосно да ми покаже што да насликам.“ Тој е особено убеден дека Мусоргски сакал повеќето гестови во музиката да бидат понеточни, и дека техничката јасност во современото свирење на пијано всушност ѝ штети на Слики на една изложба. „Јасно ми е дека Мусоргски сакал многу нешта да бидат замачкани или заматени – како што би сакале да бидат во слика. Многу од напливите на ноти кои конзервативните студенти ги вежбаат да бидат јасни и сјајни, биле наменети да звучат замачкани во едно, како што можете да мешате бои за да доловите ефект. Поради некоја причина толку се плашиме од тоа во современото свирење на пијано, да биде нечисто или хаотично.“

Овие сфаќања, како и двојното искуство на Вајс како пијанист и сликар го имаат наведено сосема да го измени својот пристап кон Мусоргски. „Начинот на кој сега го свирам делото е доста поразличен од начинот на кој го свирев пред проектот. Не се плашам да направам ефект на ехо со педалот или да искористам скала како спор потег во музиката, наспроти низа посјаени ноти. Кога сликам, заматените области се својствен дел од карактерот, и пристапот кон Мусоргски од таа уметничка гледна точка ме доведе до убедувањето дека и музиката е наменета така да се свири.“

извор: steinway.com

ОкоБоли главаВицФото