Разговор со Џејмисон Вебстер, психоаналитичарка

03.03.2018 13:29
Разговор со психоаналитичарката Џејмисон Вебстер

Психоаналитичките поими – вклучувајќи ги популарните фаворити како „потиснување“, „Едипов комплекс“ и „нарцизам“ – се дел од секојдневниот говор, а сепак психоанализата како професија е сè уште озлогласена. Но на психоаналитичарката Џејмисон Вебстер, која работи во населбата Сохо во Менхетен, не ѝ пречи ова. Вебстер, професорка во Њу Скул, како и културна критичарка, се сложува со Фројд, кој верувал дека поради тоа што психоанализата се занимава со нешта што прават да се чувствуваме неудобно, секогаш ќе постои отпор. Тука Вебстер зборува за придобивките од заборавањето, митовите за психоанализа, и колку ни е на сите тешко да слушаме.

Што ве привлече кон психоанализа?

Мислам дека единствената причина поради која луѓе стануваат психоаналитичари е дека се разболени. Рано го читав Фројд, а на 14 години сакав да бидам парапсихолог, што е поврзано со прогонување и со чудни нешта. Првата минута откако стапнав во Њујорк, веднаш најдов психоаналитичар, но навистина си имав маки. Многу од времето во анализата е посветено на справување со проблемите, а потоа мора да откриете дали сакате да станете психоаналитичар зашто навистина сакате да им помогнете на луѓе. Анализата воочува дека алтруистичкиот импулс е лажен. Нема да ги исполни желбите поради кои сте навлегле во струката; ќе ве натера да се ѕверите во тие желби и во нивната неостварливост. Во овој момент мора да одлучите дали сè уште сакате да го работите ова.

Како кај уметниците, работава бара да се изнесат деталите на површина.

Моќта на одредени сликари – кога ќе создадат уметничко дело – е да направат видливо нешто што не било видливо претходно. Психоанализата го прави истото преку фокусирање на некој детаљ надвор од центарот, нешто што се издвојува, и враќање на истото во центарот на пациентот. Соништата често се драматични, но често има мал детаљ што го разоткрива нивното значење. Затоа треба почесто да читаме книжевност отколку да учиме невропсихологија. Пациентите се чудни, а кога ќе ги пробиете, има толку многу материјал на лудост, но и нешто чудесно.

Во мода е – во курсеви по креативно пишување, во медиумски кампањи – да си ја „раскажете приказната“. Како е тоа различно од тоа што се одвива на вашите сесии?

Има еден импулс на заслужување кој ги тера луѓето да мислат дека имаат приказна за кажување. Но многу е тешко да си ја раскажете приказната, и приказната која ја кажувате е секогаш лага. Мора да имате невообичаен пристап за да откриете дека вашиот свесен приказ на работите е погрешен, и тогаш да најдете други значења. Би била престрашена да морам да си ја раскажам мојата приказна. Психоанализата е повеќе поврзана со просветленија во наративот отколку со самиот наратив. Можеби ќе произлезе различна приказна откако ќе се открие нешто. Го разбирам импулсот во идентитетските политики, за тоа како историјата ви ја пишува приказната, но тоа е борба за моќ. Има нешто опасно во тоа да се мешаат идентитетот и моќта. Психоанализата е за тоа што сме, а тука нема моќ. Тоа што ќе го кажете во анализата е крајно обезмоќена приказна.

Ако пишуваме сопствена приказна, не слушаме.

Низ криза на слушање ли поминуваме? Мислам дека е така. Земете го на пример обучувањето на психоаналитичари: пет до шест години на факултет и потоа пет-шест години практична обука за аналитичари. Тоа се 12 години во кои се учи да се слуша! Тоа што сфаќам колку е тешко ме прави голем песимист за можностите надвор од ординацијава. Кога е толку тешко да се слуша, се плашам кога ќе помислам на вистински ситуации со вистински последици. Голем дел од времето кога зборувате со други, всушност си ја пополнувате сопствената приказна. Обично зборуваме за безбедни места за зборување, но мислам дека би било многу подобро да имаме безбедни места за слушање.

Психоанализата не нуди моралност, а тешко е да се слуша без моралност. Денес се навраќаме кон моралноста – на сите страни има гнев – и иако има нешта за кои треба да сме гневни, треба да ја тргнеме моралноста од сликата за навистина да слушаме. Судот, најчесто реактивен и моментален, е тоа што типично излегува од своето јас. Се измачувате за нешто за кое се чувствувате виновни.

Еден мит за психоанализата е дека потиснувањето е ужасно. Живееме во доба во која, поради технологијата, ништо не се губи. Има ли полза од заборавањето?

Заборавањето ни дозволува да почнеме одново. Ја создава потсвеста, која ни дава скриен резервоар во кој ставаме нешта на кои можеме да се навратиме. Пациентите, кога се најрастревожени, пробуваат да задржат сè пред нив наместо да вратат нешто во складиштето, и да дозволат да се врати со тек на време, поставувајќи уникатен ритам на заборавање, сеќавање и дозволување на нештата да влезат во свеста. Без потиснување, сите би биле луди и во бунило.

извор: kinfolk.com

Слични содржини

Психологија / Теорија
Психологија / Наука / Теорија
Графички Дизајн / Книжевност / Психологија / Стрип
Општество / Психологија / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото