Фрагменти на љубовниот говор (2)

03.03.2018 17:15
Фрагменти на љубовниот говор (2)

CACHER / КРИЕЊЕ

Да ѝ се наметне на страста маска на дискреција (или неосетливост): тоа е строго херојска доблест: „Недостојно е за големите души околу себе да го шират немирот, што го чувствуваат“ (Клотилда де Во); капетанот Паз, еден од Балзаковите ликови, измислува лажна љубовница за да биде сигурен дека од жената на најдобриот пријател херметички ја затворил сопствената смртна вљубеност во неа.

Но наполно да се скрие страста (или дури поедноставно, да се сокрие нејзината претераност) е непоимливо: не зашто човечкото суштество е преслабо, туку зашто страста, во суштина, е создадена да биде видлива: криењето мора да се види: Знај дека нешто кријам од тебе, тоа е активниот парадокс кој морам да го разрешам: тоа едновремено мора да биде и знајно и незнајно: знај дека не сакам да ги покажам своите чувства: ете ја пораката што ја упатувам кон другиот. Larvatus prodeo*: приоѓам, покажувајќи со прстот кон својата маска: ставам маска на својата страст, но со дискретниот (и лукав) прст покажувам кон неа. Секоја страст, конечно, го има својот гледач: во мигот на смртта, капетанот Паз не може да се воздржи од пишувањето кон жената која тивко ја сакал: нема љубовна жртва без завршна претстава: знакот секогаш е победоносен.

*„Стапувам со маска“ - позната изрека на Декарт („Како глумец, за црвенилото да не се види на лицето, ставам маска и стапувам на светскава сцена, во која досега бев само гледач, со маска“).

CASES / ВРЕДЕНИ

Вертер сака да е вреден (вклучен): „Јас - нејзин маж! О боже кој ме создаде, тоа блаженство да ми го одредеше, целиот мој живот ќе беше една непрекината молитва“, итн. Вертер го сака местото што е веќе заземено - местото на Алберт. Сака да влезе во системот („вреден“ /вклучен/ на италијански се вели sistemato). Бидејќи системот е целина во која сите имаат свое место (дури и кога тоа не е добро место); мажите и жените, љубовниците, љубовните триаголници и маргиналците (уживателите на дроги, крузерите), убаво сместени во својата маргиналност, сите освен мене. (Игра: столови имаше колку и деца, т.е. еден помалку; додека децата маршираа во круг, госпоѓата свиреше на клавирот; кога ќе престанеше, секој потрчуваше кон најблискиот стол и седнуваше, освен најсмотаниот, најмалку грубиот или најнесреќниот, кој ќе останеше да стои, премногу глупав, одвишен: заљубен).

CIRCONSCRIRE / ОГРАНИЧУВАЊЕ

Цицерон, а потоа и Лајбниц, ги спротиставуваат gaudium и laetitia. Gaudium e „задоволство кое душата го доживува кога смета дека е осигурано некое сегашно или идно добро; а тоа добро го поседуваме кога имаме моќ во него по желба да уживаме. “ Laetitia е жизнерадосно задоволство, „состојба во која ни претежнува задоволството“ (помеѓу другите, често противречни чувства).

Gaudium е она за што сонувам: да уживаш во доживотно поседување. Но, со оглед дека сум немоќен да го постигнам gaudium, од што ме делат илјада препреки, сонувам да прибегнам кон laetitia: кога би можел себеси да се ограничам на жизнерадосните задоволства кои другиот ми ги пружа, без да ги валкам, без да ги умртвувам со стрепењето кое им служи како спој? Кога би можел да имам антологиски поглед на љубовната врска? Тогаш кога, како прво, би можел да сфатам дека големата грижа не ги исклучува миговите на чисто задоволство (како воениот свештеник во Мајката Храброст, кој објаснува дека „војната не го исклучува мирот“), а потоа, да ги заборавам опасните подрачја што ги одвојуваат тие моменти на задоволство? Кога би можел да бидам зашеметен, недоследен?

Тоа е лудачки проект, оти Имагинарното* е точно дефинирано со своето соединување (со својата лепливост), или пак: со својата моќ која пренесува боја: ништо од сликата не може да се заборави; исцрпувачкото помнење го спречува доброволното бекство од љубовта; накусо, можноста во нејзе мудро, разборито, да живееме. Се разбира, можам да замислувам како да ги ограничам своите задоволства (реткоста на состаноците да ја претвориш во богатство од односи, налик на епикурејците; или да го сметаш другиот за изгубен, и тогаш, секојпат кога ќе се врати, да уживаш во олеснувањето поради неговото воскресение), но тоа е залуден напор: љубовната смола е неуништива: треба да се трпи или да се одвои: уредувањето е неможно (љубовта не е ни дијалектичка ни реформистичка).


*Регистарот на имагинарното, според Лакан, е подрачјето на јас, предјазичното подрачје на сетилната перцепција, идентификацијата и илузорното чувство на единство. Примарен однос во регистарот на имагинарното е односот со сопственото тело. Имагинарното не е минлива развојна „фаза“, туку останува во сржта на нашето искуство. Тоа е подрачје на идентификацијата и на „огледалната рефлексија“, подрачје на изобличувањата и илузиите, каде што се случува залудната борба јас уште еднаш да ги добие изфантазираното единство и кохерентност. Целовитото сопство (јас) се конституира, пак, од надворешните слики, од Другоста, и општеството ни нуди мноштво слики врз основа на кои би требале да ги конституираме сопствените фикции на сопството (Имагинарното - сфатено во Бартова смисла - ја искажува неодоливата моќ над субјектот, заснована врз речиси хипнотичкото дејство на „сликата во огледало“). Оттаму е можно да се анализира Имагинарното на домаќинка, на бизнисмен, професор, филмска ѕвезда, политичарка, бунтовник, вљубен субјект. - Заб. ур.

Слики: Marion Fayolle

Избор и превод: П. В.
Barthes Roland, Fragments d'un discours amoureux, 1977.

 

ОкоБоли главаВицФото