Nyctophiliac го споделува својот сеништен свет во “Dark Side of the Mental”

05.03.2018 11:57
Nyctophiliac го споделува својот сеништен свет во “Dark Side of the Mental”

3 по полноќ е и седите во зачаден џез клуб, потпивнувате добар скоч. Можеби од што сте ненаспани или сте се поднапиле, одеднаш почнуваат да се менуваат и изобличуваат нештата околу вас. Воздухот станува потежок, музиката побавна и потемна. Одеднаш, пијачката ви тече како сируп и се чувствувате како да тонете во подот. Чадот станува густа, сива магла и се губите во неа, со ехото на бендот некаде во далечината. Всушност, не ве застрашува ова – само ве дезориентира и вознемирува на некој чуден начин. Можеби сте онесвестени, а можеби случајно сте заспале слушајќи го Nyctophiliac.

Дебитантското LP на овој македонски ковач на битови, Dark Side of the Mental (Темната страна на менталното), нуди 70 минути висококвалитетен дарк-хоп: заборавениот мрачен и затемнет близнак на трип-хопот. Самоопишаниот "dark, blunted jazz" обединува дебели, полни мелодии на бас со мрсни „грувови“, злокобни семплови и други суптилни украси. Со исклучок на брзите бучни брејкови во “Murderous Intent”, сите песни се наркотично бавни, влечејќи ги битовите додека темни инструментали кружат во просторот на тоа ехо, а повремени Зорновски саксофонски пискоти изрипуваат од одекнувачките сенки, како звучен бугимен.

И тоа е една од работите што фасцинира. Многу дарк-хоп изданија се искуства на клаустрофобија и компресија, но овој материјал има одлики на dub музиката. Сè е потопено во реверб, така што секоја нота на бас или добош се одгласува во темнината. Звукот е призрачен и темен, но не е опресивен и очаен. „Ноар“ совршено го опишува, зашто се чини како целото издание да поминало низ сепија филтер; замислете помрсна, „по-бум-бап“ верзија на Black Earth од Bohren & Der Club of Gore и го сфативте муабетот. Исто така малку ме потсетува на одличната музика на Тревор Џонс за филмот Ангелско срце, и искрено, ова издание не би било несоодветно во некој мрачен филм за фаустовски зделки и стигиски дела.

Морничаво е, ви ја ниша главата, и совршено е злокобно.

извор: heathenharvest.org

ОкоБоли главаВицФото