Модерната бајка „Обликот на водата“ освои Оскар за најдобар филм и режија

05.03.2018 14:49
Модерната бајка „Обликот на водата“ освои Оскар за најдобар филм и режија

90 –тото издание на доделувањето на наградите Оскар традиционално го организира Американската филмска академија, која годинава прими 600 нови членови. Водител како и минатата година беше Џими Кимел. Тој не ја избегнуваше темата за сексуално злоставување во Холивуд, но и не се задржа премногу на неа. Го спомна исфлањето на Харви Вајнстајн од Академијата што беше пречекано со аплауз и повика да се воспостават нови стандарди за превенција од сексуалното злоставување.

Годинава, немаше еден голем победник, златните статуетки беа рамномерно распоредени. Филмот „Обликот на водата“ (The Shape of Water) на мексиканскиот режисер Гиљермо дел Торо триумфираше на 90. доделување на „Оскарите“ што се одржа во театарот „Долби“ во Лос Анџелес.

„Живееме во време кога ни повторуваат дека мора да се плашиме од другиот, дека другите се наши непријатели и извор на проблеми; напротив, другиот е решение на вашите проблеми, другиот се оној што останува, тој го покажува патот. Филмот порачува - прифати го другиот“, рече дел Торо.

Бајковитата романса меѓу немата девојка и рептилското суштество имаше 13 номинации, од кои освои четири вклучувајќи ги и „Оскарите“ за најдобра режија и за најдобар филм.

Актерот Гери Олдман, непрепознатлив поради шминката во улогата на Винстон Черчил, освои „Оскар“ за најдобра машка улога во филмот „Најмрачниот час“ (The Darkest Hour). Овој филм освои три „Оскари“.

Оскарот за најдобра актерка го доби Френсис Мекдорманд за улогата во црната комедија „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури (Three Billboards Outside Ebbing, Missouri), додека наградата за најдобра машка споредна улога во истиот филм му беше доделена на Сем Роквел.

Актерката Френсис Мекдорманд откако се заблагодари за наградата, ги натера да станат жените во салата.

„Сакам сите жени кои вечерва се номинирани или добија која било награда сега да станат и да стојат со мене. Мерил, стани, ако ти станеш, ќе мора тоа да го сторат и другите.
Актерки, продуцентки, композиторки, сценаристки, сакам сите да ве видам. Погледнете нè добро! Ние имаме приказни кои сакаме да ги раскажеме и проекти на кои им е потребно финансирање. И за ова нема да разговараме вечер, на забавата по доделувањето на наградите, туку повикајте нè на деловен состанок во својата канцеларија“, рече Мекдорманд.

За најдобра женска споредна улога, награда освои Алисон Џејни во филмот „Јас Тоња“ (I, Tonya). Оскарот за најдобро сценарио го освои Џордан Пил за филмот „Бегај“ (Get Out).
Францускиот композитор Александар Десплат го доби вториот Оскар во неговата кариера за музиката во филмот „Обликот на водата“. Првпат беше награден за „Гранд Будапест хотел“.

Оскарот за најдобар странски филм му припадна на чилеанскиот филм „Фантастична жена“ (A Fantastic Woman), а за најдобар документарен филм „Оскарот“ го доби „Икарус“, приказна за допинг во спортот на режисерот Брајан Фогел.
За најдобро симен филм е прогласен „Блејд ранер 2049“ кој го сними легендарниот и 14 пати номиниран Роџер Дикинс (Roger Deakins).

 

ОкоБоли главаВицФото