Калта низ која сè уште пливкаме

05.03.2018 15:54
Калта низ која сè уште пливкаме

Си пливкаат така, опуштено и незаинтересирано, две млади рипки, и се разминуваат со постара риба што им плива отспротива. Рибата им климнува со главата и љубезно ги поздравува: „Броутро, дечки, како водата?“. Двете рипки пропливуваат уште некој метар, кога едната ѝ се врти на другата и ја прашува: „А, што е тоа – вода?“. Со оваа веќе пословична приказна го започна својот говор пред дипломците на Кенјон колеџот, култниот американски писател и предавач Дејвид Фостер Валас, неполни три години пред да си го прекрати животот. Со сказната „Што е вода?“, Валас луцидно сакаше да укаже на фактот дека најочигледните и сеприсутните реалности на нашите животи се најчесто оние што најтешко се забележуваат и обмислуваат – токму затоа што се секојдневна баналност. И дека загледувањето во „водата низ која пливаме“, подзастанувањето и замислувањето над текот на секојдневните баналности што безмалку во потполност го исполнуваат времето што го живееме, можат често да бидат од пресудна животна важност.

Баналност и рутина

Погодивте, зборувам за досадниот континуум на нашето секојдневие, во чија баналност и нормалност како да се потполно загубени големите настани од пред една година – промената на власт што требаше да биде револуционерна, исто како и грандиозните реформи што требаше да ги ослободат „заробените институции на државата“, и за 180 степени да ја свртат вертикално надолната линија на нашата вмровска реалност. И, се разбира, комплетно да ја сменат непроѕирната вода во која пливавме цела деценија. Во рутината на секојдневието, како да не забележуваме дека и покрај големото олеснување поради исчезнувањето на стравот од заканата и рекетот на партиско-полициската мафија на ВМРО, сè уште пливаме во матната чорба во која се растворени килотони вмровски политички отпад, во која пливаат белите фекални споменици на фашизмот, купишта отуѓени институции, илјади недемократски и малоумни закони и прописи, комплицирани и обесчовечени процедури, што рутинирано ги спроведува – како да се ајхмановски возови – истата отуѓена вмровска администрација…

Така што, најлошото што може да ѝ се случи на новата реформска власт – и на сите наши надежи со неа – е да потоне во баналноста на дневната рутина на животот, да „ги гаси пожарите“ што секој ден ќе зачадат понекаде, да се однесува како да е најважно одржувањето на континуитетот на работата на органите на државата; како мерилото на нејзината успешност е да покаже дека може вешто, во од, да го преземе управувањето на сериозно хаварисаното возило на македонската демократија… и да заборави да подзастане, да се подзамисли малку над длабочината на структуралните промени што мораат да се изведат. И да се организира и да ги мобилизира најдобрите луѓе, стручњаци и конечно – целото општество, во обновата од општествено-политичката и културно-историската катастрофа што ни се случи во деценијата вмровска власт.

Зашто, вистинските промени што ќе го вратат просперитетот и надежта во нашето напатено земјиче се од таква магнитуда и од таква комплексност што е невозможно да се изведат со истата административна рутина, истите закони, деловници и процедури, и истите „стручни служби“ по нашите министерства и органи, што во измината деценија нè втурнаа во оваа кал. Политиката на континуитет нема да ја „разбуди“ неопходната политичка имагинација за општествено-политичката катарза што мораме да ја изведеме сите заедно. И, сосем сигурно, нема да може да ја мобилизира позитивната енергија, да ги регрутира најспособните и најстручните, да го вратат издишаниот дух на нацијата и да го возобноват функционалниот капацитет на институциите на државата.

Моќта на слепилото

Се загледал ли некој во густата непроѕирност на водата низ која секојдневно несвесно пливкаме, ко двете рипки од сказната? Па, во Македонија е веќе заборавено знаењето и умеењето на правење рамен асфалт по улиците!? Ние веќе не знаеме ни што е планирање и зошто служи!? Во Македонија веќе никому не му пречи што безмалку сите државни институции, медиуми, портали и издавачки куќи, веќе со годиништа пишуваат со букви што не постојат во македонскиот правопис!? Кај нас стана можно судија да бара вештачење од Математичкиот факултет за тоа дали 0,10 е двапати поголемо од 0,5 (а ова да не е шега)!? И, не постои таа глупост, таа неписменост, правнички срам и нелогичност, што не поминала последнава деценија низ стручните служби на министерствата и владата и не била донесена како закон во нашиот законодавен дом!? Ние веќе не умееме да застанеме и да се запрашаме каква е водата низ која пливаме, па не ја ни забележуваме нејзината каллива непроѕирност и конзистенција. Всушност, ние заборавивме и што е тоа – вода.

Е, сега, можеби и не е сè така црно, можеби ме занесе малку моќната метафора, зашто, сепак, се свртивме и „запливавме“ кон вистинската цел. Но, човек не смее да ја потцени моќта на слепилото што ја предизвикува текот на баналното секојдневие што ни бие во очи. Тоа е струјата на времето што Сартр – во своето најважно филозофско дело „Битие и ништожност“, ја опишува како поништувачка сила помеѓу нашето сегашно и минато Јас. Сегашното Јас е секогаш во движење, и никогаш се нема себеси како предмет на самонабљудувањето, поради што природно упаѓа во бегство од одговорноста, што, пак, ја предизвикува плитката самодоверба, која Сартр ја нарекува „лоша вера“. Неопходно е, значи, да подзастанеме и да се запрашаме каква е водата низ која пливаме и што треба да направиме за да ја разбистриме. Не е доцна, но може да стане.

Монтажи: Александар Ковачевски
Извор: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото