Победа на популистите во Италија

06.03.2018 01:57
Победа на популистите во Италија

На парламентарните избори во Италија победи деснонационалниот политички табор, но најсилна партија поединечно е левопопулистичкото Движење 5 ѕвезди. Меѓутоа, двете страни немаат доволно гласови за самостојно владеење.

Водечкиот кандидат на Движењето 5 ѕвезди, Луиџи ди Мајо, пред изборите предвиде дека ноќта по изборите ќе донесе „хаос“ во Италија. Предвидувањето му излезе точно. Весникот „Ла Стампа“, веднаш по изборниот ден излезе со наслов. „Ди Мајо победи - со Италија не може да се владее!“ Движењето 5 ѕвезди, по пребројани две третини од гласачките ливчиња, освои околу 31% од гласовите за парламентот и 33% од гласовите за сенатот. Тоа е повеќе од очекуваното, но не е доволно за да се состави влада. Анти-естаблишмент партијата досега категорично отфрлаше можност за коалицирање. „Среќни сме поради овој одличен резултат, но сега нема да кажеме воопшто ништо за можни коалиции“, објасни портпаролот на Ди Мајо, во Рим.

Најголем број гласови за себе врза деснопопулистичката листа. Деснорадикалната „Лега“, популистичката „Форца“ на Силиво Берлускони и две неофашистички фракционерски групи заедно освоија 36%. Но, и тоа не е доволно за составување влада. Способна за коалицирање од оваа десничарска мешавина би била во најдобар случај нешто поумерената „Форца“, смета политикологот Џанлука Комин од универзитетот ЛУИСС во Рим.

Берлускони, кој во кампањата се однесуваше како човек кој ќе одлучува за тронот, може да си претстави коалиција со ослабнатите социјалдемократи. Но, дури и ваква коалиција, според прогнозите, не би имала мнозинство за влада. Аналитичарите уште во текот на ноќта ваквата коалиција ја нарекоа „Дракула“-коалиција, поради тоа што, како што велат, двата „партнера“ ќе се исцицаат меѓусебно. Социјалдемократите паднаа на под 20% гласови и немаат шанса за самостојно формирање влада. Портпарол во Рим најави дека партијата во секој случај ќе оди во опозиција.

Да триумфира може ксенофобичниот лидер на „Лега“, Матео Салвини, кој настапуваше со мотото позјамено од американскиот претседател Трамп - „Италија на прво место“. Тој стигна до неверојатни 16% гласови. Со тоа ја надмина партијата на Берлускони, која сега мора да стравува за својата лидерска позиција во десничарската група. Салвини се гледа себеси како нов премиер, но со него не сака да коалицира никој од другите политички табори. Во текот на ноќта Салвини на Твитер напиша еден единствен збор: „Благодарам!“ Портпарол на Салвини изјави дека ќе се случи „револуција на разумот“. Европа ќе мора да се навикне на тоа дека италијанскиот народ повторно има силен глас, рече тој: „Во Европа не станува збор само за бројки и штедење.“ „Лега“ доби честитки од француската десна популистка Марин Ле Пен. Таа на Твитер напиша дека ЕУ преживува многу лоша ноќ. Тоа што околу 60% од Италијанците гласаа за популистички, националистички, ЕУ-скептични партии, во Брисел нема да предизвика радост.

Коментаторите во италијанските медиуми се главно согласни дека по победата на популистите е можно само едно прагматично решение. По пропаднатите коалициони преговори, доколку до тоа воопшто дојде, италијанскиот претседател Серџо Матарела би можел да состави преодна технократска влада. Таа влада би имала време од една година да подготви нови избори. Италија досега повеќепати имала технократска влада - последен пат на врвот на финансиската криза од 2011 до 2013 година.

Дел од експертите, како политикологот Џанлука Комин, пак сметаат дека кандидатот на „5 ѕвезди“, Ди Мајо, сепак има некакви шанси да стане премиер. „Тој има релативно умерени ставови и во кампањата се однесуваше државнички. Тоа би можело да помогне“, нагласува Комин.

Некогашниот носител на надеж на социјалдемократите, поранешниот премиер Матео Ренци, вечерта по изборите не можеше да се види никаде. Тој ги доведе социјалдемократите - кои пред изборите имаа персонални кавги - до резултат од под 20% гласови. Сопартијците го обвинуваат Ренци дека се однесувал арогантно.

Извор: DW

 

ОкоБоли главаВицФото