Како фотографката што страда од агорафобија го прошета светот

06.03.2018 02:24
Како фотографката што страда од агорафобија го прошета светот

Понеделник вечер во Англија. Фотографката Џаки Кени (Jacqui Kenny) денеска го посети Тунис, шеташе низ песочните улици на Сенегал и набрзина скокна до Белгија – сето тоа без да го напушти својот дом.

Кени живее со агорафобија, состојба на вознемиреност која кај луѓето што страдаат од неа, предизвикува да избегнуваат да одат на места каде што има гужва или на оддалечени места, поради страв од напад на паника и неможност да избегаат или да најдат помош. За некои, во најлош случај, ова може да значи страв од напуштање на домот. За да се спротивстави на ова, Кени го шета светот преку „Google Street View“ и практично ги чешла улиците и пејзажите и собира слики од екранот за нејзината серија фотографии „Агорафобиски патник".

Во околу 26 000 снимки, таа фатила и невообичаени ситуации - двајца млади се бакнуваат на тротоарот во Чиле, или три камили преминуваат празен автопат во Обединетите Арапски Емирати.

Проектот започнал пред една година, како некој вид креативно заздравување откако престанала да работи во дигиталната продукциска компанија, која се затворила по 10 години постоење. Пред тоа, Кени работела во филмската индустрија, собирајќи визуелен материјал за режисерите и несвесно го истренирала своето око обработувајќи стотици илјади слики. Но, за разлика од некои што паузата во кариерата и работата од девет до пет ја користат да го прошетаат светот (како во книгата „Eat, Pray, Love“), Кени своето време го поминува на безбедно – во нејзиниот дом.

„Патувањето е тешко за мене", вели Кени, „што е навистина несреќа затоа што отсекогаш сум сонувала да патувам во овие неверојатни, далечни места". Во слободното време што ѝ се појавило откако останала без работа, почнала да ги проучува „Гугл мапс" и да издвојува одредени суптилности на различните пејзажи. „Голема е мојата љубов кон фотографијата, отсекогаш сум ја сакала", вели таа. „Ова е најблиску до она што значи да се биде фотограф на патувања".

Ограничувачки фактор за неа е стравот дека ќе доживее напад на паника на јавно место. Кени ги избегнува авионите и генерално, дестинациите надвор од нејзините комфорни зони. „Мојот главен страв е летањето", вели таа. А „ако имам лош ден, нема да одам ни до задниот дел на супермаркет". Благодарение на Гугл, Кени може да патува во светот толку брзо колку што автомобилите на Гугл може да го документираат.

На почетокот, Кени посетувала региони каде што се спојуваат клучните естетски карактеристики, како силна сончева светлина и впечатлива палета на бои. „Буквално само тргнувам и одам по улиците", вели таа за нејзиниот процес; тоа може да потрае неколку дена.

Во Сенегал, како и во повеќето места каде што оди, Кени го поминува времето во мали градови и области надвор од урбаните центри, без автомобили и неред. „Ми се допаѓа кога има многу негативен простор и места што будат чувство на изолираност".

Таа, исто така, бара земји со екстремни температури, особено топли поднебја, „каде што може да видите прекрасни бои на облеката и архитектурата, и сè изгледа и се чини поживо". Таа, исто така, особено ги сака правливите, пустински градови , каде што „прашината на сликата ѝ дава на сликата чувство на етеричност; додава малку магија.“ (Автомобилот на Гугл крева прашина, вели таа, која додава магија, како на фотографијата на мајка што во рацете го држи детето во облак прашина, на изгрејсонце во Монголија.)

Окото на Кени е прилично прецизно и како што вели, „често не може да кажете од каде се сликите, би можеле да се од едната страна на планетата или од сосема друга страна". На пример, во Аризона, има куќи обоени со боја на бонбони, што се наоѓа во неочекувана резонанца со сино-розова, зграда со бодликава жица во пустината на Перу. „Се обидувам да му понудам на светот еден стил", вели таа. „ А очигледно, овие места се сосема различни".

Притоа, таа го исполнува светот со пастелно обоена трансцендентална привлечност која потсетува на поезијата на Луиџи Гири и неговите описи на италијанските пејзажи, а и на романтичните, отворени простори од фотографите на американскиот Запад, но со намера и техника, кои се автентично нејзини.

И додека автомобилите на Гугл продолжуваат со мапирање на седумте континенти, материјалот на Кени се зголемува од ден во ден. „Секогаш ќе се појаваат нови земји или области", вели таа. Таа често оди во Африка, каде многу земји кои сè уште не се мапирани. Неодамна, беше додаден Тунис - и оттогаш често ги гледа. „Навистина тоа ме тера да сакам да одам таму", вели таа.

Кени чувствува блискост со најдалечните места на светот, особено оние кои се најдалеку од удобноста на нејзиниот дом во Лондон и тоа е неверојатен и значаен резултат од нејзината онлајн потрага. Меѓу овие места е Пиура во Перу, каде што таа поминува многу часови на улиците, со камерата фаќајќи глетки како онаа со група деца застанати покрај фудбалско игралиште.

Кога минатата година во март, Перу беше погоден од најлошите поплави во последните две децении, Кени беше лично погодена од оваа трагедија. „Оваа област во која сум поминала многу време беше најпогодена, вели таа. „Пред очи ми се сликите на децата што ги видов на екранот и сега мислам за нив. „Street View“ неодамна беа таму и тие се нови слики.
„Сето ова ме доближи до светот на многу начини, особено на начин кој никогаш не сум го замислувала“, вели Кени.

На почетокот, бев загрижена дека ако долго време останувам дома пред екранот и барам слики, дека тоа уште повеќе ќе ја засили мојата агорафобија?" Пред овој проект, Кени за својата агорафобија не зборувала со никого освен со блиските пријатели и семејството. Но, денес, таа е поврзана со глобална заедница што ѝ дава поддршка, вклучувајќи и многу луѓе што водат слична битка како неа. „Кога ќе почнам да разговарам со луѓето за тоа, во моментот кога ќе го кажам работите гласно, тие одеднаш не се толку тешки", вели таа.

И во прекрасен пресврт на судбината, а можеби и како нејзиниот следен предизвик, Кени сега се обидува да ја изложи својата работа во други земји. „Влегувам во ситуации во кои што луѓето знаат дека имам агорафобија. Секогаш се плашам дека ќе имам паничен напад пред странци; ако веќе знаат дека го имам ова, не сум толку загрижена ", вели таа. „Тоа за мене значи ослободување."

Слики: Jacqui Kenny

Извор: artsy.net

 

Слични содржини

Јавни простори / Фотографија / Живот
Фотографија / Психологија / Живот / Уметност
Фотографија / Живот
Фотографија / Живот

ОкоБоли главаВицФото