Инклузивноста преовладуваше на Оскарите. Освен кога не беше така.

06.03.2018 16:37
Инклузивноста преовладуваше на Оскарите. Освен кога не беше така

Денес, колку и да се обидуваме да ја тргнеме политиката од едно случување, таа секогаш наоѓа простор да се впика.

Така беше и на 90. Оскари во неделата, кога Обликот на водата (Shape of Water) ја зема наградата за најдобар филм на крајот на една вечер во која внимателно не се обрнуваше внимание на прашањата кои преовладуваат во Холивуд последниве неколку месеци – освен кога се обрнуваше. Самиот филм, едно љубовно писмо до класичните филмски романси и „кричер-фичер“ филмовите (филмови со суштества) – кој исто така е коментар за поделбите во современото општество, или не е, зависно од каква призма се гледа – се чинеше како совршен победник за една церемонија која е во расчекор со самата себе. Како и да е, годинешниве Оскари на моменти се чинеа како омаж кон Оскарите од минатото како што ги замислуваме во умот, а на моменти се чинеа радикални и нови.

Основите на церемонијата, настрана од изливите на енергија кои оставија впечаток како ризични и смели, се едвај сменети, иако индустријата во чија чест се одржува церемонијата почна многу да се менува. Џими Кимел – кој лани видно беше надигран од збрка со пликовите пред доделувањето на најочекуваната награда на вечерта – имаше месеци да се припреми за настанот по откровенијата за Харви Вајнстин кои ја растресоа културната сцена. Изгледаше како сите тие месеци да барал идеи како да не спомене воопшто ништо. Кимел, водител на ток-шоу, кој инспирираше и поведуваше изминатата година, дискутирајќи прашања кои лично го засегаат, изгледаше едноличен и неинспириран во неговиот монолог кога зборуваше за теми кои бараат касапење. Ми недостигаше немилосрдно сатиричниот ум на претходниот водител на Оскарите, Крис Рок, додека Кимел кажуваше шеги за филмот од 2000 г., Што сакаат жените, или се шегуваше за бура од „твитови“ од тоалетот на претседателот.

Најчесто се навраќаше кон замислата дека тој што ќе има најкраток говор на Оскарите ќе добие воден скутер. Не дека изненадувањето со водниот скутер не беше слатко. Само што токму оваа година гледачите на Оскарите сакаа да чујат подобри шеги на поостар водител – и сакаа да чујат што имаат да кажат тие што ги добиваат наградите. Кимел беше главно отсутен од средниот дел на емитувањето (чудно е што се појави повторно, на крајот, за да го скрати говорот на продуцентот на Обликот на водата). Може и добро беше што отсуствуваше: Обиколката на Кимел до улицата од спроти, на сред настан, со група ѕвезди со цел да „им попречат на гледачите на филмови“ и да им дадат благо, беше фора за подбуцнување на „обичните“, иста како таа што ја изведе лани. Ова го тргна од местото на настанот, каде подбуцнуваше и провоцираше „филмски обожаватели“, додека другите на Оскарите се зафатија да ги задоволат и побудат вистинските филмски обожаватели.

Кратко откако Кимел ја напушти зградата, три претставнички – Ешли Џад, Анабела Шиора и Салма Хајек Пино, кои сите го обвинија Харви Вајнстин за малтретирање или напад – се појавија на сцена да претстават фино склопена монтажа за растот на инклузивноста во филмската индустрија. Сите зборуваа од срце; Шиора, чија ветувачка кариера се наоѓаше во неограничен период на мирување по нејзиното искуство со Вајнстин, беше толку трогната што се сепнуваше во говорот кон публиката која ѝ аплаудираше со разбирање. Ќе беше добро за домашните гледачи да имаат водител со морален авторитет – некој кој барем ќе ги ставеше во контекст Џад, Шиора и Хајек Пино. Но видливата емоција на Шиора ја заврши работата.

Церемонијата беше неволна и непоправлива; ја урамнотежи монтажата за нови гласови со една штура и бесповодна монтажа за историјата на филмови кои оддале почит кон војската на САД, како инклузијата да е специфично либерална кауза која мора да се урамнотежи, а не норма во холивудот на Обликот на Водата, Излези (Get Out), Бубамара (Lady Bird), Викај ме како што се викаш (Call me by your Name). Мешањето на шпилот на церемонијата, во отсуството на минатогодишниот најдобар актер, Кејси Афлек – кој по традиција требаше да ја врачи наградата за најдобра актерка, но се повлече за да не одвлекува внимание од церемонијата поради тоа што е обвинет за сексуална злоупотреба – заврши така што Џејн Фонда и Хелен Мирен му ја врачија наградата на најдобриот актер Гери Олдман, кој е обвинет за семејно малтретирање. За тие што претпоставија дека отсуството на Афлек е најпосле добра работа, сепак тоа беше еден токсичен лавиринт кој завршува каде што почнал.

Олдман малку имаше да каже, но други имаа многу. Џејмс Ајвори, 89-годишниот сценарист на Викај ме како што се викаш, кому (некако, и покрај долгиот негов репертоар) ова му беше прва награда, оддаде трогателна почит кон бивши негови соработници откако ја зема наградата за најдобро приспособено сценарио. На другиот крај на спектарот на искуства, релативно новиот Џордан Пил, кој победи за најдобро оригинално сценарио, потенцираше дека многупати се закочил во пишувањето на сценариото, од страв дека никој нема да го финансира. Тоа што некој на крајот го направил тоа требаше да им даде надеж на многуте гледачи во своите домови, но тоа што некој толку креативен како Пил се чувствувал попречен од страв дека нема да го финансираат требаше да биде знак на предупредување за тие што ги носат одлуките во салата Долби. Во сталоженото доделување на две награди, како да пролазуваше нешто, како и за време на чудната, инспирирана и инспирирачка изведба на Суфјан Стивенс на номинираната песна од Викај ме како што се викаш, “Mystery of Love” (Мистерија на љубовта), или во текот на знаковниот говор за краткометражниот филм за живеење со глувост. Ниеден настан не мора да се обрати кон Претседателот, но ниеден настан не може да биде аполитички. Оскарите, како церемонија, всушност се обидоа да бидат, но изведувачите, претставувачите, и победниците го одбија ова, и тоа е за пофалба.

Панданот на Олдман, Френсис Мекдорманд исто така го одби. На крајот на сезоната на награди за време на која таа често изгледаше како да нема што да каже за филм кој е наменет да поттикне разговор, таа си го најде гласот. Откако ѝ се заблагодари на фамилијата, ги замоли номинираните жени во салата да станат – повик до номинираните актерки, едната режисерка и едната кинематографка, да продолжат напред. Тоа беше повик и за домашните гледачи (претпоставувам, со оглед на инсистирањето на Мекдорманд до слушателите да потпишат клауза на инклузивност, дека говорот беше наменет главно за салата. Нејсе – достигна и до некои гледачи кои веќе се изморени од сеприсутноста на Мекдорманд последниве месеци).

„Камо да бев жена“ рече Кимел, кој настапи на сцена по говорот на Мекдорманд. Шегата, се разбира, беше дека всушност не би го сакал тоа. Истите жени кои морале да го сносат товарот на траума при влезот во една сурова индустрија исто така мораа во голем дел да ѝ објаснат на љубопитната публика како се чувствуваат, додека Кимел си играше „компанија“ со луѓето надвор од салата, или кажуваше млаки шеги за Трамп. Но не е важно. Оскариве покажаа, во потивките моменти, како индивидуи – жени, луѓето со различна боја на кожа, геј мажи, сојузници – можат да бидат моќни политички двигатели само со тоа ако бидат свои, со објаснување на своите искуства, правејќи го тоа за што е наменет филмот: да пружи рака и да поврзе. Во златна доба сме, на некој начин. Самото восприемање на ова просветлува. Што ќе ни е монолог?

извор: time.com

 


 

ОкоБоли главаВицФото