Граѓаните сè уште мака мачат да најдат лекови на рецепт после 15-ти во месецот

07.03.2018 02:26
Граѓаните сè уште мака мачат да најдат лекови на рецепт после 15-ти во месецот

ВЕТУВАЊЕ: Надминување на состојбата со немање на лекови на рецепт после 15-ти во месецот и зголемена достапност на лекови. Воспоставување на систем кој ќе оневозможи злоупотреба на препишаните рецепти и фиктивно трошење на месечните квоти за набавка на лекови. Дополнително, целта ќе ни биде да преминеме на систем на достапни лекови во примарна здравствена заштита без квота.

[ИЗВОР: : Предизборна програма на СДСМ „План за живот“(стр.140)]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

„Надминување на состојбата со немање на лекови на рецепт после 15-ти во месецот и зголемена достапност на лекови“, вети СДСМ во изборната програма со која излезе на предвремените парламентарни избори (декември 2016): „План за живот во Македонија“ (стр.140). Ова ветување кое, исто така, е дел од Програма за работа (2017-2020), во делот насловен како „Квалитетно здравство“ (стр.32), досега (05.03.2018) не е исполнето.

Инаку, во април (2017), пред изборот на новата Влада предводена од Зоран Заев (31. 05. 2017), СДСМ вети дека веднаш откако ќе дојде на власт, граѓаните ќе имаат достапни лекови на рецепт во аптеките во текот на целиот месец.

Да беше избрана досега нова реформска Влада, за граѓаните ќе имаше достапни лекови на рецепт во аптеките во текот на целиот месец, наместо како сега луѓето да остануваат болни без лекови. Знаат граѓаните дека одговорот што го добиваат во аптеките по 15-ти во месецот кога имаат потреба од лек е: “Нема, се потроши“. Родителите се принудени да купат сируп од 500 денари што го нема на рецепт, затоа што на болното дете дома мораат да му однесат лек. Најстрашното е тоа што голем број деца и граѓани остануваат без лекови, затоа што семејствата немаат пари да ги платат приватно

Новата реформска Влада веднаш по формирањето ќе се зафати со решавање на овој проблем, за да се надмине состојбата со недостаток на лекови на рецепт по 15-ти во месецот и да има зголемена достапност на лекови. Ќе работиме на воспоставување систем што ќе овозможи реално да се трошат месечните квоти на лекови. Нашата крајна цел е да има достапни лекови во текот на целиот месец, изјави тогаш д-р Злате Мехмедовиќ, член на Комисијата за здравство на СДСМ, пренесе А1 он.

Но, граѓаните сè уште мака мачат да најдат лекови на рецепт во аптеките по 15-ти во месецот.

На 26.09.2017 година, ТВ 24 објави дека граѓаните немаат лекови на рецепт на крајот на месецот, а директорот на ФЗО го нема никаде.

Со рецепт не, само на приватно – ова велат граѓаните е одговорот што го добиваат во аптеките после 15-ти во месецот. Дел од оние кои ги анкетиравме се жалат дека при крајот на месецот принудени да купуваат на приватно, по повисока цена. Велат не сите имаат пари да ги платат лековите, информира ТВ 24.

На 30 јануари, весникот Вечер излезе со наслов „Лековите да ги платите од џеб или никако разболување после 15-ти во месецот“.

Пациентите во аптека не можат да ја земат неопходната терапија со рецепт бидејќи квотите биле потрошени. Можат да ја добијат, но само на приватно. Револтирани мајки но и хронично болни велат дека пешачат по неколку километри барајќи го потребниот антибиотик и лек за крвен притисок, но безуспешно. Сегде го добиваат истиот одговор – На рецепт нема, само со пари.

На 21.02.2018 година, Слободен печат објави дека квотите во аптеките се исполнети и дека лекови на „државно“ тешко се наоѓаат после 15-ти во месецот.

Од аптеките велат дека не е до нив проблемот, тие работат како што им е наложено од институциите, а институцијата задолжена за одредување на квотите, Фондот за здравствено осигурување, не одговори на нашите прашања зошто е тоа така.

Имајќи предвид дека СДСМ вети штом ќе дојде на власт ќе го реши овој проблем, а проблемот не е решен ниту 10 месеци по формирањето на Владата (31.05.2017), може да се заклучи дека ветувањето за надминување на состојбата со немање на лекови на рецепт после 15-ти во месецот и зголемена достапност на лекови, не е исполнето.

 ИЗВОРИ:
Програма за работа на Влада (2017-2020) – Квалитетно здравство (стр.32) [Пристапено на 05.03.2018]
Изборна програма на СДСМ: План за живот во Македонија (стр.140) [Пристапено: 05.03.2018]
А1 он (08.04.2017) – (ВИДЕО) Мехмедовиќ: Целта на новата Влада е да има лекови на рецепт цел месец [Пристапено на 05.03.2018]
ТВ 24 (26.09.2017) – Граѓаните немаат лекови на рецепт на крајот на месецот, директорот на ФЗО го нема никаде [Пристапено на 05.03.2018]
Вечер (30.01.208) – Лековите да ги платите од џеб или никако разболување после 15-ти во месецот [Пристапено на 05.03.2018]
Слободен печат (21.02.2018) – Квотите исполнети, лекови на „државно“ тешко се наоѓа после 15-ти во месецот [Пристапено на 05.03.2018]

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери

Извор: Вистиномер