Ужасите на демократијата: Сиромаштијата е твојот роден крај, единствената вистинска татковина

07.03.2018 02:51
Ужасите на демократијата: Сиромаштијата е твојот роден крај, единствената вистинска татковина

Секогаш кога ќе наидат избори, а наидуваат често, како воспалени хемороиди, те обзема страв од демократијата.

Што ќе правиш, таков е човекот: нештата што ги познава ги поднесува полесно од оние кои – сосема непотребно, меѓу другото, зашто рековме дека ги знае – се одвиваат пред неговите очи. Да речеме: сознанието дека татко ти и мајка ти ќе умрат е вознемирувачко, но полесно е да се трпи отколку буквално да ги гледаш како умираат. Ти се чини дека сите ние помалку сме Скарлет О'Хара: сепак, сите ние повеќе сакаме утре да размислуваме за ужасите што нè чекаат.

Тешко е да се гледаат измамниците

Знаеш дека демократијата е темелот на приказната, но, најпосле, сеедно ти е. Само кога не би те ебеле толку често во здрав мозок и да ти испраќаат повици за гласање. Немаш многу школо, но барем толку знаеш: нема добро владеење, а ако имаш каде да живееш, имаш за половен автомобил, цигари и по некое пиво за викенд, подготвен си да климаш со главата кога ќе ти кажат дека демократијата е најмалку лош облик на владеење. Те боли кур, како и да е: роден си во ниска средна класа и во неа и ќе умреш.

Сиромаштијата е твојот вистински роден крај, твојата вистинска татковина. Во неа животот ќе го помине и твоето дете. Зашто кога се крадело, твоите не сакале. Не си сакал ни ти. Зашто имаш морал. Оние другите имаат пари.

Велиш дека сето тоа би се трпело полесно кога не би морал да ги гледаш: сите тие измамници, снисходливци, лажговци, крадци, во најдобар случај медиокритети, кои се твои политички претставници.

Монтескје, кој во однос на демократијата бил умерен оптимист, сметал дека, за да функционира маченицата, оние кои се на власт мораат да поседуваат јавна доблест – односно, волја да дејствуваат во корист на јавното добро. Меѓутоа, ти мислиш – кога баба би имала мадиња... Меѓутоа, ти размислуваш како Ками. Тој заклучил дека да се владее значи да се краде, и тоа го знае секој.

Ти знаеш: дека дури и во сите наши општински, кантонални, државни, европски парламенти, влади и претседателства да поставиш етичка верзија на Големиот хадронски колајдер, со кој ЦЕРН трага по Божјата честичка, за милион години во нив нема да пронајдеш честичка доблест – ни јавна ни приватна.

Идејата дека те застапуваат оние што се поглупави и покорумпирани од тебе веќе е доволно ужасна, но она што го бараат од тебе е самиот да се сложиш со тоа, да го прекинеш неделниот одмор за да отидеш на гласачкото место и да си се помочаш на глава – тоа е вистинско понижување, тоа е она што е под границата на човечкото достоинство.

Совршеното злосторство

Онака како што те посадиле со демократијата, те натртиле и во масовната ваучерска приватизација. Како граѓанин, божем си суверен, а тие само те претставуваат, тие само се власт која божем е твој и сервис на останатите граѓани. Но, застапувајќи те и служејќи ти, тие се збогатиле, а ти си осиромашил. Ти си нивен слуга. Кој секои четири години може слободно да избира кој ќе го ограбува наредните четири години. Си имал и акции кои си ги предал на фондовите, кои само те застапувале во процесот на приватизација. Ти си добил ништо, а децата на сопствениците на приватизациските фондови учат во Швајцарија и Австрија, каде им се и парите.

Со демократијата, во името на таканаречените политички слободи, го ограбија суверенитетот, достоинството и слободата што си ја имал во тоталитарниот комунистички систем. Со масовната ваучерска приватизација, во име на таканаречените економски слободи, го ограбија твојот дел од општествената сопственост. Тоа беше совршено злосторство, зашто си дал согласност за сето тоа, учествувајќи во демократските процедури во кои си изгубил сè. Сега, сè што имаш се народот, државата и верата. Ги браниш на избори гласајќи патриотски, ги браниш во војна, гинејќи патриотски.

Ако не ти било јасно додека си бил во средно училиште, ниту те интересирало, што мислел Аристотел кога идеалното владеење на мнозинството го нарекол politeia, а нејзината первертирана форма – демократија, сега знаеш. Како што знаеш дека системот што си го купил (и платил, рековме, со сè што си имал) како демократија, впрочем е первертирано владеење на неколкумина (кај Аристотел: олигархија) спакувана во первертирано владеење на мнозинството, која ти е понудена како владеење на сите – па и твое.

Затоа, денес дебатата за иднината не европската демократија ја следиш како резултат на дерби натпреварите од втората исландска фудбалска лига на која си вложил евро во блиската обложувалница.

Со внимание го следиш резултатот на Арканес до Рејкјавик, како што го следиш и процесот на придружување на твојата земја кон Европската унија, по чие успешно завршување несовршената демократија на твојата земја ќе стане вистинска, европска демократија.

И покрај надежта, нешто ти вели дека, кога сè ќе биде готово, ќе останеш и без тоа евро.

Напомена:

Овој текст илустрира зошто е важна понатамошната едукација на граѓаните од Западен Балкан. Исто така, илустрира колку е тешко да се менуваат тоталитарните модели на размислување кај граѓаните од Источна Европа кои живееле под комунистичкиот терор, а кои создаваат плодно тло за развој на национализмот и популизмот. Со понатамошно едукативно дејствување на НВО и медиумите, особено Јавните сервиси, со воспоставување на целосно владеење на правото, и јакнењето на демократските институции, кај граѓаните ќе се сузбие стравот од слободата, а со тоа и антидемократските тенденции. Иднината на Западниот Балкан е европска и демократска. Вратите на Европската унија остануваат отворени за сите држави-аспиранти. Како и досега...

Илустрации: Rone

Извор: http://zurnal.info

ОкоБоли главаВицФото