1025 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 05:59
Младата Девојка не го перцепира минувањето на времето ништо повеќе отколку што е трогната од неговите „последици“. Како инаку би можела да зборува за стареењето со таква индигнација како да се работи за злосторство извршено врз неа?
Дури и кога не настојува да заведе, Младата Девојка делува како заводничка. Има нешто професионално во сето она што го прави Младата Девојка.
Младата Девојка не престанува да си ласка дека има „смисла за практичното“.
Во Младата Девојка дури и најплиткиот морализам има нешто курвинско.
Младата Девојка ја има сериозноста на економијата.
А сепак Младата Девојка сè познава подобро од препуштањето.
Младата Девојка е целата стварност на апстрактните кодови на Спектаклот.
Младата Девојка го зазема средишниот јазол на сегашниот систем на копнежи.
Младата Девојка не мисли, таа е мислата.
Целото искуство на Младата Девојка се повлекува во претходните претстави кои ги создала. Секој пробив на конкретност, секој живеен дел од минувањето на времето и нештата таа го препознава само како несовршеност, како кривотворба на некој апстрактен модел.
Младата Девојка е огорченост која се смешка.
Постојат битија кои ви ја будат желбата полека да умирате пред нивните очи, но Младата Девојка ја поттикнува желбата да ја победите и да уживате во неа.
Кога Младата Девојка се спарува, тоа не е движење кон другиот, туку бегство од нејзината неиздржлива ништожност.
Наводното ослободување на жените не се состоело од нивната еманципација од домашната сфера, туку од проширувањето на нивната сфера на целото општество.
Соочена со кој било кој би сакал да ја наведе да мисли, Младата Девојка нема да се двоуми да се фали со својот реализам.
Во мера во која она што го крие не се тајни туку срам, Младата Девојка го презира непредвиденото, особено ако не е однапред програмирано.
Младата Девојка е само картезијанизам на чувства, за кои не постои љубов ни доказ за љубов.
Младата Девојка не е ништо освен својата едноставна присутност.
Женскоста на Младата Девојка е име кое го носи нејзината пустина.
Ако набљудуваме од антрополошко гледиште, Младата Девојка е жива реализација на апстракцијата. Таа го следи идеалот на совршена непропусност како на времето така и на просторот, како на милјето така и на историјата. Како резултат, Младата Девојка е само окултација на секој процес. Сè што ги поместува скаменетите линии на претставувањето на Спектаклот си ја осигурува нејзината омраза.
Младата Девојка не престанува да повторува: таа сака да биде сакана заради неа самата, односно заради не-битието коешто е.
Младата Девојка е жива и трајна интроспекција на сите репресии.
„Себството“ на Младата Девојка е некое списание.
Ништо во однесувањето на Младата Девојка нема причина по себе, сè се уредува според доминантната дефиниција за среќа.
Како последно прибежиште, Младата Девојка ја фетишизира „љубовта“ за да не мора да се воздигне до свеста за условената природа на своите желби.
„Баш ме заболе за слободата сè додека сум среќна!“
Младата Девојка плива во дежавуа. За неа нешто што ќе го доживее првпат секогаш е само нешто што е претставено веќе вторпат.
„Филмските херои се наметнуваат како сеништа кога адолесценти ќе се бакнат или возрасни започнат прељуба“ (Хоркхајмер и Адорно, Дијалектика на просветителството).
Се разбира, никаде немало „сексуално ослободување“, туку само уништување на сè што стоело на патот на тоталната мобилизација на копнежот во светот на стоковото производство. „Тиранијата на уживањето“ не го инкримина уживањето, туку тиранијата.
Младата Девојка знае како со сентиментите.
Во светот на Младата Девојка сексуалниот чин се јавува како матрица на секое искуство.
Младата Девојка е „задоволна што живее“; барем така вели.
Младата Девојка воспоставува односи само врз основа на отуѓеноста и лошата супстанцијалност, онаму каде она што спојува само разделува.
Младата Девојка е оптимистична, воодушевена, позитивна, задоволна, ентузијастична, среќна; со други зборови, таа страда.
Младата Девојка се појавува секаде каде што нихилизмот почнува да зборува за среќата.
Младата Девојка е оптичка илузија. Оддалеку, таа е ангел, одблизу - живина.
Младата Девојка не старее, таа се распаѓа.
Секој знае што Младата Девојка мисли за грижата.
Образованието на Младата Девојка има обратен тек од сите други облици на образование: отпрвин моменталното, спонтано совршенство на младоста, потоа напорите да се одржи на висина на таа примарна ништожност и конечно дебаклот пред неможноста времето да се врати. Ништожноста на Младата Девојка оддалеку изгледа релативно прифатливо, на моменти дури и удобно.
„Љубов, работа, здравје“
Убавината на Младата Девојка никогаш не е некоја посебна убавина која би ѝ била својствена. Напротив, тоа е убавина без содржина, апсолутна убавина, слободна од секоја особеност. „Убавината“ е само облик на изгледот прикачен на Младата Девојка. Затоа таа може без пелтечење да зборува за Убавината, бидејќи нејзината никогаш не е израз на нејзината единствена супстанца, туку чиста и фантомска објективност.
Младата Девојка се воздржува од тоа да прави зло. Како што се воздржува да прави добро. Во тоа е нејзиниот нихилизам, во тоа е нејзиниот сатанизам.
„Темелната идеолошка збрка помеѓу жената и сексуалноста (...) дури денес се појавува во својот полн опсег, бидејќи жената некогаш потчинета по родовата основа денес е ’ОСЛОБОДЕНА‘ според родовата основа (...) Жените, младината, телото - чиешто појавување после илјадогодишно ропство и заборав всушност го создава најреволуционерниот можен потенцијал, а оттаму и најтемелниот ризик за кој било воспоствен поредок - денес се интегрирани и рекуперирани како „мит на еманципацијата“. ’Жената‘ им е дадена на жените да ја конзумираат; Младоста им е дадена на младите да ја конзумираат, и во таква формална, нарцистичка еманципација нивното вистинско ослободување успешно е спречено“ (Жан Бодријар, Потрошувачко општество).
Младата Девојка нуди недвосмислен модел на метрополитенски етос: замрзната свест која живее во егзил во пластифицирано тело.
„Прегенијално!“ Наместо да каже „многу“, Младата Девојка вели „пре“ [во смисла на претераност], а така всушност таа е пре-малку.
Слики: Nicoletta Ceccoli
Превод: Стефан Симоновски
Извор: Pour Une Théorie De La Jeune Fille