За неуспешните жени

08.03.2018 13:16
За неуспешните жени

Март е вистинска оддишка, март е вистинско алиби. Можете цела година да заборавите дека жените постојат, имаат глас, имаат идеи, проблеми и прашања, ама околу 8 Март, во две попладниња и три вечерни термини на медиумите ќе дознаете нешто. Ќе дознаете дека има жени кои се успешни, кои заработуваат одлично, жени кои се убави, реализирани приватно и професионално. Челични дами, би рекол премиерот.

Па така, и во оние денови кога можеме да се потсетиме и замислиме за борбата против угнетувањето на жените, ние почнуваме да го славиме капиталистичкиот сон на успешност. Жалам што носам лоши вести, но успешноста на жените во едно општество како нашето, успешноста на оние неколку привилегирани жени не е баш за славење. 8 Март беше и треба да остане симбол и поттик за борбата на непривилегираните, за солидарноста со неуспешните. Од здружувањето на суфражетките со црните активисти за правото на глас, преку поддршката на феминистките кон луѓето со ХИВ во текот на епидемијата, па се до силните врски на женските движења со пацифистичките, секогаш женскиот политички глас на отпор бил гласот на неуспешните и обесправените.

Затоа, јавната и медиумска сфера во овие денови нема потреба од истите наративи на богатите претриемачки, високо профилираните политичарки, успешните семејни жени. Тие наративи ги голтаме секој ден. Барем на овој ден, дајте им глас на оние кои таа привилегија никогаш ја немале. Овие жени ќе ви раскажат приказни на кои нема љубезно да се смешкате. Овие жени ќе ви ја манифестираат сета неправда испишана низ нивните животи, во нивните души и низ нивните тела.

8 Март е за сиромашните жени. За оние жени кои ги чуваат децата на успешните, ги средуваат нивните домови, ги пеглаат нивните кошулите за состаноци. Оние чиј труд е непрепознаен, оние кои го немаат статусот ниту на работнички, оние без здравствено и социјално, они кои подобро да не ја дочекаат својата пензија. Денес е ден на работничките. Оние кои се вработени и сиромашни. Оние кои шијат облека за извоз во државите на успешните. Оние кои ја одржуваат хигиената и сјајот на објектите на успешните. Оние кои го минуваат животниот век служејќи ги успешните. Не се овие жени од челик, не сме повеќето жени од челик. Се виткаме и кршиме затоа што притисокот е пресилен.

8 Март не е ден на мајките. 8 Март не е ден само на оние жени кои ја испишале својата животна бајка на темелите на среќни семејства. Денес е ден на самохраните мајки, на слободните жени, на оние кои ги нарекувате стари моми, на вдовиците, на лезбејките. Оние жени кои ќе ви го покажат вистинското лице на митот за „жените кои се реализирале успешно и на приватен и на професионален план“. Оние самохрани мајки кои со денови молат низ фејсбук групи за врски за да ги запишат своите деца во градинка како би можеле да почнат да си бараат вработување. Оние кои ги гледате или со сожалување небаре се фалични, или со гадење небаре се чудовишта. Оние кои ги натоваривте со срам и себепрезир. Слушнете ги, барем денес, нив наместо успешните челични дами. Барем денес.

Денот на жените е и денот на жените без образование, без дипломи, без препознаени кариери. Чујте ги нивните приказни наместо оние на експертите. Во нив има доволно мудрост и животна искреност колку и во сите студии, статистики, истражувања.

Конечно, 8 Март е за сите кои ги сметате за „недоволно жени“. 8 Март е за сексуалните работнички, трансродовите жени, зависничките, бездомничките, за сите оние кои преживуваат во овој свет за да можат успешните да ја задоволат својата алчност. Да живеат неуспешните жени!

Слики: Pinterest

Извор: ПИНА