Неколку „немојте“

08.03.2018 13:37
Неколку „немојте“

 „Сликата“ претставува интелектуален и емоционален комплекс во една константа во времето. Го користам поимот „комплекс“ во техничка смисла, како што го користат понови психолози, како Харт, иако може нема да се сложиме за употребата на зборот.

Ваквото мигновно претставување на таков „комплекс“ е токму тоа што ни дава ненадејна слобода; тоа чувство на ослободеност од временски и просторни граници; чувството на ненадеен раст, чија присутност ја сведочиме во најврвните уметнички дела.

Подобро е да се претстави една Слика во цел живот отколку да се напишат цели томови книги.

Сево ова, сепак, некои можеби ќе го сметаат за дискутабилно. Сегашната цел е да се наброи ЛИСТА НА „НЕМОЈТЕ“ за тие кои почнуваат да пишуваат стихови. Но не можам сите да ги набројам во еден мозаик-негатив.

За почеток, имајте ги предвид трите правила напишани од г. Флинт*, не како догма – никогаш ништо не сфаќајте како догма – туку како одраз на долго размислување, кое, иако е туѓо размислување, можеби треба да го разгледате.

Не обрнувајте внимание на критиката на луѓе кои самите никогаш не напишале ништо вредно. Земете го на пример расчекорот меѓу тоа што го напишале грчки поети и драматурзи, и теориите на грчко-римските граматичари, напишани за да ја објаснат нивната метрика.

*Трите правила на Флинт: 1. Директно приоѓање кон „нештото“, било да е субјективно или објективно. 2. Да не се користи ниту еден збор кој не придонесува кон претставувањето. 3. Во однос на ритам: да се компонира по тек на музичка фраза, а не отчукувањето на метроном.

Јазик

Не користете излишни зборови, ниту придавки кои не откриваат нешто.

Не користете изрази како „магливи земји на мирот“. Ова ја отапува сликата. Меша апстрактно со конкретно. Ова произлегува од незнаењето на писателот дека природниот предмет е секогаш соодветен симбол.

Вардете се од апстракции. Не го кажувајте во просечен стих тоа што веќе е кажано во добра проза. Немојте да мислите дека ќе го залажете кој било интелигентен човек со тоа што ќе се обидете преку сечкање на делото во стихови да ги избегнете сите тешкотии на необјасниво тешката умешност во добрата проза.

Тоа што му е здодевно на стручњакот денес, утре ќе ѝ биде здодевно на јавноста. Немојте да мислите дека поезијата како уметност е поедноставна од музиката, или дека ќе го задоволите стручњакот пред да вложите толку труд во стиховната уметност колку што просечниот учител по пијано вложил во музиката како уметност.

Црпете влијание од толку врвни артисти од колку што можете, но барем имајте образ или начисто да си го признаете долгот, или да се обидете да го затскриете.

Не дозволувајте „влијание“ да ви значи само подбирање на одреден украсен вокабулар на еден или двајца поети на кои им се восхитувате. Еден турски воен новинар неодамна го фатија на дело како си блада во депешите за ридови „сиви ко гулаб“, или за „бисерна белина“, не можам да се сетам.

Или не користете орнаменти, или користете добри орнаменти.

Ритам и рима

Нека аспирантот си го исполни умот со најдобрите каденци кои ќе ги открие, по можност на странски јазик така што значењето на зборовите ќе има помала шанса да го одврати вниманието од движењето на звукот; пр. Саксонски бајачки, Хебридиски народни песни, стиховите на Данте и лириката на Шекспир – ако може да се измести вокабуларот од каденцата. Нека ја раскости лириката на Гете, чисто во вредноста на нејзината звучност, долги и кратки слогови, акцентирани и неакцентирани, самогласки и согласки.

Не е потребно стихотворбата да се потпира на својата музикалност, но ако се потпира на музиката, тогаш музиката мора да биде таква што ќе го задоволи стручњакот.

Нека новакот знае за асонанца и алитерација, непосредна и одложена рима, проста и полифонична, како што се очекува од музичарот да знае за хармонија и контрапункт и сите подробности на занаетот. Нема доволно време кое можете да го посветите на овие прашања или на кое било од нив, дури и ако не му се потребни на уметникот.

Не замислувајте дека „ќе пројде“ нешто во стих, ако е празно за да пројде во проза.

Немојте да „ставувате“ – оставете го тоа на писателите на филозофски есејчиња. Немојте да сте описни; запомнете дека сликарот многу подобро може да опише пејзаж од вас, и дека сигурно знае многу повеќе за тоа од вас.

Кога Шекспир зборува за „Зората облечена во ѓувезна руба“, тој претставува нешто што не го претставува сликарот. Во овој стих нема ништо што може да го наречете описно; тој претставува.

Пријдете со пристапот на научниците, а не со тој на рекламни агенти за нов сапун.

Научникот не очекува дека ќе биде признаен како голем научник додека не открие нешто. Почнува од тоа што веќе било откриено. Тоа му е појдовна точка. Тој лично не се смета за шармантен дечко. Не очекува дека пријателите ќе му дадат аплауз за исходот од семинарската од прва година. Новаците во поезијата, за жал, не се затворени во јасна и опиплива училница. Низ „цел факултет се раштракани“. Па чудо ли е што „јавноста не ја интересира поезија?“

Не ги сечкајте зборовите во посебни јамбови. Не го сопирајте секој стих на крајот, за потоа да избувнете со секој нов стих. Оставете почетокот на секој стих да го фати ритмичкиот бран, освен ако не сакате јасна и подолга пауза.

Накратко, однесувајте се како музичар, добар музичар, кога се занимавате со тој аспект на вашата уметност кој соодветствува на аспекти во музиката. Исти закони владеат, и не подлежите на ниедни други.

Се разбира, ритмичката структура не треба да го уништи обликот на зборовите, нивната природна звучност, или значењето. Не е веројатно дека отпрво ќе можете да искористите ритмичка структура толку снажна што ќе влијае врз нив, но можно е да настрадате од секакви неточни запирања на крајот на стиховите и цезурите.

Музичарот може да се потпре на камертонот и гласноста на оркестарот. Вие не можете. Поимот хармонија грешно се користи во поезија; тој се однесува на совпадливи звуци со различна висина на тон. Сепак, во најдобрите стихови има некаков остаток на звук кој останува во увото на слушателот и служи горе-доле како тоналитет на оргули. Римата мора да има некој момент на изненадување ако сака да задоволи; не мора да е бизарна или необична, но мора да е добро искористена ако се користи.

Тој дел од поезијата кој ќе се одрази во имагинативното око на читателот не губи ништо ако се преведе на странски јазик; тоа што е примамливо за увото може да ги допре само тие кои ќе го воспримат во оригинал.

Споредете ја прецизноста на претставувањето кај Данте со реториката на Милтон. Прочитајте толку од Вордсворт колку што сметате дека не е бескрајно досадно.

Ако сте заитале по суштинското, видете кај Сафо, Катул, Вијон, Хајне, кога е по ист терк, Готие, кога не е преладен; или ако не разбирате толку јазици, видете кај опуштениот Чосер. Добрата проза нема да ви наштети, а и добра дисциплина се стекнува ако пробате да ја пишувате.

Преводот е исто така добра вежба, ако видите дека оригиналната содржина ви е „климава“ кога ќе пробате да ја пренапишете. Значењето на поемата која се преведува не смее да биде „климаво“.

Ако користите симетрична форма, не го пишувајте тоа што сакате да го кажете за потоа да ги пополните дупките со бесмислици.

Не го уништувајте воспримањето на едно сетило така што ќе се обидете да го дефинирате во однос на друго сетило. Ова обично е резултат на тоа што премногу ве мрзи да го најдете точниот збор. Има и можни исклучоци на оваа точка.

Првите три прости упатства [на Флинт] отфрлаат девет десеттини од сета лоша поезија што денес е прифатена како стандардна и класична; и ве спречуваат од многу злосторства при пишувањето. “...Mais d’abord il faut etre un poete*,” како што велат Дуамел и Вилдрак на крајот на книжето Notes sur la Technique Poetique; но Американецот ова го сфаќа здраво за готово, инаку зошто би се родил на тој величествен континент!

*Но прво треба да се биде поет (фран.)

извор: poetryfoundation.org

 

 

ОкоБоли главаВицФото