Османско, а наше

09.03.2018 01:48
Османско, а наше

Во Турција на Ататурк, Нова година била значаен празник, а поимотните семејства ја прославувале на балови. По истиот повод во Белград се славело наголемо пред дочекот. Во тогашното Кралство Србија, а потоа и во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, новогодишните празници започнувале со католичкиот, потоа следел православниот Божиќ, а завршувале со прославата на Нова година според Јулијанскиот календар. Во Сараево, тогаш Нова година не била значаен празник, приматот го имал Бајрам.

Како се славело, но и како се живеело во овие краишта после распадот на Османското царство, може да се види и од патувачката изложба „Градови во движење – постотоманското наследство“ во Историскиот музеј на Србија во Белград. На околу 200 фотографии од белградските гласила „Политика“ и „Време“, и истанбулскиот „Џумхуриет“ и „Акшам“, раскажана е приказната за секојдневниот живот во Белград, Сараево, Истанбул и Анкара во дваесеттите и триесеттите години на минатиот век, и за раѓањето на новите национални држави на рушевините на Отоманското царство. Изложбата истражува како се обновувале централните делови од градовите кои стануваат сцена за политичките програми на новите владејачи, како се создавал модерниот граѓанин со помош на масовните спортски манифестации, се прикажуваат новите трендови во облекувањето и однесувањето, а исто така и секојдневието што се одвивало во чаршијата како да не се случиле никакви промени.

Изложбата е резултат на меѓународната соработка во рамки на научно-истражувачкиот проект „Визуелниот пристап во истражувањето на секојдневието во турските и југословенските градови во дваесеттите и триесеттите“ на Универзитетот во Базел. Изложбата премиерно е прикажана во Базел. Целта на изложбата е на западна Европа да ѝ ги пренесе југословенските и турските историски искуства оспорувајќи го распространувањето на предрасудите спрема големите имигрантски групи во тие земји. Во регионот изложбата тежнее да придонесе за меѓусебно разбирање и да повика на јавна дискусија за османското наследство. Во проектот учествуваа Музејот на Југославија и Мехмед Акшамија, професор по фотографија на Академијата за ликовни уметности во Сараево. Авторка на изложбата е д-р Наташа Мишковиќ, професорка по блискоисточни студии на Универзитетот во Базел.

Изложбата е конципирана како своевидна загатка: изложени се само фотографии, без потпис, што посетителите ги поттикнува на истражување и одгатнување во кој град е снимена некоја фотографија. Одговорот е во каталогот, а според зборовите на авторката на изложбата, на тој начин е нагласена тезата дека сите овие градови имаат многу повеќе заеднички нешта одошто можеме да претпоставиме денес:

„Сакам да ги спречам луѓето да ги гледаат само сликите од својот град, туку сите да ги гледаат рамноправно. Го одземав текстот, што не е историски начин на размислување, за да ги поттикнам посетителите да се впуштат во испитување на постотоманскиот урбан пејзаж, да се обидат да погодат за кој град се работи. На почетокот од проектот имаше коментари – зошто нè споредувате со Турција, не сакаме да имаме врска со тоа, ние сме насочени кон Европа“, вели Наташа Мишковиќ, инаку родена во Швајцарија, додавајќи дека со вакви стереотипи се среќавала и на претходните посети во Србија. „Тоа што е валкано на улица, тоа е затоа што тука биле Турците. Од една страна, Турците биле привлечни, а од друга претставувале нешто негативно и туѓо. Сакав да се занимавам со овие простори, а најмногу ме интересираше секојдневниот живот на луѓето, а тоа денес на запад е мејнстрим во историската наука. Веќе се занимавав со Белград во 19 век и истражував кој живеел во него, како изгледал градот пред да стане главен, користев лични документи, преписки, дневници, судски списи... Целно барав приказни кои зборуваат за некои настани преку темите што ме интересираа – односот на мажите и жените, заминувањето на муслиманското население и доаѓањето на христијаните во градот, какви биле конфликтите, каков бил односот на елитата и сиромашните... А, потоа ме заинтересира што се случувало со другите делови и другите градови во Отоманското царство и така се создаде оваа изложба“, додава авторката на изложбата.

Секоја фотографија е една приказна. Многу од нив се актуелни и денес. Ја издвојуваме фотографијата од пазарот која постоела на просторот на денешниот Студентски плоштад до дваесеттите години. На неа има куче што лови глувци. Наташа Мишковиќ објаснува дека фотографијата била дел од пропагандата. „Го укинуваме стариот пазар зашто е нехигиенски, погледнете колку глувци има. Сега правиме Зелен венец, модерен, чист, хигиенски пазар, под санитарна контрола.“

Освен што се граделе Сараево, Белград, Истанбул и Анкара, тие и се забавувале. На пример, нивните жители ги сакале патувачките циркузи, популарни биле изборите за најубава девојка, се објавувале и фотографии на послободно облечени дами, понекогаш само во долна облека, но важно е што биле странци, никако „наши“. Слободното време се поминувало на коњски трки, фудбалски натпревари. Побогатите пиеле пиво, а сиромашните ракија. Добро ситуираните дами на пазарите се облечени модерно, а продавачките, селанките – традиционално. Присутен е култот на спортот, фестивалите во чест на владејачите. На фотографиите се гледаат и последиците од Големата криза, народната кујна, децата чистачи на чевли, Албанците кои насекаде во Османското царство градат калдрми. Печатот известувал и за посмртниот погреб на Кемал Ататурк, како и за дочекот на телото на кралот Александар...

Наташа Мишковиќ истакнува дека раѓањето на националните држави на етнички принципи, заеднички јазик и вера остава и последици. „Во Турција доаѓа до етничко чистење на населението, а сè што не е турско се забранува. Во Мала Азија имало и бунтови и конфликти, чии последици се чувствуваат и денес. Исто така, миграциите се последица на етничкото чистење, особено после повлекувањето на Турците од Белград, кога султанот не дозволил неговите поданици да бидат под српска влада, па ги повлекол. На фотографиите се видливи и обидите во секојдневието да се изгради држава – како да се контролираат луѓето со модерни средства, пописот на населението, забраната на одредени пијалоци, пушењето, фрлањето ѓубре и некои ситни промени, но поврзани со обидите да се воспостави ред и контрола над луѓето. Промените во образованието и организирањето големи спортски манифестации во чест на државата биле, исто така, видови градење нова држава и потреба на владејачите да се избрише она што постоело претходно. Култот на водачот, како некој што ги решава проблемите, и натаму е актуелен и тоа во целата постотоманска област“, вели Наташа Мишковиќ.

Иако на изложбата е видливо колку овие четири градови биле слични на почетокот од 20 век, османското наследство имало негативен контекст, според зборовите на авторката на изложбата – заради веќе споменатото создавање на националните држави и студената војна. „Долго размислувавме што да претставиме како симбол на националната преродба. Секој град има споменик од владејач на коњ. Во Белград, на Плоштадот Република, поставен е првиот споменик на човек на јавен простор. Имено, во Османското царство заради религиозни причини не смеело да се обликува човечко битие во јавниот простор. Оние кои биле богати, кои патувале, имале слики и фотографии, но тие останувале во нивните домови. Обреновиќи имале свои споменици на Топчидер, но само во градината. Првите споменици во Истанбул му се посветени на Ататурк, а познатиот и прв на јавен простор е на плоштадот Таксим. Познат е и споменикот на Ататурк на коњ во Анкара, пред Етнографскиот музеј. Затоа одлучивме симбол на оваа изложба, како симбол на националната преродба да биде владејачот на коњ“.

Во Базел, каде предизвика голем интерес, изложбата доведе во прашање некои од претпоставките на западниот свет за овие простори. Фотографијата која предизвика најголемо внимание е онаа на која има две модерно облечени девојки, една со наметка, а другата без неа. Постојат жени кои се покриени и кои се модерно облечени, но не е познато дали можат да бидат пријателки“, додава Наташа Мишковиќ. Во Белград изложбата ќе трае до 28 јануари, а потоа патува во Сараево, Истанбул...

Фотографии: Стефан Ранковиќ

Извор: Vreme

Слични содржини

Фотографија / Балкан / Историја
Балкан / Историја
Фотографија / Gif / Теорија / Историја
Балкан / Став / Теорија / Историја
Фотографија / Историја

ОкоБоли главаВицФото