Архетипски ретро-футуризам

09.03.2018 15:29
Архетипски ретро-футуризам

Овој концерт беше најавуван долго. И конечно се случи. Ги погледнавме Kraftwerk во живо со нивниот 3D концерт. По втор пат во Скопје. Овој пат како дел од нивната турнеја за промоција на последниот бокс сет од осум албуми отсвирени во живо – 3-D The Catalogue. Дали Скопје стана дел од рутите и на големите бендови наспроти „пензионираните“ кои обично сме навикнати да ги гледаме? Дојдовме да процениме.

Да прецизираме: не дека Kraftwerk се нов бенд, но сепак не се „пензионирани“, под овој термин подразбирајќи бендови чија основна девиза на своите 50-60 години е: we are in it only for the money, ловејќи средoвечни носталгичари кој сонуваат за своите средношколски денови. За значењето на Kraftwerk како бенд веќе опстојно анализиравме во претходниот пост посветен на нивното влијание. И сфатете го тоа буквално! Издаваат нова музика, свират опстојни турнеи, во тек се со времето, ја користат технологијата како што треба, па нашата перцепција за нивната музика е сѐ уште подведена под поимот свежо.

Но да се вратиме на концертот. Германската прецизност не потфрли. Најавата за почеток во 20:30 часот беше испочитувана! Траењето од час и половина до затворањето на завесите (или моментот кој наликуваше на бис) исто така, а потоа уште половина час. Sharp! Неверојатната прецизност беше видлива во секој аспект на концертот. Според рецензиите кои успеав да ги прочитам за нивните концерти во регионот, а и она што успевам да го видам на видеа од разни концерти, тоа е нивниот модус – прецизноста. Германски чисто, прецизно, беспрекорно.

Од настапот, преку визуелизациите, па сè до целата сценографија и неонските костими. Минимализам во пракса. Без непотребни кабли на сцената, без расфрлани инструменти, без вишок движење по сцената. Роботски прецизно. Контролните табли беа пред нив, костимите на нив; ние подготвени за патување. А патувањето започна со Numbers. Броевите почнаа да летаат кон нас, а сето тоа овозможено од една прилично стара, но сепак во последно време сѐ поактуелна (но и злоупотребена) технолгогија – 3D технологијата. Секој во публиката ги доби своите картонски наочари за комплетно доживување на визуелните аспекти на овој концерт, кога за момент се почувствував како на првата 3D проекција во нашите кина – филмот Ајкула.

Објектите, радио брановите, нотите, роботите продолжија да летаат низ платното за проекции, но и од него кон публиката и на остатокот од песните, веќе етаблирани Kraftwerk хитови, правејќи го овој концерт повеќе визуелно отколку аудио доживување. А во недостаток од нов студиски албум и веројатно нови теми за обработка, нивната моментална иновација е очигледно во доменот на визуелната презентација. Тие беа толку пред другите, што денес е проблематично како ќе го претстават својот материјал, кога веќе сите се опседнати со технологијата која е општо прифатена, па се одлучуваат за еден ваков пристап. Тоа евидентно се случува и во филмската индустрија.

Кога сме кај нивната антиципација, нужно е да потенцираме дека голем дел од работите на кои овие песни се посветени се веќе минато. Не дека не ги користиме нивните придобивки, но сепак од нивната фасцинација остана само носталгијата, чудно меланхолично чувство за времињата во кои сѐ беше ново и возбудливо. Континуиран напредок и итање кон иднината, од кои денес останаа само последиците.

Токму таа технологија која ја опеваат, нема веќе значење на восхит. Сѐ се сведува на комодификација на новото, тренд и основна потреба. Посебно кај новите генерации дигитални домородци, кои веќе се природени со истата. Децата веќе живеат на интернет, во аугументираната реалност, а наскоро и во виртуелната реалност, па така, неонските светла, радио брановите, возовите или автопатиштата (Trans Europa Express, Neon Lights, Autobahn, Trans Europe Express) за нив веќе немаат значење освен што постојат само како ретро приказни. А тука можеме да се потсетиме и на Radioactivity, одата на радио брановите и радијацијата, која од обожување на прогресот, станува химна на нуклеарните катастрофи од Чернобил до Фукушима, чии последици ги чувствуваме и ние, денес!

Сепак значењето на песните на Kraftwerk останува на ниво на архетип. Обработуваат најопшти теми чии поими (како брзината, аеродинамиката, машините, роботите…) секогаш ќе имаат смисла во нашата технолошки обликувана потсвест (Computer Love, Computer world, The Man Machine, It’s More Fun To Compute). Толку базични што дури и тој ретро-футуризам останува вечно актуелен, без разлика на возраста или времето во кое живееме.

Наспроти прецизноста на севкупниот перформанс, звукот во салата беше неверојатно и несвојствено тивок. Како на домашна забава. Еј, зарем еден бенд кој не остава ништо на случајноста може да потфрли и нивните техничари да не го забележат недостатокот. Веќе се слушаа муабетите на луѓето. На моите сензитивни уши им годеше намалениот интензитет, но сепак тука веќе се работи за доживување кое зависи од звукот. По мала интервенција, звукот беше зголемен и иако не задоволителен, сепак можеби доволен. Објаснување? Единствено објаснување – повторно германската прецизност. Во една акустично руинирана сала (а имаме ли во Скопје поинаква?!), единствен начин да го осетите звукот во неговата чистина и прецизност без да не изобличи е да не го појачувате. Па веројатно техничарите на Kraftwerk сепак инсистирале на неговата јасност наспроти гласност.

На Spacelab летечките чинии долетаа и во Скопје, и пред салата Борис Трајковски, дочекани со овации. Беше тоа еден смешен момент чија цел е идентификација и приближување до локалната публика, наспроти ладниот и дистанциран однос на нивните концерти. Нема многу комуникација со публиката. Во еден момент се спуштаат завесите, а кога завесата се подигнува, на сцена „излегуваат роботите“ (The Robots).

Во подоцнежниот дел од концертот беа отсвирени условно поденс или поритмичните или порецентните песни (Aero Dynamik, Tour De France), па атмосферата се размрдува. Концертот иако се случи во сала која е повеќе концертна, по доживување беше можеби повеќе седечки, што доведува до размислување дека можеби веќе следниот, ако не овој концерт (секако доколу го има), треба да се одржи во салата на филхармонијата. Ем добар звук без импровизации со лоши сали, ем како што доликува на еволуцијата на едни беспрекорни ветерани.

Како што веќе потенциравме, прецизноста беше основната карактеристика на овој концерт, па од математички пресметаниот настап немаше отстапки. Така и би. Без бис, враќање на сцена и дополнително наместено удварање на публиката, се поклонија и си заминаа. Концертот заврши (Boing Boom Tschak / Techno Pop / Musik Non Stop). Публиката мирно и во ред, исто како што и дојде, си замина. Чувствата и доживувањата за овој концерт останува секој да ги канализира за себе, според својата претстава за значењето на овој бенд. За сега толку. Се гледаме во иднината со некоја следна технолошка иновација, холограмски или виртуелен концерт на „последниот голем бенд“.

извор: nomads.mk
фотографии: Ивана Дукоска