Танцот и инвалидитетот ‒ учиноци надвор од сцената

12.03.2018 14:47
Танцот и инвалидитетот ‒ учиноци надвор од сцената

Alliger Arts е проект настанат со цел да ги претставува и промовира уметничките настојувања на коишто им ги посветив последниве 20 години работа, како еден од најактивните продуценти за танц во САД. Мојата страст е работата со уметниците и пружање поддршка на оние кои, како и јас, се посветени на ширењето на своето влијание надвор од сцената, на уметниците кои ги помрднуваат границите, кои ја провоцираат нашата перцепција, поттикнувајќи го разбивањето на стереотипите за тоа како танчарот би требало да изгледа, да се движи, да биде. Мојата страст е работата на проекти кои продолжуваат да влијаат на нашата перцепција на танцот и креативноста.

Целта на претставувањето на луѓето со инвалидитет не е афирмативна акција, задоволување на квоти или на политичка коректност, туку постигнување квалитет, создавање можности, поттикнување на иновации, уметничка одличност и едукација на публиката. Интегрираната танчарска заедница има потенцијал кој се манифестира при соработката со луѓето со инвалидитет. Тие ја претставуваат современата перцепција на инвалидните личности, додека со вклучувањето на уметници, кореографи, заедницата и публиката се испитува и создава дијалог со различностите низ медиумот на танцот. Мојата цел е да ѝ се помогне на таа заедница на уметници да бидат препознаени поради своите уметнички постигнувања, а не поради инвалидитетот.

Оваа релативно млада заедница на танчари со инвалидитет се развива со природниот процес на стопување на неколку развојни сили. Тие сили се: уметничкиот израз, активизмот и афирмацијата на таа заедница во општеството, движењето за човечки права од деведесеттите и технолошките иновации.

Целта на движењето за човечки права од деведесеттите беше вклучување на разните групи, меѓу кои и уметниците со инвалидитет, во културната главна струја без потиснување или негирање на нивната различност. Јавната инфраструктура, настаната како резултат на Законот за правата на Американците со инвалидитет од 1990, придонесе за оснажување на луѓето со инвалидитет со помош на институционализирање на можноста за приод. Меѓутоа, за многумина од таа заедница приодот е само првиот чекор во процесот на вклучување и интеграција. Нивниот сè посилен активизам на многу подрачја ‒ едукација, вработување, превоз и комуникации, придонесе за создавање можности кои сите ги заслужуваат. Со создавање можности за соработка на уметниците со инвалидитет со други уметници во интегрирана заедница и со еднакви услови, се промовира отфрлањето на предрасудите и се афирмира различноста.

Технолошките иновации, особено оние што се однесуваат на мобилноста, исто така создадоа услови за поинтензивно учество на уметниците со инвалидитет во изведувачките уметности.

Развојот и производството на high-tech, полесните материјали и пофлексибилниот дизајн создадоа можности за сè поразлични начини на движење. Лиса Буфано во своето соло Пет отворени усти ја користи најновата технологија на јаглеродни влакна употребувајќи ги Cheetah нозете за трчање. Многумина танчари во количка користат посебна аеродинамичка количка која својот развој им го должи на зголемените барања по таа технологија и популарните спортски настани како што се бостонскиот маратон или кошарката во количка.

Во текот на 20-иот век, танцовата уметност се занимаваше со дефинирање на новиот танцов вокабулар. Изразите на психолошки состојби и преточување на ритмовите од разни култури послужија како темел за новите начини на движење. Различните родови, култури, годишта, генерации и типови тела го провоцираат и нашиот интелект и ги отвораат нашите емоции на нови и збогатувачки начини.
Авторот и застапник на личностите со инвалидитет, Сим Линтон (Sim Linton), пишува:

„Танчарите со инвалидитет, каде и да се на светот, мораат да ја убедат публиката во својата легитимност. Нивните движења се доживеани како компензација, повторување на движењета на потипично градените танчари, со редуцирана вредност и намалена возбуда.

Сепак, се поставува прашањето дали нешто губиме со прифаќањето на толку тесната дефиниција за телото. Работата на Лиса Буфано (Lisa Bufano) со кореографката Хеиди Латски (Heidi Latsky) не ги игнорира недостатоците и не се обидува да ги заобиколи ‒ нивната работа се заснова на откривањето на единственоста на нивните тела и на уметничкио тучинок кој произлегува од него. Навистина, градбата на телата на луѓето со инвалидитет влијае на нивното движење низ просторот, што потенцијално придонесува за нивната уметност, а не ја намалува.“

Поради лимитираната можност за движење, многумина априори ги доживуваат танчарите со инвалидитет како ’послаби од’. Секогаш го користам следниот пример за, на начин што поразбирлив за публиката, да објаснам како таквиот начин на размислување може да биде погрешен: замислете сликар кој одеднаш открива нова боја на палетата, боја што не постоела порано. Замислете го огромниот пораст на варијации од бои, сенки, нијанси и креативниот потенцијал кој ќе се ослободи со тоа. Таква е дарбата на танчарите со инвалидитет... Потполно нов космос од можности за движење, потполно нова разноликост на средствата, потполно нов и проширен вокабулар за кореографот. Според тоа, зборуваме за порастот на можноса за движење, а не за негово намалување!

Покојниот Хомер Авила (Homer Avila), танчар кој зад себе имаше дваесетгодишна кариера и кој, како последица на рак, изгуби една нога, еднаш забележа дека неговата претходна работа била „заснована на препознавање на физичките недостатоци и насочен кон нивно редуцирање“. Сепак, кога започнал да танцува, после операцијата, тој принцип му се видел бесмислен.

Мое убедување, втемелено во дваесетгодишно посматрање на танцовата публика, е дека луѓето често доаѓаат на танцовите настани за да го видат она што самите не можат да го изведат, она неодгатливото, телесноста над своите можности. Танчарите кои ја совладале техниката, како и личностите со инвалидитет, се разликуваат од општата популација. Телото на танчарот е перципирано како неограничено, додека личностите со инвалидитет се перципирани како ограничени. Со спојувањето на тие две групации се редефинира виртуозноста, се отфрла општоприфатеното разбирање на танцот, перформансот и перцепцијата на телото и се создава простор за истражување кое се нурнува во длабочината на различноста, воајеризмот и неочекуваното. Премостувањето на овој јаз е повеќекратно корисно за уметниците, како и за публиката, и отвора можност за дијалог, подобро разбирање и засилен општествен ангажман.

 

Извор: Jeremy Alliger, Dance & Disability, An Impact Beyond the Stage

На фотографиите: Lisa Bufano, на сцена

Лиса Буфано (1972-2013), интердисциплинарна уметница од Бостон. Како дете била гимнастичарка. По бактериската инфекција, кога во 21-та година од животот, ѝ биле ампутирани двете нозе и прстите на рацете, започнала да студира и да се занимава со уметност и танц, станувајќи една од најголемите уметнички ѕвезди. Во 2013 изврши самоубиство, не оставајќи порака за причините.

Alliger Arts е продукциска организација основана од извршниот продуцент Jerremy Alliger. Посветена е на претставувањето и промовирањето на уметничката работа која ги разбива границите и ја доведува во прашање перцепцијата на публиката. Организацијата вклучува продукција, организација на турнеи, продукција на фестивали и претставување на уметнички дела.

Џереми Алигер е влијателен културен и јавен работник кој ги застапува правата на попречените. Член е на неколку уметнички совети и уметнички советник на низа организации и фондации. Добитник е на важни американски награди.

Слични содржини

Општество / Активизам / Живот / Филм
Општество / Активизам / Живот / Теорија
Активизам / Психологија / Живот
Активизам / Психологија / Живот

ОкоБоли главаВицФото