Јапонската урбана социологија и јапонската концепција на градот (1)

13.03.2018 01:35
Јапонската урбана социологија и јапонската концепција на градот

Вовед

Градот – поим кој денес се употребува секојдневно, без прашањето што навистина значи поимот и како се развивал. Денешниот, постмодерен град многу се разликува од модерниот индустриски, антички и кој било град во историјата. Како што очигледно се разликуваат средновековниот германски „бург“ и кинескиот град во средниот век, така се разликува и францускиот Париз од американскиот Чикаго. Меѓутоа, кај повеќето социолози, кога се прават разлики во историјата на општествата и нивниот развој, највпечатлива е разликата помеѓу таканаречениот Оксидент и таканаречениот Ориент. Така, западните градови во очите на Макс Вебер имаат посебна магија, за разлика од источните, да речеме индиски градови. Оваа забелешка на Вебер секако е точна, но воздигнувањето на западниот град наспроти сите останати е мошне прашално.

Создавањето на градовите и населбите мошне се разликувало на Истокот и на Западот. Меѓутоа, едно општество од Истокот секако е поинакво од останатите од „источната страна“. Секако, се работи за јапонското општество. Заради географските карактеристики на територијата на Јапонија, заради специфичната историја и култура, јапонските градови многу се разликуваат од сите останати и јапонските урбани социолози морале да посветат дополнително внимание за некои нешта, во однос на урбаните социолози од Западот. Пред сè, еден град според многу автори претставува „огледало на целото општество“. Тоа секако може да биде вистина, ако се зборува за западниот концепт на граѓанинот. Меѓутоа, секој град има своја динамика. По што се разликува јапонскиот град од останатите и на кој начин јапонските градови постигнуваат успех на глобалната индустриска сцена, може да се заклучи само со помош на социолошката дисциплина која се занимава со тоа. Пред сè, треба да се посвети внимание на аргументите на одредени автори и да се согледа нивната (не)точност во однос на концептот на јапонскиот град.

Броделовиот аргумент за оригиналноста на западните градови

Еден од авторите кој се занимавал со тематиката на градовите и општествата секако е Фернан Бродел. Тој, по примерот на Вебер, ја согледал оригиналноста во одредена специфичност на западните градови во однос на источните. Така и ги оправдува ставовите на Вебер на следниот начин: „Ако зборуваме за облеката, парите, градовите, капитализмот, невозможно е, според Вебер, да се избегнат споредбите зашто Европа постојано се изразува преку 'односот спрема другите континенти'“ (Петровиќ, Вујовиќ, 2005). Од овој цитат јасно може да се види дека Вебер како центар на капитализмот и рационалниот развој ја гледал Европа и дека Бродел во голем дел се согласува со тој став. Меѓутоа, перципирањето на Истокот како мистичен и Западот како рационален е мошне погрешно за денешното поимање на општествениот развој, што секако се однесува и на градовите. Прашањата што ги поставува Бродел за да го оправда овој став, исто така се дискутабилни.

Прво прашање: „(...) зошто другите светски градови не ја запознале таквата размерно слободна судбина?“ Дали единствената слобода е онаа што ја концептуализирале Европејците? Секој од термините може да има повеќе значења и „слободната судбина“ на некој град е мошне дискутабилен поим. Слободите и до денес останаа мошне прашални и тоа во жариштата на настанокот на идеите за истите. Значи, аргументот дека единствено европските градови се слободни, пред сè, е неточен, а потоа и отворен за дискусија за значењата на „слободата“ во јапонската и европската култура.

Второ прашање: „Каков бил оној или оние кои на тој начин им ја расипуваат веселбата? Или пак друга форма на истиот проблем, зошто судбината на западните градови е во знакот на промените – тие се менуваат дури во своето физичко битие – додека другите градови, во споредба со нив, се без историја, како вкопани во долга неподвижност?“ Ако имаме предвид дека Бродел во своето дело го анализира периодот од 15 до 18 век, може да се разбере зошто го поставува ова прашање – источните цивилизации во овој период не биле доволно истражени, но секако им биле познати на научниците од Западот. Имено, во своето прашање, Бродел ја означува круцијалната карактеристика на развојот на европските градови, што другите градови не ја поседуваат и се „неподвижни“. Секако, и овој аргумент е сосема неточен зашто развојот на градовите и на Истокот и тоа како е забележлив. На пример, јапонските градови се развивале и пред јапонското општество да се сретне со Западот.

Бродел продолжува со опис на развојот на западните градови, пред сè европските, каде јасно се гледа значењето на парите и трговијата за развојот на градовите. „Парите, а со други зборови тоа се градовите“ (ибид.) тврди Бродел. Тој е во право кога го става акцентот на парите и нивното значење во развојот на европските градови. Токму парите се тие што довеле до натпревар на државата и градот, и го довеле Бродел до заклучокот дека градовите се „општества во мало“ со сите свои примеси. Меѓутоа, оваа ситуација е рефлексија на идејата на Вебер за капитализмот. Дури и Луис Мамфорд се сложува дека градовите на Запад се поистоветени со капитализмот. Меѓутоа, она што се изоставува притоа е моментот на културата – на Запад акумулацијата на капиталот во градовите е перципирана како голема доблест, гледано со протестантски очи. Во Јапонија, трговците биле сметани за најниска класа, а акумулацијата на капиталот на лично ниво како себичност и дисфункционална карактеристика на поединците. Значи, тука, наместо Западната рационалност имаме два вида рационализација, кои секако се согледуваат и во настанувањето и развојот на градовите.

Во урбаната социологија има повеќе поделби на типови градови, како и повеќе пристапи кон феноменот на градот. Бродел видел три основни типови градови во светот: антички тип (грчки или римски град), тип на затворен град (самостојна единица, средновековен европски град), тип град под старателство (првите модерни градови кои се во соработка или под жезолот на државата). Оваа поделба се однесува само на европските градови, но Бродел не ги заобиколил ни другите типови, и ги поделил на следниот начин: градови од колонијална Америка (се разликуваат по создавањето и развојот од Европските), руски градови (мошне тешки за категоризирање, зашто „не живеат на западен начин“, а повторно имаат примеси од западната рационалност) и царски градови од Истокот и Далечниот исток (градот е град на владејачите и е голем). За последниот тип, Бродел тврди дека во Кина и Индија „општествените структури ја нарушуваат слободната судбина на градовите“ (ибид.), што е привидно точно. Меѓутоа, земајќи предвид дека индиската или кинеската концепција на слободата е сосема поинаква, и оваа информација би можела да се отстрани како целосно неточна. Она што е точно во оваа поделба, а многу се совпаѓа и со јапонските градови е секако фактот за припадноста на градот на владејачот. Исто така, јапонсите царски династии според своето мислење ги избирале териториите на кои ќе основаат сопствен град, кој ќе опстане како град и после падот на династијата. Таквите градови во Јапонија се нарекуваат „дворец-градови“ и ги има речиси колку и самите династии.

Секако, тука се покажало кои аргументи на Бродел можат да бидат точни, а кои не, кога се зборува за јапонските градови. Значи, не се специфични само европските градови. Градовите од сите општества се оригинални и специфични на свој начин и секој град би требало да се посматра со доза социолошка имагинација. Ова секако се потврдува преку развојот на урбаната социологија во Јапонија.

Создавањето и влијанието на јапонската урбана социологија

Маќимура Такаши од универзитетот Хитоцубаши е еден од авторите кои се занимавале со настанокот на урбаната социологија во Јапонија. Секако, исклучително е тешко да се утврди тичниот момент на создавање одредена дисциплина, особено социолошка. Меѓутоа, одредени трендови секако можат да се забележат. Маќимура забележал три главни трендови. Првиот тренд се однесува на истражувањата во 19 век, кои се базирале во поголемите градови како Токио. Овие истражувања ја следеле сиромаштијата и економскиот статус на Јапонците на преминот од ерата Едо (феудална јапонска ера под власта на шогуните) во ерата Мееѓи (повторна империјална ера која ја поддржувала Америка, со воведување на парламентот во власта). Овие истражувања пружиле мошне важни податоци за ниските класи во градовите, а најпознато било истражувањето од 1893 година кое го направил Мацубара Ивагоро и она од 1899 година кое го направил Јокојама Геносуке. Вториот тренд бил бранот истражувања направени во првата половина на 2- век. Имено, во овој период, капиталистичкиот начин на живот ги обземал речиси сите аспекти на јапонското стопанство, иако во значително изменет облик. Овие истражувања пружале податоци за домувањето, санитариите, сиромаштијата, општествената класа итн. Во овој период вакви податоци барала владата, за да се пронајде начин за поправање одредени социјални проблеми. Исомура Ееќи бил задолжен да ги спроведува ваквите истражувачки проекти и подоцна станал еден од највлијателните социолози-истражувачи во Јапонија. Во третиот тренд, се појавуваат првите пионери на урбаната социологија. На универзитетите ширум Јапонија се појавуваат професори и истражувачи кои навлегуваат подлабоко во урбаните проблеми. Секако, најпознати се Окуи Фукутаро и Сузуки Еетаро. Тие правеле истражувања за меѓучовечките интеракции, по моделот на Чикашката школа.

Кон вториот дел.

Извор: http://casopiskult.com

ОкоБоли главаВицФото