Рускиот костец со Западот е географски, a не идеолошки (1)

13.03.2018 15:33
Рускиот костец со Западот е географски, не идеолошки (1)

Стоејќи во неговата дача, пред мапа од новопроширениот Советски сојуз кратко по капитулацијата на Германија во мај 1945, Јосиф Сталин кимнува задоволно. Огромниот ров кој го создал од советско окупираните источноевропски земји сега ќе му ја заштити империјата од идни Наполеони и Хитлери. Сталин тогаш го вади лулето од уста и покажува кон базата во Кавказ. Негодува со главата и се мршти.

„Не ми се допаѓа границата овде,“ им вели на советниците, покажувајќи кон областа каде советските републики Грузија, Ерменија и Азербејџан се граничат со непријателските сили на Турција и Иран.

Следната година и пол, се распаѓаат односите меѓу САД и Советскиот сојуз откако Сталин врши притисок врз Анкара и Техеран за територијални отстапки, а Претседателот на САД, Хари С. Труман возвраќа со тоа што праќа флотила до Медитеранот. Во февруари 1947, банкротираната Британија му вели на Стејт-департментот дека не може повеќе да ја брани грчката влада во граѓанската војна против комунистичките востаници поддржани од Југославија, и со ова го тера Труман да се заложи за економска и воена помош за Атина и Анкара. Сталин, чија земја се крепи од нацистичкиот пустош, се повлекува кон одбранбена позиција. Сега целта му е да ја задржи новата безбедносна зона во Источна Европа и да му оневозможи на САД да го контролира смртниот непријател на Русија: Германија.

Во март, 1947, новиот државен секретар на САД, Џорџ К. Маршал пошол на шест-неделен исцрпувачки поход, на преговори со неговиот советски пандан, Вјачеслав Молотов, во врска со иднината на окупираната Германија. Бидејќи ниедна страна не сакала да ја допушти можноста за таква опасна, стратешки лоцирана земја да стане сојузник на другата страна, преговорите завршуваат во реми. Сепак, Сталин сè уште сметал дека Труман најпосле ќе биде принуден да го прифати германското обединување под советски услови – огромни обесштетувања и политичка структура во полза на Комунистите – за да го исполни заветот на неговиот претходник, Франклин Д. Рузвелт, дека ќе ги повлече воените единици на САД од Европа во рок од две години по војната.

Маршал и Молотов (од лево кон десно)

Маршал ја напуштил Москва убеден дека преговорите со Сојузот се завршени. Германија, како и голем дел од Западна Европа, се движеле кон работ на економска и општествена пропаст, а одговорот на Сталин очигледно се водел според Лениновиот став „што полошо, тоа подобро.“ Маршал одлучил дека редно време е за еднострана акција од САД за да се обезбедат демократски, капиталистички влади во делови од Европа кој сè уште не биле под советска контрола. Во добропознатиот говор на универзитетот Харвард на 5 јуни, 1947 г., тој го претставува нацртот на тоа што ќе се отелотвори во огромен четиригодишен план за поддршка од САД за да се поткрепи обновувањето и интеграцијата на Европа: Маршаловиот план.

Сталин го денунцирал планот како суров американски маневар да купи политичка и воена доминација врз Европа. Се плашел не само дека ќе го изгуби раководството на Германија, туку и на цела Источна Европа. Пред отпочнувањето на Маршаловиот план, Сталин никогаш не бил догматичен кон облиците на социјализам спроведени во земјите од советското поднебје. На Бугарија, Чехословачка, Унгарија, Полска и Романија им било допуштено да формираат коалициски влади од различни видови. Единствениот услов бил лојалност кон Москва во однос на надворешна политика. Ова набргу се сменило. До крајот на 1948, Сталин целосно ги асимилирал или ги уништил остатоците од некомунистички елементи во источноевропските влади.

Черчил, Труман и Сталин (од лево кон десно)

Труман сакал да го искористи Маршаловиот план како алатка со која ќе ги отсече безбедносните јазли на САД кон Европа. Но Стејт-департментот ги условил тие 13.2 милијарди (повеќе од $135 милијарди денес) долари како грантови со кои примателите ќе ги интегрираат своите економии, а поради ова земјите се побуниле дека загубата на самостојност ќе ги остави поранливи кон советски (и германски) малтретирања и закани. Па така, претседателот ги прифатил британските и француски барања за воен спровод на Маршаловата помош. На 4 април, 1949 г., една година и еден ден по потпишувањето на законодавството на Маршаловиот план, Труман го потпишува основачкииот договор на Северно-атлантската договорна организација – НАТО.

Следниот месец, САД, Британија и Франција го прифатиле установувањето на нова Западногерманска држава. Советскиот сојуз возвраќа со тоа што создава своја Источногерманска држава во октомври. Дијалектиката во сомнежите на обете страни се доведува до крајност без да се започне војна, и европските граници на Студената војна остануваат замрзнати следните 40 години.

Кон вториот дел.

извор: foreignpolicy.com

 

ОкоБоли главаВицФото