„Caravan Next“ во Скопје

14.03.2018 02:22
„Caravan Next“ во Скопје

Eвропската асоцијација за локална демократија – АЛДА Скопје, заедно со Театар на Навигаторот Цветко и Локомотива, Скопје најавуваат серија културни активности дел од меѓународниот проект „Caravan Next“.

„Во рамки на настанот се предвидени голем број иновативни културни активности кои се ретко практикувани во Македонија како театарски перформанси, работилници и предавања за практиките на ангажираниот и социјален театар, особено преку примерот на „Театарот на угнетените“ на Аугусто Боал. Ќе бидат опфатени трите форми на „Театарот на угнетените“ со цел да се допре до секојдневниот живот на граѓаните каде постои јасна поделба на угнетувачи и угнетувани и на тој начин да им се „дадат“ алатки за борба на загрозените групи во општеството“, најавуваат организаторите.

Програма:

- Предавање на проф. Зоја Бузалковска „Практиките на „Театарот на угнетените“ на Аугусто Боал“ (14 март во 18:00 часот)

- Предавање на проф. Рита Мариа Фабрис, гостин од Универзитетот во Торино, насловено „Social Community Theatre and Dance: the Turin avant-gardeexperience“ кое ќе се одржи на англиски јазик (17 март во 19:30 часот);

- Форум театар по практиките на „Театарот на угнетените“ на Аугусто Боал (18 март во 18:00 часот) во „Кино Култура“.

Програмата предвидува и работилници за актери и јавни перформанси кои ќе се одвиваат од 14 до 18 март во Скопје и ќе се преточат во Форум театар, Невидлив театар и Сликовен театар.

Проектот Caravan Next“ ги поврзува уметниците со локалната заедница и граѓаните преку мрежа од театарски организации и културни институции ширум Европа. Настаните ќе се одржат во Кино Култура.