Бев сведок на насилно заканување на дечко спрема девојка

15.03.2018 01:30
Бев сведок на насилно заканување на дечко спрема девојка

Штотуку бев сведок на насилно заканување на дечко спрема девојка која вриштеше и се обидуваше да се тргне од него и никој од околните луѓе не сакаше ништо да направи.

Бев во пиљара кога влезе жената што работи таму и на мажот на каса почна да му вика да викне полиција затоа што пред влезот зад пиљарата напаѓаат жена. Истрчав и видов како девојката вришти и му вика на дечкото да се тргне а тој заканувачки ја бутка и држи во ќош. Таа викаше да викнеме полиција, јас викнав, тој не ја оставаше, и' викаше „врати ми ги стварите“ и не и' даваше да се качи нагоре по скалите каде што таа живее.

Стоевме таму јас и жената од пиљарата, која ми рече дека знае како е затоа што едвај избегала од мажот кој ја тепал. Поминаа двајца мажи и им реков да стојат тука и да бидат сведоци бидејќи и мене ми беше страв од дечкото. Девојката исчезна нагоре по скалите, се слушаше како вришти и му вика да си оди, јас останав сама (жената од пиљарата мораше да се врати на работа но единствена беше што се грижеше за ситуацијата и постојано проверуваше дали сум во ред) – последниот од двајцата мажи на кои им реков да стојат тука исто така си замина и неколку пати ми повтори „а зошто таа не остана тука него се качи горе“ (затоа што таму живее и може да се заклучи дома а не да седи во влез и да чека полиција и да ризикува тој да ја истепа во меѓувреме, нели?

Тоа не му текна, ама му текна да ја обвини девојката). Останав сама да ја чекам полицијата пред влез и ми беше страв да се качам горе за да не настрадам од дечкото. По некое време тој се симна и ме праша дали сум викнала полиција. Му реков да, тој рече дека така требало, затоа што тој самиот ќе ја пријавел девојката. Почна да ми раскажува како ништо не сум знаела и како тој неа ја фатил со друг и како го уценила „за да ја земе“ и како му ги проверувала фејсбукот и мејлот. Му реков дека тоа не значи дека треба да биде насилен со неа, а тој тврдеше дека не бил насилен. Се појави и мајка му, која рече дека сето ова било „намештаљка“ и чекаше со него се' додека не дојде полицијата.

Не само што сум ужасно вознемирена што посведочив на такво насилно и заканувачко однесување од кое навистина сама се исплашив, туку сум згрозена од тоа како се однесуваа сите околу мене: поминуваа покрај сцената забавено, ама со „не сакам да се мешам“ фаца, и секако не им падна на памет да ѝ помогнат на девојката, а камоли да викнат полиција. А полицијата дојде и смирувачки и професионално се однесуваа со мене.

Сакам да ве охрабрам следниот пат кога ќе видите или слушнете насилство да не се правите слепи и глуви. Викнете полиција, алармирајте ги луѓето наоколу. Не е воопшто пријатно, ама уште полошо е да бидете нечовекот што стоел од страна и ништо не направил.