Како Вучиќ стана омилениот автократ на Европа

15.03.2018 02:33
Како Вучиќ стана омилениот автократ на Европа

Во неодамна објавениот извештај на британскиот Дом на лордовите со жалење се констатира дека Европската унија во однос на западен Балкан дала предност „на стабилноста пред демократските вредности“ и изразува „сериозна загриженост заради опасноста да се поништат постигнатите резултати во доброто владеење и владеењето на законите, додека земјите во регионот се вртат кон авторитарните лидери“.

Колку и да е иронично што една институција каква што е Домот на лордовите , во која не се стигнува по пат на избори, изразува загриженост за демократските вредности, авторите на извештајот имаат право: повеќето постјугословенски влади станаа „стабилократија“ наместо демократија – а таа динамика никаде не е толку очигледна како во Србија.

Од враќањето на власт во 2012 година, по дванаесетгодишен период поминат во опозиција, Александар Вучиќ систематски се качуваше на политичкото скала на Србија, напредувајќи од министер за одбрана до премиер и конечно, минатата пролет до претседател на Србија.

Претседателот Вучиќ е реформиран ултранационалист кој како министер за информирање му служеше на Слободан Милошевиќ во последните денови на југословенските војни. Неговата улога вклучуваше финансиско казнување на новинарите кои го критикуваа режимот, како и забранување на телевизии кои не му беа наклонети. Последните неколку години водеше главен збор во периодот на алармантното назадување на демократијата.

Неговата владејачка Српска напредна странка, партија од десниот центар, во свои раце цврсто го држи судството и безбедносните служби на Србија, додека Вучиќ ги неутрализираше локалните медиуми до таа мерка што само неколку од нив се осмелуваат да изнесуваат сериозни наводи за корупција, клиентелизам и заплашување на гласачите, што го обележа времето откако тој е на власт.

Во текот на изминатите шест години, Вучиќ воспостави нешто што најдобро може да се опише како мека автократија: однадвор гледано, Србија и натаму е демократско општество, со номинално слободни избори и политичка опозиција, каде застапниците на опозициските ставови имаат можност да ја критикуваат владејачката партија без страв дека преку ноќ мистериозно ќе исчезнат.

Меѓутоа, контролата на Вучиќ врз српските центри на моќ е до таа мера целосна, а демократскиот процес до таа мера извитоперен во негова корист – што несогласувањето не претставува закана за неговото владеење. Неговите политички противници се слободни да се кандидираат против него, но на располагање имаат малку средства да се слушне нивниот глас. Сојузниците на Вучиќ имат целосна контрола врз институциите во државата, па не постои нешто што би го спречило да ги поткопува демократските норми.
Ова е најочигледно во медиумите. Вучиќ успеа да ги потчини медиумите преземајќи ја контролата врз нивниот главен приход: рекламите.

Повеќето рекламни агенции во државата се во сопственост на неколку медиумски тајкуни, лојални на Вучиќ, кои наместо рекламните средства да ги насочуваат раководејќи се од пазарните фактори, купуваат рекламен простор во телевизии и весници кои позитивно известуваат за претседателот, а им ги ускратуваат средставата на оние што го критикуваат. Медиумските куќи на уште еден начин се поттикнуваат да се држат на провладината линија: РТВ Пинк, најголемиот приватен емитер во државата, во периодот од 2014 фо 2016 година, добил најмалку 7 милиони евра во форма на државни позајмици.

Дубравка Валиќ Недељковиќ, професорка по медиумски студии на Универзитетот во Нови Сад, изјави дека Пинк оваа услуга на Вучиќ му ја вратила кога тој се кандидирал за претседател во 2017 година, обезбедувајќи 267 пати повеќе покриеност за неговата кампања отколку за сите други негови противници заедно. Иако само неколку весници и телевизии фунционираат како отворени владини портпароли, повеќето од другите избегнува да поставува тешки прашања.

На оние што ќе се обидат владејачката елита да ја повикаат на одговорност, даночните власти им ги блокираат сметките и започнуваат истраги против нив заради наводни финансиски неправилности.

„Данас“, познатиот независен весник изгуби толку огласувачи што неговото дневно издание се сведе на 24 страници, иако нудат најевтин рекламен простор на пазарот. Некои новинари, кои биле премногу остри во своите критики на претседателот, биле повикувани на информативни разговори во БИА, српската државна агенција за разузнување со бизарни обвиненаија како уцена или трговија со луѓе.

Во интервју за Слободна Европа, во октомври 2017 година, претседателот на Европската федерација на новинарите, Могенс Блихер Бјергард ја издвои Србија како земја со најлошо кршење на медиумските слободи на Балканот. Наспроти тоа, претставниците на ЕУ како Јоханес Хан, европски комесар за проширување и соседска политика, без проблем ја вртеа главата кога Вучиќ ги гази „европските вредности“ кои наводно им се многу важни.

Новиот австриски канцелар Себастијан Курц, во една прилика го опиша Вучиќ како „сидро на стабилност“, додека германската канцеларка, Ангела Меркел неодамна му рече на Вучиќ дека „нè импресионира колку е Србија успешна на својот реформски пат“. Нивното молчење за недемократското однесување на Вучиќ е заглушувачки.

Сè додека Србија е надвор од Европската унија, Брисел може да се дистанцира од лудориите на Вучиќ. За разлика од нелибералната демократија на Виктор Орбан во Унгарија, меката автократија во Србија не го расипува имиџот на Европа. Вучиќ може да биде лош претставник за еден европски проект, но е сигурен помагател, кој му овозможува на Брисел да им се приближи на своите геостратешки цели на Балканот.

Навистина, Вучиќ нуди стабилност во еден нестабилен регион и успешно ги надгледуваше редицата мерки за штедење на Меѓународниот монетарен фонд за намалување на долгот и буџетскиот дефицит на Србија со намалување на платите во јавниот сектор и пензиите, како дел на многу пошироко реструктурирање на српската економија насочено кон исполнување на криетериумите на ЕУ за проширување.

Покрај своите демократски недостатоци, Вучиќ е релеативно умерен според српските политички стандарди и неговата доминација во државната политика овозможува да останат маргинализирани непоправливите етнички шовинисти како Воислав Шешељ, поранешен заменик на премиерот Милошевиќ, кој 11 години помина на судење во Хаг под обвинение за злосторства против човештвото.

За Косово го зборуваше тоа што се очекуваше од него, а неодамна изјави дека „мора да живееме и работиме заедно и да бидеме успешни во тоа“. Нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово би поставило основа за евентуално признавање на неговата независност, што по сè изгледа е главниот приоритет на ЕУ за Балканот.

Претставниците на ЕУ исто така се плашат од преголем притисок врз Вучиќ, за да тој не се сврти кон исток. Претседателот на Србија одржува блиски односи со Кремљ, а некои од неговите критичари во земјата го обвинија дека тој однос го злоупотребува против Брисел. Вуќич одлучно тврди дека Србија, за разлика од соседна Црна Гора, никогаш нема да се придружи кон НАТО и одбива да ги следи западните сили во наметнувањето на санкции кон Русија.

Овој став е резултат на фактот дека проруското чувство во Србија е многу силно: двете држави се поврзани со заедничката православна вера и словенското наследство. „Србија нема да ја менува својата политика...и нема да воведува санкции против Русија“, рече Вучиќ по неодамнешниот состанок со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Во јуни, 2017 година, само еден ден откако Црна Гора влезе во НАТО, српските војници учествуваа во заедничката воена вежба со Русија и Белорусија на границата со Полска, а српската војска, подоцна истата година, доби донација од шест борбени авиони, од Москва, со ветување за уште 30 тенкови и 30 оклопни возила.

Обидите на Србија да игра на двете страни на теренот не наидоа на добар прием во Вашингтон. Демократскиот конгресмен од Тексас, Еди Бернис Џонсон упати писмо до американскиот потпретседател Мајк Пејнс и го повика да не се среќава со Вучиќ, за време на неговата посета на САД, во средината на 2017 година, а Хојт Брајан Ји, кој поднесе оставка на функцијата заменик помошник на државниот секретар на САД за европски и еврозациски работи, на српските претставници, на крајот на минатата година, им рече дека една држава „не може да седи на две столици истовремено, особено ако тие се толку оддалечени“. Исто така, Ји изрази загриженост дека рускиот хуманитарен центар во близина на српскиот град Ниш, би можел истовремено да биде и шпионска база, обвинување што Русите го одбија како апсурдно.

Позитвините сигнали на Вучиќ кон Москва, главно се реторички, целта им е да ги задоволат русофилите во неговата партија и поширокото избирачко тело. Војската на Србија и покрај бомбастичните изјави, сепак во 2017 година учествуваше во 13 вежби на НАТО или на неговите членки, од кои во седум со Соединетите држави. Врските со НАТО се тема што владата на Србија сака да ја избегне: негативниот став кон војниот сојуз е сè уште распостранет во Србија, која во 1999 година беше изложена на тримесечно бомбардирање од стана на силите на НАТО.

Кога Путин го притисна Вучиќ на руските службеници во хуманитарниот центар да им даде дипломатски статус, тој реагираше со пресметана дистанца, одолговлекувајќи и игнорирајќи ги наклонетите на Кремљ гласови во својот кабинет, сè додека не ослабна значењето на ова прашање. ЕУ купува речиси 10 пати повеќе од српскиот извоз отколку Русија, а Димитар Бечев, нерезиденцијален виш член на Центарот за Евроазија на Атлантскиот совет, за „Foreign Policy“ изјави: и покрај целата врева за врските со Москва, српското стопанство и до одреден степен општеството се длабоко интегрирани во ЕУ“.

Вучиќ е совршено свесен, заклучува Белчев, дека „милијардите од европските фондови им се од корист на државите членки и ја хранат клиентелистичката политика. И тој тоа го сака, дури и иако не претставува модел за демократија што ги прифаќа вредностите на ЕУ“.

И иако на претседателот на Србија му е совршено јасно од каде доаѓаат парите, државата и натаму, во голема мера, останува зависна од Русија заради нафтата и гасот. Рускиот енергетски гигант Гаспром е сопственик на мнозинскиот удел во српската нафтена компанија, а Србија би можела да биде вклучена во гасоводот „Турски тек“.

Но, фактот што Србија одлично котира на европскиот пат, не претставува проблем за Москва: Проруските чувства на Вучиќ се автентични и ако во ЕУ има уште гласови наклонети кон Русија, покрај Орбан и грчкиот премиер Алексис Ципрас, тоа на Кремљ секако ќе им биде од корист. „Србија во ЕУ е добивка за Русија: тие не очекуваат повеќе од тоа“, вели Белчев. „Ставус кво на политичките врски, одредена економска соработка – тоа ѝ одговара на Москва“.

Толеранцијата на ЕУ кон Вучиќ можеби е политички прагматична и претставува едноставен начин за одржување на стабилноста на Балканот, но истовремено е и длабоко цинична.

Навистина, ЕУ го поткопува сопствениот морален авторитет. Ширум континентот, луѓето губат верба во европскиот проект, а тоа незадоволство не доаѓа само од популистичката десница: британските левичари ги заговараат предностите на прогресивниот Бргзит, а бруталното постапување на ЕУ кон Грција за време на кризата во еврозоната им даде муниција на нејзините критичари и ја доведе во прашање вербата на паневропските идеалисти.

На неодамна одржаните парламентарни избори во Италија, две евроскептични партии Пет ѕвезди и Лига, заедно освоија околу 48 отсто од гласовите. Заради забавениот раст на Унијата тешко се брани на економски теми, а поддржувајќи ги корумпираните авторитарци како што е Вучиќ, Брисел предизвикува зачестеност на обвиненијата дека ЕУ и нејзините центристички бранители повеќе не застапуваат никакви вредности.

На крајот, Европа нема многу право да им држи лекции на разни Путини, Ердогани, Орбани и Качински на овој свет за нивните демократски неуспеси, ако е подготвена да прифати политичари како Вучиќ. Растечкиот јаз помеѓу делата и зборовите на ЕУ, лесно може да се претвори во оружје на нејзините популистички критичари кои, ако ништо друго, барем во пракса го спроведуваат тоа за што се залагаат.


Слики: Predrag Korakasic Corax, Ranko Guzina 

Извор: Foreign Policy