Рускиот костец со Западот е географски, а не идеолошки (2)

15.03.2018 07:12
Рускиот костец со Западот е географски, а не идеолошки (2)

Прочитајте го првиот дел тука.

По четири децении, на 9 ноември, 1989 г., разбеснетите толпи од Источна Германија се собрале пред Берлинскиот ѕид, викајќи “Tor Auf!” („Отвори ја портата“). Кога загрижениот и збунет граничар ги послушал, десетици илјади преминале на западната страна. Уште милиони го направиле истото во наредните денови.

Во Дрезден, по шест недели, толпата го поздравила западно германскиот канцелар Хелмут Кол дерејќи се “Einheit! Einheit! Einheit!” („Единство“). Во близина, еден исплашен но решителен 37-годишен КГБ офицер горел купови документи со недели, во подготовка за можни напади врз станицата од бесната раја. Огромните количини пепел ја уништиле печката во објектот. По многу години, руските новинари го интервјуирале поранешниот офицер за неговата работа во Германија. „Нè интересираа какви било податоци за главниот противник,“ објаснил Владимир Путин. Тој противник, НАТО, продолжува да ги опседнува руските лидери во идните години.

Путин во Источна Германија во 1980-те

До раната 1990-та, источно германските комунисти, веќе биле потрошена политичка сила, која се рушела под тежината на отпорот на народот и внатрешни конфликти, и советскиот Генерален секретар Михаил Горбачов почнал да се соочува со германското обединување. Тоа што сè уште го барал е повторно обединетата Германија да не биде дел од атлантската алијанса. Продолжено членство на Германија во НАТО, им кажал Горбачов на германските и советски новинари, мора „сосема да се отфрли“.

Горбачов и неговите руски наследници тврдат дека биле лошо информирани за тоа дали алијансата ќе смее да се шири источно. НАТО, рекол советскиот лидер, „е организација создадена уште од почеток да биде непријателски настроена кон Советскиот сојуз“. Па така, „какво било проширување на зоната на НАТО,“ му рекол на тогашниот Државен секретар на САД, Џејмс Бејкер, би било „неприфатливо“. Сепак, кога Германија беше реобединета во октомври, тој немаше како да го спречи источниот дел да излезе од Варшавскиот договор и да влезе во НАТО.

Со падот на Горбачов и Советскиот сојуз во 1991 г., рускиот претседател Борис Елцин продолжил да го покренува прашањето кон неговиот американски пандан. Соединетите држави, му рекол на тогашниот претседател, Бил Клинтон, го „сее семето на недоверба“ со тоа што ги примамувал со НАТО членство поранешните држави од Варшавскиот договор. За рускиот лидер да „се сложи со проширувањето на границите на НАТО кон тие на Русија,“ му рекол на Клинтон за време на средба во 1995 во Кремљот, „би било предавство на рускиот народ“. Министерот за одбрана Павел Грачов ги предупредил полските лидери дека неговите сонародници ја сметаат алијансата за „чудовиште насочено кон Русија.“ Првиот човек на Службата за надворешно разузнавање, Евгениј Примаков, кој подоцна станува министер за надворешни работи и премиер, тврдел дека проширувањето на НАТО би изискало поцврсто поставување на руските одбранбени сили. „Ова не е само психолошки проблем за нас,“ му рекол на американскиот дипломат Строуб Талбот во 1996. „Проблемот е во безбедноста“. Советот за надворешна и одбранбена политика во Москва предупредил дека проширувањето на НАТО ќе ги направи „балтичките држави и Украина... зона на интензивно стратешко ривалство“.

Проширувањето на НАТО

Рускиот отпор му оставил на Клинтон само две опции. Можел да го игнорира и да настојува да го прошири НАТО на робустен начин, според логиката дека „Русија секогаш ќе си биде Русија“ и ќе продолжи да ги малтретира и доминира соседите ако не се скротат со заканата на воена сила. Ова била републиканската позиција на времето, оцртана во „Договорот со Америка“ на партијата во 1994. Другата опција била сталоженост додека однесувањето на Русија ги прекрши ветувањата дека ќе го почитува суверенитетот на соседите. Ова била позицијата на поранешниот амбасадор во Советскиот сојуз Џорџ Кенан. Но Клинтон, како Клинтон, избрал трета опција, односно штедливо да го прошири НАТО – со логиката дека алијансата нема вистински непријател. Во 1996, Роналд Асмус, кој наскоро станува влијателен чинител во администрацијата на Клинтон, вели дека трошоците за проширување на НАТО ќе бидат скромни зашто „замислата била да се избегне конфликт со Русија, а не подготвување за нова руска закана.“

„Навистина ли ќе можеме да ги убедиме Источните Европејци дека ги штитиме,“ прашал во недоверба демократскиот сенатор Сем Нан во говор до воените претставници, „... додека ги убедуваме Русите дека проширувањето на НАТО нема никаква врска со Русија?“ Талбот предупредил во внатрешна преписка дека „проширено НАТО кое ја исклучува Русија нема да може да ги спречи ретроградните експанзионистички нагони на Русија.“ Баш напротив, рекол дека тоа „уште толку ќе ги провоцира.“ Но Ричард Холбрук, тогашниот специјален пратеник на Клинтон на Балканот, го игнорирал предупредувањето. Соединетите држави, пишува во World Policy Journal во 1998, може „и волкот да го нарани и овците да бидат на број... години од сега... луѓето ќе гледаат назад кон дебатава и ќе се прашуваат околу што бил проблемот. Ќе забележат дека ништо не се сменило во руските односи со Западот.“

Холбрук не бил воопшто во право. „Договорено ни е да заштитиме цела низа земји,“ 94-годишниот Кенан му кажува на колумнистот на Њујорк Тајмс, Том Фридман, во 1998, „иако немаме ниту ресурси нито намера да го направиме тоа сериозно.“ Тој бил во право. Стратегијата на Клинтон го испречил недоволно снабденото НАТО пред и тоа како огорчената и авторитарна Русија.

Денови откако Чешката Република, Унгарија и Полска се придружиле на НАТО во март 1999, алијансата започна тримесечна кампања на бомбардирање против Србија, која, како Русија, е словенска православна држава. Овие напади врз братска земја ги запрепастиле обичните Руси, особено зашто тие не биле провоцирани од напад врз членка на НАТО, туку за да се заштити муслиманската популација на Косово, тогаш српска провинција. Акциите на НАТО во поранешна Југославија – во Босна во 1995 и во Србија во 1999 – биле спроведени со благородни цели: да се спречи масакрот на невини луѓе. Проширувањето на НАТО во поранешните земји на Варшавскиот договор, сепак, го осигурале фактот дека Русите нема да ги сфатат како вакви. Москва знаела дека претходните вазали, со тоа што се придружиле на алијансата, се обврзале да ги поддржуваат западните политики спротивставени на руските интереси. Што поисточно се ширело НАТО, што поголема закана претставувало.

Ова било особено јасно откако НАТО членки почнале да преземаат унилатерални мерки непријателски кон Русија, мерки кои никогаш не би ги презеле надвор од алијансата. Во 2015, на пример, Турција сруши руски воен авион кој преминал во нивното воздушно поле преку Сирија, каде бомбардираше противници на режимот на Башар ал-Асад. „Турскиот воздушен простор е воздушен простор на НАТО,“ турскиот министер за надворешни работи изречито им рече на Русија по нападот. Русија го забележа ова. „Турција не ја призна само својата одговорност“ како чинител, „туку и на целата Северно-атлантска алијанса,“ рече премиерот Димитри Медведев во интервју со списанието Тајм. „Ова е крајно неодговорно“.

Статијата продолжува во третиот дел.

извор: foreignpolicy.com

 

 

Слични содржини

Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото