Хинки – Мигдал: експериментална органична синтетика

16.03.2018 14:23
Хинки – Мигдал: експериментална органична синтетика

Мигдал, албум на ‘омниартистот’ Златко Трајковски Хинки, првично издаден на 22 септември 2003, ја виде светлината на интернетот откако беше објавен на Soundcloud профилот на kritika.mk пред неколку дена. Албумот претставува едно темно патешествие по колажираните крстопати на стотиците електронски жанрови и поджанрови, попратено со сопоставување на зашеметувачки sub-басови и остри високи drum секции, кои потсеќаат на ритам машините на Чиста околина, а и на острите фусови на Ликвидатор, ако зборуваме за понови наши артисти од скромното ни електронско поднебје. Загушувачката индустриска атмосфера присутна во целиот албум е придружена со психоделични семплови и програмирани звуци: игриви звуци кои може ќе ги чуете во џанглот од 90-те но и денешниот дарк-форест транс, па и во „сони-ќец“ игрици, а згора на ова, постојано демне заканата од призвуци, гласови и исечоци кои изрипуваат, често полиритмично, од звучната бездна. Изобилуваат и класичните синтетизирани звуци на поприфатената електроника на Kraftwerk, Bastion, PMG Kolektiv, но тука не држат врховност врз мозаикот на експериментални звуци, туку се вклопуваат во позадината. Интересно е како Хинки ја применува техниката на колажирање (за ова повеќе би имал да каже Вангел Ноневски) во еден спектар на жанрови кој дозволува преголема игривост со своите елементи, а за жал често се сведува на репетиција и монотонија. Тоа дефинитивно не се однесува на албумов. Патем, звукот задржува, иронично, некаква органичност во својот електронски звук, која денес е сè поретка – еден носталгичен филтер на музика која често знаела да биде и извалкана од чиповите на миди процесорите на кои е создадена, сирова, недолична за изгланцаните стандарди на високобуџетната музичка индустрија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото