Јадејќи се самиот себе

27.08.2010 11:27
Јадејќи се самиот себе

Каде е Македонија?! Што сакаме, кого почитуваме, кому се обраќаме, кога велиме Македонија? Дали власта е Македонија, а опозицијата е, да речеме, Грција?! Дали Уставниот суд е Македонија? Дали Собранието е помалку Македонија од, да речеме, полицијата која е најмногу Македонија?! Или сепак најмногу Македонија е исклучиво партијата, т.е. фамилијата во врвот на партијата?!

Парадоксално е што колку повеќе просудуваме што е и кај е Македонија, таа сè повеќе исчезнува. Како Македонија да е храна за товење, па кој повеќе излапа, кој повеќе ќе се нагои - тој е поголем Македонец. Во овие дваесет години самостојност, како што вели Тричковски, Македонија повеќе е консумирана отколку што е создавана. Многу кој шапшал и никаквец и бараба штрбна од пленот Македонија, па дури и кога пленот се престори во леш (некои се тешат дека сме само во клиничка смрт, колку мршојадците да исколваат што има за колвање, а после, кога ќе изникне новото сонце на слободата, трупот феникс ќе се престори). Во овие дваесет години, значи, јата лешинари се наситија, роеви скакулци пролетаа и свињи Македонија (по корита распределена) ја ждереа, а потоа „со ситни копитца ја смачкаа, ја столчија како лук, со толчник; бишки, мав ја сторија - за други, на други боишта, божем со слава да прават историја“.

Дали Блаже Конески („кепецот од Небрегово“) е можеби Македонија? Дали Македонија се послушните автори (уметници, архитекти, мислители) кои низ евтини фасади и илустрации, низ Потемкинови села ја слават власта, или сепак Македонија се автономните, бунтовните и самосвојните?! Дали болниците, школите, затворите, патиштата, поточно дупките што нè голтаат (комплет со нашите крави, среде главниот град престорен во дупка!) - дали сето тоа е Македонија?! Или Македонија е велелепната слика на владетелот-градител насила врежана во мрежницата на поданикот како вештачкото сеќавање втиснато во репликантот?!

ВМРО може да рече сè, но најмалку дека внатрешната организација е Македонија. Ако некој ја парчосувал, ја делел, се товел со неа, ја мразел (кога ја нема во коритото или кога од многуте муцки не се стига да се посрка Македонијата-помија) - тогаш тоа е ВМРО. Македонија за ВМРО се стероиди, тестостерон, нешто за чаталење и перчење, а не нешто што се чува, негува, за што се внимава и грижи.

Кога од Македонија ќе се избрише сето она што организацијата смета дека не е Македонија (шиптарите, циганите, торбешите, предавниците, атеистите, сите неправославни, соросоидите, опозиционерите, словенските Македонци, проевропските Македонци итн.), кога ќе ги избришеш сите нив - како што брише фамилијаризираната организација - тогаш Македонија исчезнува!

И тоа ни се случува. И никому не е гајле за тоа, зашто трае големото шмукање на мушмулот Македонија, зашто фамилијата сака Македонија да ја претвори во черупка, во фосил, во нешто цврсто, „бесмртно“ и „вечно“; бидејќи живото е привремено и несигурно, за разлика од восочната фигура и споменикот; бидејќи живото бара да јаде, да се лекува или, скраја да е - што е најнеостварливо, најапсурдно во очите на организацијата! - живото бара да биде рамноправно и почитувано среде животинската фарма; башка, организацијата не го сака живото и зашто тоа гледа и слуша и мириса како долгите прсти од долгата рака ги вадат последните капки мед скриени по ќошињата и кривините на Македонија за не-дај-боже-времиња.

Надвор од овие реторички прашања, во едно сум сигурен: под ропство пишти Македонија. И тоа под внатрешно ропство чија највидлива форма е организацијата-фамилија; суштински, господар е капиталот, и оттаму грчовитата борба на организацијата да зграпчи што повеќе, да се утврди што подобро, да ги забетонира стратешките позиции - зашто Македонија е војна, и била војна, отсекогаш, за организацијата.

Немам дилеми дека дури и кога организацијата би била надвор од власта, Македонија пак би била во ропство. Најсвеж пример е периодот 2002-2006: истиот господар на Бучковски, Костов, Црвенковски, во предвечерието на изборите 2006, му даде 120 илјади евра на следниот губернатор маскиран во фирмичето Аналитико АИ (можно е истите пари да ги добил и Бучковски, од истата фирма, зашто евтина е овде власта, а подаништвото бескрајно сервилно). Истиот господар им дели годишни дивиденди, по кејф и ако бидат послушни, и на едните и на другите.

Целата внатрешна организација, до грло заглавена во долгови и криминал, деновиве се стутка во наклон и го искриви рбетот за 45 степени (како што славниот војвода Љубчо со својот, во меѓувреме, уште пославен министер за финансии, го веднеше рбетот пред газдите на Окта, на Телекомот и кои сè не други газди) за господарот да одвои 40 милиони евра со кои пастирот ќе продолжи да си игра со својот лего (иако сосема нелегален) проект за пљачкање камуфлирано во урбанистичко дивеење низ центарот на Скопје.

Да резимираме за денес: Македонија личи на Ерисихтон. Тој тесалиски благородник исекол дрво во градината на божицата Деметра, за себе да си изгради куќа. Деметра го казнила со вечна глад. Ерисихтон умрел јадејќи се самиот себе. Интересна е и етимологијата што Роберт Грејвс ја дава за името Ерисихтон: „оној што ја дере земјата“.

слики: Erik Wayne Patterson

Fenomenalno! Mi se cini

Fenomenalno! Mi se cini najfenomenalen text sto se pojavil vo 2010,2009,2008,2007,2006,5,,4,3,2,000,0...

 Иди отвори му Fan Page на

 Иди отвори му Fan Page на Коља, ајде... Иди, иди, не срами се...

Kolja mnogu go pochituvam

Kolja mnogu go pochituvam kako kritichar na vremevo, no se imashe slucheno nekolku pati (mozebi od brzanje, da gi iskritikuva tekovnite nastani) da ne go postavi dobro tekstot i da ne mu e glatka strukturata.
Ovojpat, moram da priznaam, deka ima mnogu dobro postavena teza, dobra obrabotka i na kraj- odlichna poenta!
 
 

ОкоБоли главаВицФото