Ружите на линолеумот

16.03.2018 15:33
Ружите на линолеумот

Сели се омажи како што и очекувавме, млада, ама пак неспремна за мажење. Запозна еден продавач на мачмалоу на еден училиштен панаѓур, и се омажи за него во друга држава каде што не е против законот да се венчаш пред осмо одделение.

Сега си има маж и куќа, постелнина и прибори. Вели дека е вљубена, ама мислам дека го направи тоа за да избега. Сели вели дека ѝ е убаво што е мажена бидејќи сега може да си купува работи кога мажот ѝ ќе ѝ даде пари. Среќна е, само понекогаш мажот ѝ се разлутувал и еднаш ја скршил вратата кога ја пробил со ногата, иако главно е добар. Само што не ѝ давал да зборува на телефон. И не ѝ давал да гледа низ прозор. И не ѝ ги сакал пријателите, па никој не смеел да ѝ дојде на гости освен ако тој не е на работа.

Седи дома затоа што се плаши да излезе без негова дозвола. Си ги гледа работите што ги поседуваат: пешкирите и тостерот, будилникот и завесите. Ѝ се допаѓа да гледа во ѕидовите, во тоа како фино им се спојуваат аглите, во ружите на подот од линолеум, таванот мазен како свадбена торта.

Превод: Румена Бужаровска

„Ружите на линолеумот“ е дел од билдунгсроманот Куќа на улицата Манго од современата мексиканско-американска писателка Сандра Сиснерос (1954). Издаден во 1984 година, овој роман постигнал голем успех и се смета за еден од најбитните дела на американската Латино заедница. Романот е составен од повеќе прозно-поетски вињетки во кои тринаесетгодишната Есперанса во прво лице раскажува за нејзиното маало и неговите жители, со што се запознаваме со приказните на заедницата, но и траумите во растењето на самата протагонистка. Во „Ружите на линолеумот“ се соочуваме со судбината на нејзината пријателка Сели.

Клитература е дел од радио емисијата ПичПрич што секој понеделник се емитува на Канал 103, а која се занимава со женската книжевност и родовите прашања во книжевноста. Рубриката ја уредува Румена Бужаровска.

 

ОкоБоли главаВицФото