Озборување – „говор“ за себе и за другите

17.03.2018 01:03
Озборување – „говор“ за себе и за другите

Што се крие зад озборувањето? Кои наши потреби задоволуваме? Што говориме за себе кога озборуваме некого?

Вербалнаата агресија е еден од начините на одбрана кога имаме чувство дека не можеме да се заштитиме и да постапиме онака како што би сакале, а озборувањето е само една од тие форми.

На тој начин го вентилираме чувството на немоќ и моменталното чувство дека сме слаби и зависни, дека немаме сила и моќ нешто да промениме во насока во која што би сакале.

Озборувањето може да го дефинираме како разговор за некоја личност во негативен контекст, во момент кога таа личност не е присутна. Кога некого озборуваме, тоа главно значи дека со осуда и во негативно светло коментираме нечиј личен живот – неговите избори, одлуки и постапки, или него/неа како личност – темпераментот, карактерот и навиките.

Што се крие зад озборувањето? Кои наши потреби задоволуваме? Што говориме за себе кога озборуваме некого?

Озборувањето како начин на поврзување и зближување

За некои од нас, озборувањето на трета личност е доминантен начин на кој воспоставуваме или се обидуваме да воспоставиме блиски релации со другите луѓе. Коментирајќи ги другите во негативно светло, за себе ја преземаме улогата на „праведник“ кои се доверува, но истовремено и „ја зштитува“ другата личност на тој начин што ја „предупредува“ колку некој е неадекватен, расипан или едноставно лош. На тој начин, свесно или несвесно создаваме ситуација на ризик и ранливост, затоа што правиме нешто што општеството го осудува и истовремено „ја штитиме“ другата личност, така што ѝ „укажуваме“ доверба со тоа што ја „предупредуваме кој е кој“.

Довербата и приврзаноста се некои од основните карактеристики на меѓусебното поврзување на две личности, а се тестираат токму во критични ситуации кога сме ранливи. Една од невербалните пораки што ги испраќаме кога озборуваме е токму таа: „Ризикувам да ме отфрлат и осудат за да те заштитам од лошиот свет“. Ова е порака што најчесто ја испраќаат загрижените родители или старатели кон децата во тек на нивниот развоји повеќето ја препознаваат како грижа за нашата благосостојба. Потенцијалната опасност е токму во тоа – дека озборувањето на другите луѓе погрешно ги протолкуваме како грижа за нас.

Поврзувањето и зближувањето врз основа на озборување е прилично условно, а со тоа и исклучително кршливо – трае додека постои „заедничкиот непријател“ и се распрснува во оној момент кога оној другиот ќе го промени мислењето, зашто на тој начин се прекинува и главната врска помеѓу оние кои биле поврзани преку озборувањето.

Реакциите на вака понуденото зближување и поврзување најчесто се остро поделени – зближувањето преку озборување на трета личност ги привлекува луѓето што имаат ист стил на поврзување, но и исклучително ги одбива оние на кои озборувањето им е неприфатливо.

Озборувањето како израз на немоќ

Озборувањето може да биде и израз на немоќ во ситуациите кога имаме чувство дека сме принудени да трпиме нешто што би сакале да го избегнеме. Агресијата изразена на овој начин може да биде одбрана во ситуации во кои сакаме да се заштитиме и да постапиме онака како што сакаме.

Иако можеби донесува олеснување, а честопати и поддршка, озборувањето не носи решение на ситуацијата. Токму поради поддршката што ја добиваме, постои ризик да влеземе во улога на Жртвата и да се навикнеме на неа. Во улогата на Жртвата влегуваме така што на почетокот само се жалиме, озборуваме и ништо не преземаме.

Со текот на времето се навикнуваме на поддршката и сожалувањето што ги добиваме од истомислениците во нашата околина, а подоцна и не ни посакуваме да преземеме што било ефикасно. Неистомислениците и луѓето што нè повикуваат на акција, ги доживуваме како груби и нечувствителни луѓе, кои не можат да нè разберат. Ефикасната акција што би водела и довела кон решавање на проблемот, истовремено би значела и губење на таа поддршка. Според таа несвесна логика, решавањето на проблемот е еднакво на губењето на поддршката и на тој начин улогата на Жртва, за некои од нас станува улога со која се идентификуваме, за да ја задржиме поддршката на околината, а животот се сведува на страдање и трпење.

Она што е важно да знаеме, а што од позиција на Жртва најчесто не го гледаме, е дека сожалувањето не е ветер во грбот, туку ветер во лице и лет во место. Единствениот начин да излеземе од чувството на немоќ е да се застапуваме за себе и да ги истражуваме вистинските начини да ги решаваме и на крајот да ги разрешиме проблемите што нè измачуваат. Тогаш престанува и потребата за озборување од немоќ.

Озборувањето како израз на звист

Озборуваме и тогаш кога некому му завидуваме на тоа што е и на она што го постигнал. Зависта е свесност дека некој ги ужива предностите што би ги сакале за себе, таа е болна и проткаена со омраза, тврди гешталт терапевтката Мјурел Шифман. За некои од нас озборувањео е наједноставно за употреба – нуди моментално олеснување, а може да ни донесе поддршка доколку се најдеме помеѓу истомисленици.
Озборувањето создава привид на олеснување заради емотивното празнење и моменталното чувство на поддршка и поврзување, но таа поддршка и поврзување се многу условени и стојат на стаклени нозе.

Со озборувањето уште повеќе се заглавуваме во она од коешто сме сакале да излеземе: интензивното чувство на сопствената неадекватност, недоволност, инфериорност, немоќ и неуспех.

Еден од начините да излеземе од ова вознемирувачко и честопати болно чувство е да се фокусираме на себе наместо на другата личност. Енергијата што ја расфрламе и трошиме за озборување да ја инвестираме во себе. За почеток, да ги видиме нашите слаби страни и да почувствуваме што е тоа што ни недостасува. Другите луѓе работа за себе. Ако некој е успешен и постигнува или го има тоа што го сака , не мора да значи дека е успешен на наша сметка. И ние имаме избор да работиме на постигнување на нашите цели и да ги реализираме своите желби.

Предноста на директното обраќање

Фриц Перлс, основачот на гешталт терапијата, не дозволувал да се зборува за друга личност во трето лице, без разлика дали личноста била присутна или не. Тој сметал дека дека на тој начин ги избегнуваме своите чувства и неконтролирано на другата личност ѝ „го лепиме“ сето она и добро и лошо, што одбиваме да го видиме и прифатиме кај себе. Во терапевтската ситуација, Перлс инсистирал на директно обраќање, јас – ти разговор, лице в лице, за да бидеме свесни за своите чувства а со тоа и за содржината.

Свесноста и контактот со себе може да бидат ваш нов почеток, да почувствуваме што сакаме и да ги откриеме начините како да го постигнеме тоа. На тој начин почнуваме да се фокусираме на себе и да се занимаваме со себеси.

Со таквото занимавање со себе, исчезнува потребата за озборување, затоа што почнуваме да го создаваме она што ни е потребно и стигнуваме таму каде што сакаме да бидеме.

Авторката е психотерапевт, клинички психолог и гешталт терапевт

Слики: Etienne, Jaume Plensa
Извор: Danas

 

Слични содржини

Графички Дизајн / Книжевност / Психологија / Стрип
Општество / Психологија
Книжевност / Психологија / Живот
Психологија / Живот
Психологија / Наука / Теорија
Психологија / Наука / Живот

ОкоБоли главаВицФото