Денот нула – новата реалност на светот

17.03.2018 02:37
Денот нула – новата реалност на светот

Денот нула е назив за денот кога сите славини во јужноафриканскиот Кејптаун повторно ќе пресушат. Ако нивото на водата во резервоарите падне на 13,5 проценти, четири милиони формални жители на метрополитенското подрачје на градот ќе останат без вода во своите домови. Сето она што инаку го извршуваме без размислување – туширањето, правењето кафе, миењето садови, пуштањето вода во тоалетот, за одреден број луѓе споредлив со цела Хрватска, ќе стане недостапно или задача која ќе бара размислување и подготовки.

Денот нула првобитно е одреден за Ден на планетата Земја, на 22 април, за после примената на повеќе итни мерки неколкупати да се одложува и уште еднаш да се помести за 9 јули.

Славините би можеле да останат суви и неколку месеци, додека не наврне доволно дожд, а според предвидувањата ќе бидат потребни две години нивото на водата во резервоарите сосема да закрепне. „Предизвиците со кои ќе се соочиме можат да се споредат со оние од Њујорк на 11 септември“, очекува премиерката на провинцијата Вестерн Кејп, Хелен Зиле.

Ако настапи Денот нула жителите ќе мораат да одат по вода на едно од 200-те места во градот каде водата ќе се дава строго ограничено. Едно место ќе покрива околу 20 000 граѓани, а секој ќе може да добие 25 литри дневно, пишува Вокс. Болниците и училиштата ќе бидат изземени од овие ограничувања, но повеќето граѓани ќе мораат да се снаоѓаат како знаат и умеат. Ќе стојат во долги редови, а редот ќе го одржуваат вооружени чувари.

Секако, богатите се во привилегирана положба. Дел од имотните граѓани веќе изградиле резервоари за вода во дворовите, а водата ќе можат и да ја купат. Компаниите кои нудат да ви донесат цела цистерна вода од другите делови од земјата наголемо се огласуваат, пишува Тајм.

Јужна Африка е една од најраслоените држави во светот со оглед на висината на приходите, а денес Кејптаун е град со највисока стапка на убиства и грабежи во државата. Со оваа криза градот влегува во реалноста на Лудиот Макс, како што вели Тајм.

Подрачјето околу Кејпатун има клима слична на медитеранската. Градот се снадбува со вода од шест акумулации сместени во планинското подрачје околу градот. Акумулациите се полнат со дождовница, најмногу во текот на зимските месеци од мај до август. Нивото на водата во акумулациите вообичаено паѓа во потоплите, сушни месеци од декември до февруари, а тогаш расте и потрошувачката на вода во урбаните подрачја и за земјоделството.

Иако, за оваа криза придонесоа разни услови, на пример, драстичниот раст на бројот жители, главен виновник за падот на нивото на водата во акумулациите е катастрофалната суша што го погодува регионот од 2015 година. Владата на Јужноафриканската Република минатата недела прогласи состојба на елементарна непогода за целата држава.

„Последиците од климатските промени требаше да нè погодат во 2025 година, а дојдоа десет години порано. Ова е многу реално и предизвикувачки. Мораме сите заедно да се ангажираме, експертите веќе не можат да предвидат ништо и мораме да обезбедиме контрола барем над она што можеме да го контролираме, а тоа е нашето сопствено однесување“, вели Зиле, а пренесува британски Експрес.

Властите веќе подолго време апелираат граѓаните да ја намалат потрошувачката, па од 1 февруари за жителите и туристите е издадена наредба да не трошат повеќе од 50 литри вода дневно. За споредба, во европските држави, па и во Хрватска, потрошувачката на вода се движи околу 150 литри дневно по жител.

Градските власти после претходната поголема суша во 2003-2004 година воведоа низа мерки кои се покажаа како мошне успешни во намалувањето на потрошувачката на вода, на пример, ги поправиле пукнатите цевки. Парадоксално, токму тоа доведе до одложување на потрагата за нови извори вода, иако уште пд 2007 година државните институции предупредија дека градот мора да ги разгледа и другите извори на вода освен дождовницата, подземните води, десалинизацијата и друго, токму заради можните влијанија на климатските промени, пишува Њујорк Тајмс.

Критичарите тврдат дека власта во Кејптаун предоцна ја признала кризата и почнала со спроведување на мерките кои ја ублажуваат оваа ситуација, суша каква што не очекувале. Градот и регионот Вестерн Кејп го води коалицијата на Демократскиот сојуз, која е опозиција во Африканскиот национален конгрес кој е на власт во државата. Демократскиот сојуз често е обвинуван дека им служи на целите на белата популација, па дури и дека одржува „економски апартхејд“.

Но, надлежностите во врска со снабдувањето со вода впрочем се поделени помеѓу националните и регионалните власти, а ни на националните власти не им се брзаше да дејствуваат зашто на власт е пратија која им е политички противник, пренесуваат медиумите. Атлантик пишува дека, на пример, националната влада во првите две години од сушата не ја ограничила потрошувачката на вода во земјоделството што го интензивирало проблемот, зашто земјоделството троши една третина вода од резервоарите.

Дури сега редукциите предизвикуваат загуби во економијата, токму во земјоделството, но и туризмот. Редукциите за земјоделците значат дека регионот ќе се соочи со голем пораст на цените на храната во месеците што доаѓаат, така што освен недостапна вода посиромашните жители ќе имаат уште потежок пристап до храна.

На градот му се заканува и здравствена криза. Кога тоалетите веќе нема да можат да се чистат со вода, се заканува ширење низа болести како дизентеријата. Ако луѓето не можат да ги мијат рацете, исто така се заканува ширење заразни болести. Без доволно вода за пиење граѓаните ќе бидат изложени на ризик од дехидрација и топлотни удари.

И покрај повикот за намалување на индивидуалната потрошувачка и воведувањето казни за оние што ги прекршуваат ограничувањата, потрошувачката на вода во градот не се намали значително. Податоците од јануари зборуваат дека дури 60 проценти од жителите и натаму трошат повеќе од ограничувањето, кое тогаш било на високи 87 литри дневно.

„Мошне неверојатно е дека повеќето луѓе не се грижат и сите заедно нè испраќаат кон Денот нула“, коментираше во јануари градоначалничката Патриција де Лил. Но, мошне е неверојатно и тоа што градовите сè уште не ги спроведуваат стратегиите за долгорочна отпорност на климатските промени. Кога станува збор за солидарноста на граѓаните, солидарноста и животот во заедницата е една од нештата која теоретичарите како Ричард Хајнберг уште од претходно ја истакнуваа како клуч за прилагодување на климатските промени, но тешко е да се очекува солидарност во општество кое е сосема социјално раслоено.

Сепак, дека сè уште постои надеж за жителите на Кејптаун за избегнување на Денот нула, покажува и новото поместување на датумот за јули. Ако во јуни паднат позначителни количини дожд, овојпат Денот нула би можел да се избегне.

Доколку сепак дојде до ситуација во која богатите пијат вода од сопствените резервоари, а останатите граѓани на Кејптаун мораат да стојат во долги редови за ресурсот без кој животот е невозможен, тешко е да се верува дека оваа ситуација може да помине без насилство. И некои други градови веќе се соочуваа со слична криза, на пример бразилскиот Сао Паоло, а влијанието на климатските промени здружени со политиката која е незаинтересирана да гради долгорочна отпорност на заедницата, сигурно ќе затекне неподготвени уште многу градови.

За остатокот од светот овој пример може да послужи за освестување, момент јавноста сериозно да се запраша како се управува со водата и другите јавни добра во сопствениот двор.

Извор: http://www.h-alter.org