Русија повторно го избира Путин

17.03.2018 16:25
Русија повторно го избира Путин

Во ноември се навршија 100 години од октомвриската револуција а небаре таа се случила вчера – Русија повторно е принудена на авторитаризам наместо либерална демократија, да избира лидер со диктаторски тенденции, наместо реформатор и проевропски политичар.

Руската архаична самосвест за духовна и материјална лишеност некои на Запад ја примаат со восхит, други се шокирани. Така беше во текот на 20 век, со креацијата на Советскиот Сојуз, „занданата на народите“, исто е и сега, со жилавото опстојување на авторитарниот режим на Владимир Путин.

После 18 години власт, тој е подготвен да продолжи да владее уште шест. Ако биде избран да служи четврти претседателски мандат (тоа сигурно ќе се случи), покрај еден премиерски, тој ќе остане запаметен како руски лидер кој, после Сталин, останал најдолго на власт.

-Дали е негов последен мандат и што после Путин, се прашањата што постојано ги слушам овде. Морам да ве разочарам, тој останува на власт многу повеќе отколку што многумина сметаат и се надеваат, укажа неделава на панел во институтот Вудроу Вилсон независниот руски новинар и автор Михаил Зигар.

Зошто ниту во Америка ниту пак во Европа не е сфатливо скандалозното поведение на Русија и нејзините елити?

Замрзнати односи со САД и Велика Британија, анексија на територии, учество во специјалнa психолошко-пропагандни кампања за сеење раздор и дезинформации, воени интервенции, како и најновото – офанзивна употреба на нервен гас во Европа, првпат после Втората светска војна. Полошо и од времето на Студената војна.

Славјано-руското апсолутно поимање на светот, каде постои една вера, еден јазик, една култура и еден цар е наследено од византиската мистичко-православна традиција. Затоа кога Константинопол паѓа под јаремот на Османлиите, Москва си зема за право да се прогласи за „трет Рим“.

Ова поимање е наспроти јудео-христијанскиот западен свет каде диспутот, воден на три официјални јазика, еврејскиот, старогрчкиот и латинскиот, се јавува како основа за подоцнежниот развој на либералната демократија. Ниту западното Римско царство, ниту империјалните амбиции на Наполеон, ниту пак ефикасно организираната убиствена машина на нацистичкиот Трет рајх, не можеле да ја интегрираат Русија во јудео-христијанскиот Запад.
На тоа уште помалку се способни САД или пак Европската Унија, како реинкарнација на гореспоменатите историски ентитети.

„Царот секогаш е во право, болјарите, понекогаш“ е максимата што донекаде го објаснува потчинувачкиот код на Русите во предмодерната царистичка епоха што траела до крвавата демисија на Николај II Романов во 1918.

За разлика од западниот свет, во Русија никогаш не настапила ренесансата, модернизамот како таков на Русите им бил наметнат од Ленин и Сталин. Во форма на социјалистички општествени односи, колективна изградба и индустријализација под диктатура на комунистичката партија, а по цена на десетици милиони животи.

Често употребуван мотив во модерната руска литература е редуцирана трпеза сведена на „картошка, огурец и морковка“. Салата со варен компир и кисела краставичка, или супа од кисели краставички и ефтини колбаси, се симбол за живот на минималец, впишан во генетскиот код на хомо-советикус.

Стотици милиони луѓе, оние кои не припаѓале на 20 милионското членство на комунистичката партија (во 1960-те и 1970-те Советскиот Сојуз броел речиси 300 милиони жители), биле за навек лишени од материјалните добра и општествено-политичките процеси во земјата.

Нивниот живот бил во баланс ако на кујнската маса два-три пати неделно се служела салата или супа од варен компир и кисели краставички. А кога провидението им носело и шише вотка, иако ретко, и за време на празници кога се среќавале весели познаници и ги здружувале своите копејки, е тогаш тоа се рамнело со екстаза, со жизнерадост, а животот примал квалитет на таква филозофска исполнетост како онаа што ја имаат ликовите од филмовите на Андреј Тарковски.

Доколку во Советскиот Сојуз вотката е луксуз, Бог бил забранет од официјалната идеологија, и вербата се наоѓала само во Партијата, во денешна Русија вербата се бара во православниот Бог... и во изобилието вотка.

Путин има склучено пакт со работниот народ од бескрајните руски провинции, од каде тој го црпи својот легитимитет. Пактот е наречен стабилност за немешање во политика.

После масовните антивладини протести на плоштадот Болотнаја во Москва во декември 2011 кои пролетта 2012 кулминираа со протести против неговата инаугурација, Путин искажува посебен презир кон руската прогресивна интелигенција и тоа го потврди случајот со апсењето на режисерот Кирил Серебреников.

Ова непишано правило гарантира обезбедување на популистичката тријада варено компирче, кисела краставичка и вотка. Доволно за просечно-статистичкиот Русин да потврди во недела – гласам за Путин, ние сме нуклеарна супер-сила, великаја дјeржава, и нема повеќе да не понижуваат.

Но овој пакт има своја антитеза. Во форма на гаранција што режимот им ја дава на елитите од обоени револуции и насилна смена на власта за заштита на стекнатото богатство од сништата. Затоа во Русија речиси и немаше официјално одбележување по повод 100 годишнината од доаѓањето на Ленин и болшевиците на власт.

Режимот е смртно уплашен од зборот „револуција“ и учи од грешките на последните руски монарси, Романови, кон чие надземскo, од Бог дадено владеење Путин се стреми.