Вечер на Милица Стојанова во Крива Паланка

18.03.2018 16:58
Вечер на Милица Стојанова во Крива Паланка

На 15 март 2018 година, во Крива Паланка, родното место на Милица Стојанова, беше одржана вечер посветена на нејзиниот опус, но и на нејзиниот децениски влог во всадувањето љубов и знаење за театарот кај учениците од гимназијата „Ѓорче Петров“.

И покрај тоа што беше спречена заради здравствени причини да се израдува заедно со своите сограѓани, таа испрати порака до учениците кои растеа покрај неа читајќи го светот преку тетатрскиот јазик што таа им го откриваше:

„Драги мои пријателки и пријатели, сограѓанки и сограѓани,
Не е едноставно да се биде умен, мудар и, згора на сѐ, концизен кога се чекори низ деликатниот простор на припаѓањето, на чувствувањето... Ние сите сме номади, и симболички и фактички... Домот ни е една комплексна, флуидна категорија.

Мојот живот, може да се рече, навистина беше номадска авантура од детството, па до ден денешен. Но, низ целата таа, пред сѐ, внатрешна Одисеја, низ сите интимни транзиции, секогаш постоеше едно пристаниште во кое ја спуштав котвата. Тоа е мојата професија и сите ликови и идентитети кои ги искусив.

Тоа е и мојата порака – идентитетот, домот, припаѓањето е нешто повеќе од еден град од една држава... Станува збор за целовитост на интимната и професионалната исполнетост. Каде и да е човек, на кој било јазик да говори, важно е да се наоѓа во хармонија и во чесно содејство со своите постапки. Токму затоа, од исклучително значење ми беше посветената многугодишна работа со учениците од оваа гимназија – не само затоа што Крива Паланка е мојот роден град, туку затоа што имав возбудлива можност заедно со нив да патувам и да ги истражувам новите димензии на сцената, на театарот. Тие учеа но учев и јас.

Во ова време на интернет, на социјални мрежи, на виртуелна реалност, на забрзаност, не е едноставно да се фокусира вниманието на нешто кое навидум се чини ужасно споро, како што е театарот. Но, мојата радост е огромна што овие млади луѓе ја согледаа длабоката и бескрајно слоевита димензија на она што театарот може да го понуди, како алатка низ која калеидоскопски ги согледуваме различните нијанси на светот и на меѓучовечките односи. Благодарна сум за можноста која ми беше дадена – можност уште еднаш да ја пуштам својата котва во срцата на овие млади луѓе кои допрва ќе впловат во бурните животни предизвици. Се надевам дека искуството што го делевме ќе им биде од помош за толкувањето на светот.

Моето здравје е кревко, но мојот дух е силен. Би сакала и вие да имате секогаш силен и бодар дух, да бидете посветени во сѐ што работите и да бидете исполнети со љубов во секој свој гест. Само така животот има смисла. Ова е време кога љубовта, посветеноста, заедништвото се ставени на тежок испит. Но, постоењето ќе биде обезвреднето доколку не прегориме, ако е потребно, за да ја изврвиме врвицата на подвигот на љубовта кон животот со сите негови искушенија.

Ви посакувам на сите да имате волја, љубов и радост во сето она што ви претстои, во сите предизвици кои ќе се испречат на патот. Јас така чекорев низ животот, со љубов и со одговорност. И така ги наоѓав своите пристаништа. Така и вие...

Ви благодарам за тоа што ми го збогативте искуството и за професијата и за мојот роден град. Го напуштив како дете, му се вратив како старица. Но, со вас го оживевав она дете кое копнееше по својот роден град.“