Зошто не ми се допаѓа терминот „Западен Балкан“

19.03.2018 00:26
Зошто не ми се допаѓа терминот „Западен Балкан“

Етикетата „Западен Балкан“ веќе петнаесет години ги продлабочува стереотипите за балканската заостанатост и за балканскиот идентитет како „недооформен“ западен идентитет, ги врти државите од (Западниот) Балкан една против друга, и ги одложува нивните евроинтеграции.

На 6 февруари, Европската унија ја објави Стратегијата за Западен Балкан, истакнувајќи ја цврстата европска перспектива на шесте преостанати земји од „Западниот Балкан“. Додека некои ја видоа стратегијата како „чекор напред“, а други како „кофа студена вода“ за регионот, самиот термин „Западен Балкан“ не му зачкрипе никому. Овој шеснаесетгодишен неологизам на Европската унија, скован на еден самит помеѓу Европската унија и Западниот Балкан во 2003 во Солун, денес се користи толку лежерно и дома и надвор што одамна ги има загубено наводниците.

Како некој кој поддржува решавање на нашиот спор за името, не сум човек што крева врева околу терминологија. Сепак, овде се работи за нешто поголемо. Евентуалното прифаќање на ново име (за меѓународна употреба) од страна на Македонија, во најлош случај, би немало никакви политички импликации, а во најдобар случај драматично би ги забрзало нашите евроатлантски интеграции.

Овековечувањето на апстракцијата „Западен Балкан“, пак, досега го има спротивниот (и видлив) политички ефект: сет земји, секоја со своите предизвици (не сите заедно), се претворени во една вештачки хомогена и политички оптоварена ментална кутија.

Оттука, етикетата „Западен Балкан“ предизвикува четири ефекти: дополнително продлабочување на стереотипот за балканската заостанатост; враќање на стариот стереотип за балканскиот идентитет како „недооформен“ западен идентитет; вртење на (западно)балканските земји една против друга; и, пред сè, одлагање на истите оние евроинтеграции на регионот поради кои оваа етикета наводно беше создадена да ги забрза.

Никој не сака да биде „Балканец“

Еден германски есеист напишал дека „да не постоеше Балканот, ќе моравме да го измислиме“. Со оглед на тоа што самите „балкански“ народи ретко кога се идентификуваат како такви, Балканот е токму тоа – измислен.

Во својот брилијантен осврт врз некои од западните стереотипи за Балканот како „брутално и нецивилизирано предворје на Европа“, историчарката Марија Тодорова ја изразува својата животна борба да научи како да го „сака Балканот без ниту да се гордее со него, ниту да се срами од него“. Тодорова на маестрален начин докажува дека она што обично го доживуваме како „балканско“ почесто се темели на надворешни фантазии одошто на културната реалност. Сепак, сумирајќи ги ваквите фантазии како „балканизам“, и поставувајќи ги како лажна перцепција за „вистинскиот“ Балкан, Тодорова имплицира дека сепак постои нешто „балканско“ кое стереотипите само го извртуваат.

Ваквата импликација се коси со проникливото согледување на самата Тодорова дека сите народи на Балканскиот полуостров го имаат интернализирно „балканизмот“, прифакајќи, па дури и проширувајќи некои од негативните надворешни стереотипи за нивните култури.

Соицологот Милица Бакиќ-Хејдн има покажано дека ваквото интернализирање, наместо да служи како корисен механизам за овие народи критички да го преиспитаат својот начин на живот (чисто за да се уверат дека нема вистина во стереотипите!), всушност функционира како беспоговорно признавање на „балканската“ заостанатост и, потоа, како бесконечна борба да се прикажат себеси како што е можно помалку „Балканци“. Оттука, доколку „Балкан“ не е ништо повеќе од токсична етикета која „балканските“ нации ја отфрлаат со згрозеност, се чини дека воопшто не постои каков било „Балкан“ на кој „би биле горди“ или од кој „би се срамеле“: дури и во најдобронамерниот контекст, зборот „Балкан“ е во најмала рака бесмислен, а кога не е бесмислен, тогаш е неразделив од негативни стереотипи.

Најдобар пример за интегрално негативната конотација на зборот „Балкан“ е неговата употреба во однос на југословенските војни во 1990-тите. Додека овие војни навистина се случија (делумно) на територијата на Балканскиот полуосторов, постои јасна практична причина да не ги нарекуваме „балкански“ за да избегнеме забуна со Балканските војни од почетокот на 20-тиот век. За разлика од Балканските војни, кои вклучуваа и нејугословенски „балкански“ земји како Бугарија, Романија и Албанија, југословенските војни во 1990-тите беа директен производ на распадот на југословенската држава, и како такви можат да бидат нарекувани само „југословенски“.

Фактот што во време на Југославија терминот Балкан (за истите југословенски простори) не се користел речиси никогаш од страна на Западот покажува дека потребни биле само неколку години за луѓето на овие простори да бидат преименувани – односно деградирани – од „Југословени“ во „Балканци“. Тешкотиите да се сфати како потомците на импресивната држава на Тито одеднаш почнаа да се колат едни со други ја наметнаа потребата преку ноќ да бидеме преименувани во „Балканци“ за да се вклопиме во варварскиот профил на воени фанатици.

И ден денес, водечки западни медиумски куќи како Би-Би-Си и Си-Ен-Ен ги нарекуваат конфликтите во Југославија „балкански војни“. Очигледно, балканската етикета е достапна за позајмување секогаш кога ќе се јави потреба од омаловажување, при што се вметнува дури и во контексти во кои никогаш не била употребувана. Ваквата етикета го има надминато Балканскиот полуостров, станувајќи самостоен концепт: дури и Германците понекогаш знаат потсмешливо да ги наречат Австријците „Балканци“.

Доколку ниту ова не ја докажува интегрално негативната конотација на балканската етикета, доволно е да согледаме дека зборот „балканизација“ (balkanization) е всушност стандарден збор во неколку европски јазици (синоним за „фрагментација“), употребуван дури и во сосема небалкански контексти. На пример, кога папата Франциско го употреби овој термин по референдумот за Брегзит со цел да предупреди за „балканизацијата“ на самата ЕУ, иронијата беше навистина голема.

(Западен) Балкан = „недооформен“ Запад

Очигледно, никој не го сака Балканот. Дали ова важи и за „Западен Балкан“? Дали овој неологизам на ЕУ, преку додавката „Западен“, ја чисти балканската етикета од својата интегрално негативна конотација? Она што е јасно е дека (се) предлага еден поинаков тип на „балканство“ во однос на оној од 1990-тите, кога поради југословенските војни балканската етикета го достигна дното (во својата секогаш негативна историја). Тогаш се сметаше дека Балканот е „неспособен да се промени“ и дека засекогаш ќе остане во својата „временска капсула: театарска сцена со пригушено светло на која луѓето беснеат, пролеваат крв и доживуваат визии и екстази“.

Денес, од друга страна, Западниот Балкан се дефинира токму низ можноста за промена (преку евроинтеграциите). Човек може дури и да помисли дека ненадејниот спој на дотогашните антиподи „Запад“ и „Балкан“ во „Западен Балкан“ е всушност добронамерен, односно да го толкува како израз на вербата на ЕУ дека земјите-кандидатки ќе ја спојат својата сегашна „балканштина“ со посакуваното „европејство“.

Сепак, доколку ја прашаме Тодорова, таа речиси со сигурност не само што би била внимателна во сфаќањето на „Западниот Балкан“ како позитивна промена на перцепцијата, туку воопшто не би видела промена во однос на традиционалната претстава за Балканот.

Впрочем, тезите на Тодорова се дистинктивни од оние на Едвард Саид во неговото дело „Ориентализам“ токму поради идејата дека, за разлика од Истокот, кој се доживува како „спротивен свет на Западот одделен од него со непремостлив јаз“, Балканот се доживува како „полуразвиен и полуцивилизиран мост помеѓу две фази на развој“. Флуидната категорија „Западен Балкан“ совршено го репродуцира ваквиот концепт на нецелосност, бидејќи членството во оваа категорија е дефинирано преку процесот на пристапување кон ЕУ и истекува во истата секунда кога земјата ќе влезе во ЕУ.

Оттука, „западнобалканската“ варијанта не е ништо повеќе од една модерна верзија на традиционалниот стереотип за Балканот како безличен ентитет, чија единствена цел е да фати приклучок со Западот како симбол за цивилизираност.

Вон ваквото фаќање приклучок, на Балканот не му се припишуваат никакви дистинктивни особини, што го прави бесмислен како концепт. Оттука, единствениот ефект на неологизмот „Западен Балкан“ не е да ја исчисти балканската етикета од нејзината токсична конотација, туку формално да ја овековечи секогаш присутната слика за Балканот како недооформен простор во лимбо-состојба. Ваквата слика неизбежно предизвикува сурова трка последниве години помеѓу „западнобалканските“ народи за тоа кој побрзо ќе ја надрасне сопствената „балканштина“.

„Е не, ти си поголем Балканец!“

„Никој не сака да биде дел од Балканот. За Хрватите, Балканот започнува во Босна; за Босанците, во Србија; за Србите, во Романија“. Ваквото до болка прецизно согледување за тоа како „балканските“ народи го репродуцираат балканскиот стереотип не го дава аналитичар, туку четиринаесетгодишно момче од Загреб.

Што ЕУ навистина сакала да постигне со терминот „Западен Балкан“ е неважно бидејќи кога се кова нов концепт, мора да се води грижа за неговата интертекстуалност, односно за сите постоечки конотации кои новиот концепт би можел да ги побуди. Бидејќи балканската етикета никогаш не била прифаќана од никого, туку со згрозеност му била префрлана на соседот, јасно е дека ЕУ не можела да очекува од овие земји да го прифатат концептот „Западен Балкан“ како колективна можност за „европеизација“ (напредување), наместо како напредување на едни на сметка на понатамошната „балканизација“ (назадување) на други.

Терминот „Западен Балкан“ е не само штетен за регионалната соработка за време на евроинтеграцискиот процес, туку наметнува уште еден дополнителен проблем: фиксниот датум на истекување на членството во „западнобалканската“ категорија. Откако влезе во ЕУ во 2011, со тоа напуштајќи го „Западниот Балкан“, Хрватска наеднаш беше изоставена од официјалните критики на ЕУ за недоволно пост-воено помирување, па дури и регионалните младински семинари за помирување ги изоставија хрватските студенти од своите програми.

Ако се има ова предвид, изјавата на (наводно умерениот) хрватски премиер Андреј Пленковиќ дека неодамнешната пресуда против хрватските воени злосторници во Босна е „морална неправда“ не требаше да изненади никого: членството во ЕУ не може да биде магично стапче кое ќе го избрише негирањето на сопствените злосторства во едно пост-воено општество. Хрватска формално го „напушти“ Западниот Балкан, но дали „Балканот“ ја напушти Хрватска?

Заглавени во чекалната на ЕУ

Постои очигледна корелација помеѓу вкоренувањето на етикетата „Западен Балкан“ и исклучително бавниот ритам на евроинтеграциите во регионот. Интересно е што уште многу пред 2003, ЕУ (разбирливо) се обиде да го одвои нашиот пост-воен регион од остатокот од екс-комунистичкиот блок. Основан во 1999, Пактот за стабилност во Југоисточна Европа меѓудругото ги вклучуваше и сите седум нации кои четири години подоцна ќе станат дел од „Западниот Балкан“ (минус Црна Гора и Косово, кои тогаш сè уште не беа независни држави).

Зошто тогаш на крајот ЕУ сепак се одлучи за терминот „Западен Балкан“ наместо за „Југоисточна Европа“? Со оглед на тоа што секоја од седумте засегнати држави навистина се наоѓа во југоисточна Европа, овој географски термин ќе беше неутрално решение неоптоварено со негативните стереотипи за Балканот. Дали можеби се сметало дека влегувањето во ЕУ на Бугарија и Романија пред останатите би ја направило категоријата „Југоисточна Европа“ бесмислена? Но, зошто тогаш „Западен Балкан“ се употребува и ден денес иако Хрватска влезе во ЕУ уште во 2011?

Проширувањето на ЕУ со десет нови држави (повеќето од нив екс-комунистички) во 2004 произведе анксиозност која несомнено придонесе за формирањето на некои од денес веќе етаблираните евроскептични партии низ Европа. Истата оваа анскиозност можеби беше и скришниот кум на етикетата „Западен Балкан“. Оставањето на „западнобалканските“ држави во иста, неименувана категорија со двете источноевропски држави кои не влегоа во ЕУ во 2004, Романија и Бугарија, ќе имплицираше дека ниту една од овие држави не е фундаментално дистинктивна од оние кои влегоа во 2004.

Последново, пак, ќе имплицираше дека проширувањето на ЕУ кон Источна Европа само започнало во 2004, односно дека треба да биде што поскоро комплетирано со приемот на еднаков број екс-комунистички држави колку што биле примени и во 2004, само помалку развиени, понестабилни и со огромно иселување. Затоа, создавањето на етикетата „Западен Балкан“ симболично го одложи приемот на овие држави на неодредено, лишувајќи ги безмалку со еден потег од нивното „(југо)источно европејство“, односно враќајќи им го стариот и добропознат статус на „Балканци“.

Етикетата „Западен Балкан“ се покажа како лоша идеја и за ЕУ и за самите (западно) балкански држави. Петнаесет години по создавањето на „Западниот Балкан“, евроскептицизмот ја тресе ЕУ дури и посилно одошто пред 2003. Во самиот „Западен Балкан“, пак, долгогодишните козметички реформи навистина направија „балканското“ да изгледа неспоиво со „западното“. Додека Македонија се наоѓа над регионалниот просек во овој поглед, процентот од вкупното население во „западнобалканските“ држави кој негува позитивен став за ЕУ е едвај поголем од 50 отсто. За жал, се чини дека старата стереотипна претстава за (Западниот) Балкан како лимбо-простор во предворјето на Западот постепено се претвора во реалност.

Слики: Flickr

Извор: respublica.edu

 

ОкоБоли главаВицФото